Полово преносливи болести во летниот период

10:00 | 24.08.2010 | Автор: Шпиц
Сексуално преносливите болести (СПБ) се предизвикуваат од страна на многу микроорганизми. Од инфекциите се погодени сексуално активните двојки, додека тие можат да се пренесат и на новороденчето за време на породувањето ако мајката е заразена. Овие болести можат да предизвикаат неплодност, вонматерична бременост, чести спонтани абортуси, предвремено породување, како и воспаленија на внатрешните генитални органи и кај мажите и кај жените. СПБ се почести во летниот период поради почестите социјални контакти. Симптомите можат да бидат благи, непрепознатливи и во комбинација со стравот од реакција на околината, многу од случаите остануваат недијагностицирани и нелекувани. Постојат и болести кои се пренесуваат преку сексуален однос и не се манифестираат на половите органи, како што е случајот со хепатит или ХИВ-инфекциите. Предизвикувачите на половите болести се бактерии, вируси, габи и паразити. Достапна е антибактериска, антигабична и антипаразитска терапија, додека за вирусните болести (ХИВ или хепатит) не постои соодветен антивирусен лек. Откако лицето еднаш било заразено со некоја СПБ и се излечило, може повторно да се зарази со истата, бидејќи не се создава имунитет.
Кај мажите инфекциите најчесто се создаваат неколку дена по ризичниот контакт (1-10 дена). Воспалението на мочниот канал може да се јави и како последица на инфекција и од некои неинфективни состојби. Симптомите, доколку постојат, се карактеризираат со гноен или чист исцедок во каналот на пенисот, отежнато мокрење, појава на чешање или болки при мокрење. Многу се чести и асимптоматските инфекции кога не постојат никакви тешкотии или тие се минимални.
Како и кај мажите, така и кај жените се јавува воспаление на мочниот канал, но со многу послабо изразени тегоби, доколку и воопшто ги има. Периодот на инкубацијата (време од заразување до манифестација на болеста) е ист како и кај мажите.
Кај жените најчесто се јавува воспаление на грлото на матката. Ретко се јавуваат изразени тегоби, со што се отежнува раното откривање. Кај некои жени се јавува посилен секрет и крвавење надвор од менструалниот циклус. Доколку инфекцијата се шири, може да се развие воспаление на матката, јајцеводите и јајниците, честопати придружено со тешка општа состојба.
Најчесто заболуваат младите и здрави жени. Стерилитетот е честа
последица на воспалението на матката и јајниците. При породувањето, може да се инфицира и новороденчето доколку мајката е заразена. Најдобриот начин за спречување на појавата на болеста е апстиненција од сексуални односи со заразена личност. Искреноста и довербата се клучни фактори во спречување на ширењето на болеста. Доколку сте имале ризични сексуални односи или се сомневате за можна инфекција,
тоа треба да му го кажете и на вашиот партнер. Партнерот треба да биде запознаен за евентуалните ризици. Најдобро би било секогаш кога постои сомневање за можна инфекција, пред да се стапи во сексуални односи да се направи комплетен преглед и лабораториско испитување.