Авганистан, протестите за повлекување и ИСАФ мисијата
09.04.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 230
Што е глобализацијата? На пример, тоа дека од Кабул до Виена се стигнува за 5 часа. Или, дека авионското растојание од Џалалабад до Скопје е 4 часа.
Што кажува тоа? Дека денес растојанијата се мали. Дека светот е меѓузависен. Дека во 2010 година времето на пат од Македонија до Авганистан е како патувањето од Крива Паланка до Софија или Ниш пред 100 години. Пред 100 години, Македонија била засегната од тоа што се случува во Софија или Ниш затоа што тие биле блиску. Случувањата во околните земји биле важни за Македонија затоа што настаните или идеологијата во соседството имале директно влијание во Македонија. Денес еднакво е блиску Авганистан според часовите оддалеченост.
Затоа, и светот, и Македонија ги засега што се случува таму. Равенката е едноставна. Помалку екстремизам во Кандахар значи помалку екстремизам во Лондон, Њујорк или Каиро. Помалку екстремизам во Херат значи помалку екстремизам во Москва, Беслан или Мадрид. И, помалку екстремизам во Сураби значи помалку екстремизам во Скопје, Тетово или Арачиново.
Еднакво на тоа, отпуштањето на 20.000 работници во Опел и Фиат значи дека отпуштените нема да купуваат нови производи. Тоа значи помалку работа за текстилците, помалку лимови и помалку нарачки на чевли од нашите фабрики. Следствено, учењата во медресите во Нуристан или Вазиристан имаат влијание на улиците во Европа. Затоа, меѓународната заедница треба да има свое присуство во Авганистан. Неопходно е да се поддржи демократизацијата на авганистанското општество. Мора да се отворат повеќе училишта, болници, медиуми, патишта...
Затоа, погрешни се повиците за повлекување на меѓународните сили од Авганистан. Нашите левичари грешат кога мислат дека ќе настапи мир ако заминат ИСАФ и НАТО силите. Напротив, ќе следува крвава граѓанска војна во која ќе има десетици илјади и стотици илјади загинати. Исходот од тој колективен масакр најверојатно ќе биде победа на талибанците.
Како би изгледал првиот ден во Кабул ако талибанците повторно го заземат главниот град на Авганистан? За почеток, ќе ги егзекутираат илјадници луѓе кои биле дел од сегашната администрација, учителки, новинари, цивилни активисти... Ќе се вратат времињата кога беше забранета музиката, хемијата, математиката...
Нашите ултрафеминистки треба да знаат дека враќањето на талибанците во Кабул ќе значи повторна забрана за школување на милиони девојчиња. Впрочем, тоа талибанците веќе го направија од 1996 до 2002 година, кога ниту едно девојче не смееше да оди во школо. Бурката која ги покрива и очите беше задолжителна облека за секоја жена.
За крај, би било интересно нашиве левичари да ги кажуваат своите размислувања поотворено во секоја прилика. Кога бараат пари за проекти од амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија или другите ЕУ земји, нека кажат отворено дека нивните војници ги сметаат за окупатори. Нека објаснат дека Барак Обама го сметаат за врховен командант на една окупаторска армија, а Норвешка како злосторничка земја.
Непринципиелно е себеси да се претставуваат за прогресивна прозападна авангарда кога демонстрираат за промена на идентитетот, против црквата и против владините проекти. Истовремено, кога се во филмот на „мировни активисти“, тогаш истите активисти западните армии ги нарекуваат како окупаторски. Еднаш се прозападни левичари, а следниот ден во Западот го гледаат најголемото зло. Тие декларативно се за прием на Македонија во ЕУ и НАТО, но НАТО војниците ги сметаат за окупациска сила.
Или, Сорос фондацијата нека објасни повеќе за својата финансиска поддршка или соработка со НВО, културните центри, веб сајтови и поединците кои ја користат реториката дека ИСАФ и НАТО силите се окупатори и злосторници. Претставниците на СДСМ треба јавно да се дистанцираат од некои проекти на Сорос фондацијата затоа што токму Сорос фондацијата соработува со овие левичарски структури.
Тесната поврзаност на СДСМ со ваквите структури и нивната анти - НАТО реторика се во колизија со јавните ставови на СДСМ. Во јавноста, СДСМ ги заговара евроатлантските интеграции, а во реалноста неговите активисти, оперативци и симпатизери се единствените во Македонија кои бараат повлекување од Авганистан, проследено со контроверзна реторика. Тоа го гледавме на собирите на скопскиот плоштад или пред Универзална сала.
За жал, истите навреди ги имаат за македонските војници. Напротив, македонските војници во Авганистан се во благородна мисија, му помагаат на локалното население и се во функција на спасување на животи. Нивната мисија има огромни ризици, но имаат максимално професионален пристап.
Денес Авганистан има околу 28 милиони жители, а во 2050 ќе има 82 милиони жители. Не е сеедно за светот како ќе бидат одгледани и воспитани тие деца. Во моментов 2,2 милиони девојчиња за прв пат добија можност за образование. Секој македонски и ИСАФ војник е директно заслужен за образованието на 25 авганистански девојчиња. Има огромни предизвици и многу проблеми, но да се надеваме дека ќе има успех во напорите на меѓународната заедница и демократските сили во Авганистан.