Рак на грлото на матката - во Македонија, годишно, повеќе од 200 заболени

14:30 | 27.01.2010 | Автор: МИА

Речиси секој случај на рак на грлото на матката може да се спречи со редовни гинеколошки прегледи и со вакцинација против ХПВ. Повеќе од 200 жени во Македонија секоја година заболуваат од рак на грло на матка, а приближно половина од нив умираат. Во светски размери годишно се регистрираат околу 500.000 нови случаи, од кои дури 300.000 завршуваат со смрт.

Здружението за борба против рак - Борка и Здружението за ХПВ на Македонија денеска организираа едукативна сесија за превенција од оваа болест која се реализира во рамките на глобалната акција „Бисер на мудроста“. Тие ја најавија Неделата за превенција од рак на грлото на матката и спроведоа едукација за повеќе од сто и педесет жени.

На едукативната сесија учествуваа министрите за здравство и за внатрешни работи Бујар Османи и Гордана Јанкулоска, како и претставници на невладини организации.

Министерот Османи, истакна дека со ваков организиран пристап може да се испрати порака до оние на кои им е неопходна во однос на превентивните мерки за спречување на малигните заболувања, имајќи го предвид трендот на нивно постојано зголемување.

Оваа година, рече тој, воведуваме и Програма за рана детекција на малигни заболувања во чии рамки ќе почне организиран скрининг за рак на грлото на матката во пилот-градовите Прилеп, Гостивар, Свети Николе и Штип, каде жените ќе бидат повикани на конкретен датум да се јават во здравствена установа за да може да го извршат тој преглед.

Андреа Илјаж, референт за култура и печат при Словенечката амбасада во Македонија рече дека тие имаат еден од најстарите државни регистри за рак во Европа.

- Во Словенија има Програма за целосни прегледи за рано откривање на рак на грлото на матката. Словенечките жени добро ја прифаќаат Програмата за целосни гинеколошки прегледи и ги прават повеќе од 70 отсто од нив. Во Словенија во првите шест години од објавувањето на Програмата инциденцата на рак на грлото на матката е намалена за 140 отсто, истакна Илјаж.

Претставникот на Американската амбасада во Македонија, Солве Рикер потенцира дека повеќе од две милијарди долари се трошат за лекување на рак на грлото на матката во САД и оти се препорачува секоја година жените да направат ПАП и ХПВ тестови.

Инфекцијата со високоризични типови на ХПВ се главен фактор во настанувањето на ракот на грлото на матката. ХПВ инфекцијата најчесто се пренесува преку сексуален однос, но и преку неполов пат (од мајка на дете, облека, хируршки ракавици и др). ХПВ вакцината овозможува заштита од двата најчести високоризични типови на ХПВ (16 и 18) кои во најголем број случаи предизвикуваат рак на грлото на матката.

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита Јованка Костовска истакна дека во Македонија кога почна вакцинацијата против ХПВ се вакцинирале 4.500 девојчиња на возраст од 9 до 26 години.

- Овој период обезбедени се доволен број вакцини и за редовна и за незадолжителна вакцинација. Одѕивот е многу послаб. Од онаа редовна задолжителна вакцина кај девојчиња на 12 годишна возраст вакцинирани се 2.600, што значи околу 20 отсто од вкупно 14.000, кои е потребно да се вакцинираат. Како незадолжителна по заводите за здравствена заштита вакцината ја примиле 120 девојки. Од сите досега дадени вакцини во државата нема ниту едно пријавено несакано дејство, додаде Костовска