» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Македонците се трујат од бактерии од фекално потекло
Во последните пет години наназад, во Македонија бројот на затруени од храна изнесува од 9 до 11 илјади, а честа причина за труењето е неприменувањето добра хигиенска практика.
10:00 | 26.08.2010 | Автор: Шпиц
Непридржувањето кон стандардите и принципите на добро производство и хигиенска практика доведува до труење без оглед дали се работи за примарно производство, во процесот на произведување или пак при начинот на приготвување во угостителски објекти или домашни кујни. Поради тоа доаѓа до труење со храна која содржи бактерии од фекално потекло.
Веќе пет години наназад, во просек од 9 до 11 илјади изнесува бројката на случаи затруени со храна по објекти во Македонија. Минатата година труењето се појавуваше претежно кај деца од училишна возраст, но оваа година ги погодува и возрасните. Последното труење се случи пред неколку дена кога три кошаркарки од Европското кадетско првенство, кое се одржа во Скопје, две Словенки и една Британка беа префрлени на инфективната клиника, откако јаделе оброк од пилешки стек и макарони со јајца од хотелот „Континентал“. Пред тоа, во април годинава имаше 72 случаи на аеродромот „Александар Велики“, а најчеста причина биле контаминентни бактерии чиј раст и развој е настанат по послужувањето со храна.
- Во случајот со труењето на „Александар Велики“ беше утврдено дека периодот од послужувањето на храната до нејзиното консумирање изнесува дури 4 часа. Според ХАСАП-стандардите, храната треба да се консумира во период од два часа од послужувањето и доколку храната се чува на температура помала од плус 63 целзиусови степени може да настане развој на бактериите до 2 милиони во еден грам, што предизвикува зголемување на телесната температура, повраќање и пролив - објаснува Божин Петрески од Дирекцијата за храна.
Тој додава дека е многу тешко да се докаже труење со храна во Македонија бидејќи периодот од консумирањето на храната и развој на токсини во организмот кои ги лачи бактеријата може да биде од неколку часа до 50 дена, поради тоа е тешко да се направи поврзаност со храна што сме ја консумирале пред 50 дена. Сите труења во Македонија кои се настанати со храна се од бактерии од фекално потекло, односно неприменување на стандардите на добра хигиенска практика на храна и на работната опрема.
Внимавајте при јадење во ресторани
Божиновски истакнува дека многу е важно граѓаните кога јадат во ресторани или сендвичарници да внимаваат на начинот на послужување, кој треба да биде исклучиво со заштитни ракавици. Тој додава и дека не смее лице што боледува од жолтица или од други цревни заболувања да приготвува храна. Во многу ризична храна спаѓа онаа која е приготвена и послужена по 24 часа и доколку не е чувана на температура од 4 Целзиусови степени, а особено ако комплексно поминува низ температурата од 4 до 63 Целзиусови степени повеќе пати. Храната по приготвувањето треба да се послужи веднаш, односно најдоцна до 20 минути. Додека при купување готови производи граѓаните треба да внимаваат на рокот на употреба, дали е оштетена амбалажата и дали на производот е декларирано дека содржи алергени како што се млечните производи, јајцата и јаткасти овошја: лешници, бадеми, фстаци, кикиритки, кои се најголеми предизвикувачи на труења.


