На повидок нов лек против Алцхајмерова болест

Со новиот лек, главниот прекинувач за памтење во мозокот повторно се вклучува и способноста на мозокот да ги складира информациите драстично се зголемува

09:00 | 13.05.2010 | Автор: МИА

Германските истражувачи го откриле главниот прекинувач за памтење во мозокот и можноста дека заедно со помош на новите лекови може да се спречи Алцхајмеровата болест.
Кога ќе се исклучи тој прекинувач во мозокот, поради старост или болест, памтењето слабее. Но, кога ќе се употреби новиот лек кој повторно го вклучува, способноста на мозокот да ги складира информациите драстично се зголемува, што го потврдува експериментот направен на глувците. Во таа пригода е користен препаратот „вориностат“, кој веќе се применува за лекување на реткиот вид рак на крвта, но кој е разорен за човечкиот мозок.
Научниците од Европскиот невролошки институт во Германија сметаат дека сличен прекинувач постои и кај луѓето.
Доктор Андре Фишер при вршењето на експериментот во мозокот на глувците открил минијатурна белковина позната како Х4К12 и заклучил дека таа ги контролира гените кои имаат клучна улога во памтењето и во учењето.
- Фармацевтските компании мораат да знаат на што да се фокусираат кога го прават лекот против Алцхајмеровата болест. Речиси сум сигурен дека во наредните 10 години ќе го имаме препаратот, кој ќе можеме да го примениме - објаснува Фишер.
Доколку научниците успеат да ги пронајдат и другите прекинувачи кои дејствуваат на сличен начин, стручњаците би го усовршиле лекувањето на останатите болести, како што се шизофренијата или Паркинсоновата болест.
Иако ова експериментирање е правено врз глувци, ова истражување помага да се сфати како настануваат и функционираат сеќавањата во мозокот.
Експертите напоменуваат дека истражувањата од ваков тип се многу драгоцени бидејќи секој трет човек умира од деменција (губиток на памтењето) и дека бројот на заболени од Алцхајмерова болест во иднина ќе се зголеми за двапати.

Тагови (карактеристични поими за веста):
|