Абецедар на тоталитаризмот
18.08.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 510
Написот објавен во „Фокус“ од Ване Цветанов, вмровецот со педигре кој даде оставка на функцијата или беше отпуштен, кажува многу за природата на режимот кој го троши нашето Денес, така што се расфрла со нашето Утре. Без оглед дали прво бил разрешен, а потоа си дал оставка, или прво си дал оставка, а потоа бил разрешен, задоцнетото прогледување придонесува за разголување на машинеријата, која не допушта и безмилосно гази каков и да е отпор, во партијата и надвор од неа.
Она во што не можам да се согласам со Ване Цветанов е неговиот (можеби) несакан и несвесен обид да најде оправдување за сопственото премногу долго учество во неделото на груевци. „Народот ни е премногу оддалечен од Бога, вредносниот систем е нарушен, извртен, а власта и манирите на власта се рефлексија на културата и менталитетот на народот“, тврди тој во написот со наднаслов „Каков народ, таква власт“. За среќа, свесно или несвесно, веднаш потоа го повлекува своето простување на гревовите на неговите надредени зашто знае дека тие „...знаат дека има многу валкани начини како да се заведе народот да подлегне на пропагандата и да влезе во стапицата. Таа, пак, стапицата, е многу проста и едноставна - постојано некој друг е виновен за состојбата и проблемите и, доколку некој дежурен виновник исчезне, експресно се наоѓа нов виновник, кој станува виновен за сè. (...) Нешто како во 1984 од Џорџ Орвел. Ете така, лека-полека, згаснува демократијата и сигурно се влегува во диктаторски режим на општествено уредување!“.
Две нешта во написот на вмровецот, кој тврди дека има подолг партиски стаж од лидерот, бараат уточнување. Најпрвин, Орвел не пишувал за диктаторски режим, туку за тоталитарна држава. Потоа, ниту Орвел, ниту другите критичари на тоталитаризмот не сметале дека корените на опиеноста од неслободата лежат во преголемата оддалеченост на народот од Бога. Не знам што мисли Бог за нашите властодршци, но знам дека нашите попови ги благословија сите нивни потфати. За да ги поткрепам моите аргументи, ќе посегнам по една од моите летни лектири, книгата „Бог не е голем“ од Кристофер Хиченс, најлуцидната критика на нездравиот брак на политичкото и верското, бракот без кој не е можно неслободата да се доживува како ослободување.
Поимот „тоталитарно“ најверојатно прв го употребил марксистичкиот дисидент Виктор Серж, кој бил вџашен од крвавата жетва на сталинизмот. Поимот го популаризирала секуларната Еврејка Хана Арент, која избегала од пеколот на Третиот Рајх и ги напишала „Корените на тоталитаризмот“. Хиченс го смета поимот тоталитаризам за корисен, зашто ги разграничува „обичните“ форми на деспотизам - оние кои само изнудуваат послушност од своите поданици - од апсолутистичките системи, кои бараат граѓаните да станат комплетни поданици и целосно да ги предадат своите животи и личности на државата или на врховниот лидер.
Хиченс потсетува дека во најголемиот дел од историјата на човештвото, идејата за тотална или апсолутна држава била непосредно поврзана со религијата. Владетелите вообичаено имале при рака свештеници, за да ги потсетат поданиците дека она што го барале тие било должност на поданиците, но вистински застрашувачките деспотизми биле оние кои ги посакувале и содржините и на срцето и на главата на поданиците.
„Проклет да биде тој дење и проклет да биде ноќе. Проклет да биде кога спие и проклет да биде кога е буден, проклет на доаѓање и проклет на заминување. (...) Господ нека му го уништи името под сонцето и нека го отсече поради неговото недело од сите племиња на Израел, со сите небески клетви што се запишани во книгата на законот“, вака го екскомуницирале, отсекле, проколнале и го анатемисале филозофот Барух де Спиноза во синагогата во Амстердам на 27 јули 1656 година. Во името на сите ангели и светии!
Но, тоталитарниот принцип, кој е често претставен и како „систематски“ е тесно поврзан и со каприцот. Правилата можат да бидат променети или проширени во кој било момент, а владетелите ја имаат предноста да знаат дека нивните поданици никогаш не можат да бидат сигурни дали го почитуваат последниот закон или не.
Џорџ Орвел, неверникот чии романи ни даваат неизбришлива слика за тоа како изгледа животот во тоталитарна држава, напишал во „Превенцијата на литературата“ во 1946 година: „Од тоталитарна гледна точка, историјата е нешто што треба да се креира, а не да се научи. Тоталитарната држава е всушност теократија, а нејзината владејачка класа, за да ја задржи власта, треба да биде сметана за непогрешлива“.
За да се биде дел од тоталитарната свест, не е неопходно да се носи униформа или да се држи палка или камшик. Потребно е само да се посакува сопственото потчинување и да се ужива во потчинувањето на другите. Што е тоталитарен систем ако не оној во кој подмолната глорификација на совршениот лидер е проследена од откажувањето од целата приватност и индивидуалност, особено во сексуалноста и денунцирањето и казнувањето на оние кои скршнале, „заради нивното сопствено добро?“.
Партијата на власт бара подаништво без граници. Во пресметката со противниците, со „туѓите“, груевци покажаа жестокост која не заостанува зад она што го пишува Орвел. А она што им го приредија на „своите“, отпадниците Љубе Бошкоски, Гацов и Цветанов, оди уште подалеку. Партијата на власт кон „своите“ се однесува како црква која го проколнува и духот и телото, и животот и смртта на оној кој ја отфрлил слепата покорност. Но, проблемите на груевци се множат како што се множат противниците и отпадниците.