Ксенија Пајчин и Филип: Плодот на љубовта ги одведе во смрт

21:00 | 17.03.2010 | Автор: Валентина Ѓоргиевска

Завчера попладнето престана да чука срцето на темпераментната српска поп-пејачка Ксенија Пајчин и на нејзиното момче Филип Каписода. Тие беа најдени прострелани во станот на улицата Никшиќка број 6, во белградската населба Вождовац, каде што Ксенија живееше со мајка си. Нивните безживотни тела ги пронашла мајка и Љубица, завчера околу 19 часот.
Полицијата се уште истражува, а најверојатно се работи за убиство и самоубиство. Ксенија била со две прострелни рани во главата, а Каписода со една излезна на темето.
- Телото на Ксенија било најдено во ходникот, а на Филип во соба. Ксенија бегала до него во ходникот- наведува извор близок до „Блиц“, кој вели дека тоа укажува оти Филип ја убил Ксенија, а потоа си пукал во главата.
Филип и Ксенија тајната за трагедијата ја понесоа со себе, иако српските медиуми веќе наведуваат бебето што го носела пејачката, ги одвело во смрт. Наводно, причината за убиството и самоубиството не била љубомората на Филип, ами бременоста на Ксенија, која откако дознала дека е во блажена состојба не сакала да го сочува плодот. Наспроти тоа, Каписода се трудел да ја убеди дека бебето им се случува во вистински момент. Ксенија во медиумите негираше дека е бремена.
Поради бурните расправии на двојката, неколкупати интервенирала и српската полиција. Филип во неделата се обидел со нога да ја разбие вратата, па соседите викнале полиција. Полицијата интервенирала и во понеделникот и повторно спречила тепачка. Ксенија добила модринки по лицето и не сакала да го напушти станот. Наводно, таа сакала да ја раскине врската, но тој не се согласувал, дури и сакал брак.
Белграѓанката со големо срце ќе ја паметат како поинаква и единствена на естрадата, искрена, отворена и весела. Бурната врска на Ксенија (32) со десет години помладиот црногорски манекен, почна во 2008 година, една година откако се запознале на Цетиње.
- Покрај себе имам личност која целосно ми одговара. Филип е убаво и добро момче. Цело време се прашувам: „Е, каде си бил досега?“. Од кога сме заедно за него имам само најпофални зборови. Првпат сум во ситуација да не морам никому ништо да објаснувам, да се разбираме во се и да не ме осудува за ништо. Повеќето момци не можат да се снајдат со силни жени, што не е случај со него, најчесто вака пејачката зборуваше за својата врска.
Се до минатата година, додека Филип не влезе во реалното шоу „Големиот брат“ беше познат само како момчето на Ксенија. Но, неколку дена пред да излезе од шоуто Ксенија на ТВ „Пинк“ зборуваше дека Филип „ ја изгубил шансата кај неа кога влегол во куќата и дека не е интелигентен, но и дека не е толку глуп колку што го претставуваат...“.
Црногорскиот манекен тогаш реши да стави точка на нивната врска.Во медиумите потенцираше дека често се караат со својата девојка, но дека разликата од десет година не му претставува пречка да биде со неа.
Врската ја обновија кон крајот на минатата година. Пред еден месец двајцата доживеаја сообраќајка во близина на Белград, во која беа полесно повредени.
Иако голем број од јавните личности не кријат дека поседуваат оружје, Ксенија не беше една од нив. Таа за едно машко списание се фотографираше со оружје, но на шега рекла дека се „вооружила за да ги одбие лошите додворувачи“.
- Мојот став е дека оружјето се користи само за стрелање - изјави тогаш пејачката.