Менопаузата ги напаѓа и мажите

Исто како и жените, хормоналните промени можат да ги направат депресивни и мажите и да доведат до промени во расположението и до раздразливост

21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц

Кога мажите ќе дојдат на возраст меѓу 40 и 55 години, можат да искусат феномен сличен на женската менопауза, наречен андропауза. Кај мажите на 40 години се намалува нивото на одредени хормони, а најмногу на тестостеронот. Резултат на тоа е андропаузата. Сепак, овие хормонални промени не се толку драстични како кај менопаузата кај жените. Кога би го прикажале тоа сликовито, тогаш менопаузата би можела да се спореди со скокање од планина, а андропаузата е послична на бавна прошетка при симнувањето од истата планина.
Намалувањето на нивото на тестостеронот, исто така, ги прави мажите поподложни на срцеви болести, а влијае и врз намалувањето на густината на коските, па мажите се понаклонети кон повреди. Лекарите напоменуваат дека андропаузата не е исто што и кризата на средните години, која е психо-социјален проблем. Исто така, не подлегнуваат сите мажи на андропауза. Научниците ја разгледуваат можноста со хормоналните терапии да се ублажат последиците од намалувањето на нивото на хормоните во организмот. Меѓутоа, се уште се испитуваат можните нуспојави.
За разлика од жените, мажите немаат јасен знак, каков што кај жените е губењето на менструацијата, кој би ја обележал оваа транзиција. И едните и другите имаат намалување во нивото на хормоните, но телесните промени кај мажот настануваат многу постапно, можат да бидат следени со промени во однесувањето, расположението, се јавува премореност, губење на енергија, сексуалниот нагон и на физичката агилност. Иако со годините доаѓа до пад на тестостеронот, кај сите мажи, не постои начин да се предвиди кој од нив ќе ги искуси андропаузалните симптоми со доволна силина за да побара медицинска помош. Исто така, непредвидливо е на која возраст ќе настанат симптомите на одредена личност. Симптомите кај секој човек може да бидат поинакви, па е нужен индивидуален пристап доколку се појават здравствени тешкотии врзани со падот на нивото на тестостеронот.
Тестовите за биорасположлив тестостерон не биле достапни до неодамна, па андропаузата подолг период била многу малку дијагностицирана и лекувана. Лекарите секогаш не помислувале на ниското ниво на тестостеронот како можна причина за проблемите на мажите на оваа возраст, па ги врзувале со стареењето и често ги поттикнувале пациентите да го прифатат фактот дека веќе не се во цветот на младоста.