Фаќајќи го бидермаерот, на Јанкуловска и ги скршиле очилата

21:15 | 05.02.2010 | Автор: Шпиц
Од свадбата на заменик-министерот за труд и социјала Спиро Ристевски и неговата избраничка Маја Несторовска министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска дома се вратила со скршени очила. На неодамнешната веселба во „Александар палас“, со музиката на бендот на Тоше и Зоран Џорлев, министерката била една од највеселите. Не застанала со играње, и на забавно и на народно. На иста маса со неа уживале и министерот за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
Кога дошол ред немажените девојки да се обидат да го фатат бидермаерот, а со тоа се верува дека ќе стасаат до побрзо мажење, Ставревски ја однел Јанкуловска пред масата на невестата.
Во битката која попрво да дојде до бидермаерот неколкуте девојки ја излактале министерката, така што нејзините очила паднале и се скршиле. Најблиските пријатели наводно ја утешиле дека со тоа се разбил малерот и дека неа ќе и тргне уште подобро отколку на таа што го фатила цветниот невестински букет.