Жените што малку спијат, имаат поголем стомак

11:00 | 03.05.2010 | Автор: МИА
Колку помалку сон, толку поголем стомак и поширока половина, покажуваат резултатите од едно ново шведско истражување за жени во Упсала, што ги пренесува дневниот весник „Гетеборг-постен“.Во студијата, како што јави дописникот на МИА од Гетеборг, се споредуваат жени што спијат најмалку осум часови ноќе, со оние што спијат помалку. Меѓу жените што спијат екстремно кратко, оние што спијат помалку од пет часа, просечната широчина на половината била девет сантиметри поголема од оние кои спиеле осум часови или повеќе.– Поврзаноста меѓу краткото време на спиење и вишокот килограми на стомакот е особено присутна кај помладите жени, вели медицинската сестра Јени Теорел-Хаглов од Академската болница во Упсала.Во студијата, со која биле опфатени 400 жени, се констатира дека постојат повеќе можни објаснувања за зголемувањето на телесната тежина во пределот на стомакот. – Краткото време на спиење го нарушува производството на кортисол и хормоните за растење на начин кој може да придонесе кон зголемување на телесната тежина. Едновремено кусиот сон значи дека повеќе време се минува во будна состојба со можност да се конзумира храна, вели Јени Теорел-Хаглов.