» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Се гледа крајот на астмата
Клеточната пумпа „Серца 2“ го пумпа калциумот од клетките и доведува до опуштање на мускулите и до промена на дишните патишта
21:00 | 08.03.2010 | Автор: Шпиц
Откриена е клучната компонента за развојот на хроничната астма, протеинот наречен „Серца 2“, покажуваат најновите истражувања на научниците од лондонскиот Универзитет „Кингс“. Според покажаните резултати, лековите кои влијаат врз присуството на овој протеин во клетките би можеле да го спречат оштетувањето на белите дробови, односно појавувањето на хроничната астма.
Во текот на развојот на астмата доаѓа до промена на дишните патишта, кои поради т.н. клеточна пумпа наречена „Серца 2“ стануваат чувствителни на алергиите.
Овој протеин го пумпа калциумот од клетките и доведува до опуштање на мускулите. Спроведените тестирања покажале дека со отстранувањето на „Серца 2“ од клетките на здравите луѓе би можеле да се добијат клетки со слични својства како и кај лицата заболени од астма.
Астмата претставува хронично воспаление на дишните патишта, кое доведува до собирање на бронхите и до воспаление на слузницата на трахеите, поради што се јавуваат проблеми при дишењето.
Астмата ги прави пречувствителни дишните патишта, особено по изложувањето на различните иританси, кои се придвижувачи на оваа состојба и кои доведуваат до лимитиран протек на воздухот.
Симптомите на астмата се повторени напади на кашлање, притисок во градниот кош, карактеристично свирење во градите и отежнато дишење.
Нападите на астма се повремени, но воспалението на дишните патишта е константно. Вообичаени причини за астмата се вирусните инфекции, алергените од домашните животни, никотинскиот чад, загадениот воздух, сувиот или влажен воздух, физичката активност, средствата за чистење, неконтролираното користење антибиотици и психичкиот стрес.
Астмата и поврзаните алергии се во голем подем во последните триесет години. Децата се најчести жртви на оваа болест. Во западните земји, бројот на заболените од астма е во голем пораст, а особено ги напаѓа лицата кои мигрираат од земјите од развој во развиените или од селата во градовите. Најновите истражувања покажуваат дека зголемената телесна тежина влијае врз порастот на заболување од астма за 50 отсто, а кај прекумерното дебелите лица е забележан пораст за 100 отсто. Исто така и поврзаноста на алергиите во фамилијата (меѓу родителите и децата) е голема, односно се работи за генетска предиспозиција. Астмата бара долготрајно лекување, а повеќето од болните треба секојдневно да ја земаат потребната терапија. Лековите дејствуваат на симптомите, но не и на причините за болеста.


