Допирот на жената ве прави посигурни

Научниците сметаат дека ова е последица на начинот на кој мајките ги допираат своите деца поради што бебињата се чувствуваат посигурни.

09:00 | 14.05.2010 | Автор: Шпиц
Ако жена ве потапка по грбот, без разлика дали сте машко или женско, ќе се чувствувате посигурно и ќе преземете поризични потези.
Физичкиот контакт, но само ако ве допира женска рака ги поттикнува финансиски поризичните однесувања кај луѓето.
Допирот на жената е сосема доволен за луѓето да заборават на претпазливоста, е заклучок на новата студија објавена во медицинскиот магазин „Псајколоџикал сајенс“.
Научниците сметаат дека ова е последица на начинот на кој мајките ги допираат своите деца поради што бебињата се чувствуваат посигурни.
Малите деца поради тоа се позаинтересирани да истражуваат непознати и за нив чудни ситуации.
Џонатан Левав од Универзитетот „Колумбија“ и Џенифер Џ. Арго од Универзитетот „Алберт“ спровеле истражување за да утврдат што се случува кога бебињата ќе пораснат. Дали телесниот контакт има исти ефекти со спремноста на ризикување кај возрасните?
Учесниците во истражувањето требало да инвестираат пари или да се коцкаат, а научниците следеле колку тие при тоа се спремни да ризикуваат. Во почетокот волонтерите биле дочекани на различни начини: едните ги поздравила жена, другите - маж, третите биле дочекани со лесен допир по рамениците, четвртите со стисок на рацете, додека последната група немала никаков физички допир.
На крајот на експериментот, испитаниците требало да пополнат формулар и да објаснат колку се сигурни во себе. Оние кои биле тапкани по рамениците од страна на жена се чувствувале посигурно и се однесувале поризично од другите. Посилно дејство имало тапкањето по рамениците отколку стисокот на рацете. Но, оние кои биле потапкувани или со кои се ракувал маж не почувствувале ниту поголема сигурност ниту били склони на ризик.
Резултатите сугерираат дека женскиот допир влијае на возрасните еднакво како и на бебињата, се чувствуваат посигурно и поспремно на ризично однесување.