Бегства
19.05.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 262
Првиот груевист Груевски не успеа да му избега на помошник државниот секретар Гордон, но се уште успева да и избега на Македонија. Американецот јавно изрази разбирање за проблемите на груевистот, а претпоставувам што му кажал насамо. Има и Македонци кои јавно изразуваат разбирање за проблемите на груевистот, а знам што би му кажале во темница.
Бегањето им стана манир на првиот груевист и на неговите следбеници од првиот круг. Бегаат од соочување со прашањата и критиките, бегаат од новинарите, опозиционерите, бизнисмените, бегаат од незамолчаните граѓани и разочараните гласачи, бегаат од измамените, ограбените, тепаните, уценетите и приведените. Бегаат од сите што прашуваат што стана со преродбата. Бегаат од проблемите, бегаат од обврските, бегаат од одговорностите. А Македонија скапо го плаќа нивното бегство. Зашто и кога бегаат, груевистите грабаат. И кога градат, груевистите уриваат. И кога зборуваат, ништо не кажуваат. И кога слушаат, остануваат глуви.
Пред извесно време, една помлада личност која многу ја ценам, ми забележа дека во колумните често цитирам или парафразирам за неа непознати автори. Се обидов да и објаснам дека на тој начин се обидувам да укажам на логичноста на нелогичното што ни се случува. Ова што ни се случува нам, им се случувало и на други. Од пред нешто помалку од сто години. Имало и има и други „избрани“ народи, кои дозволиле да им биде одземена слободата во името на разни „ослободители“ и „преродбеници“. И повеќето од тие народи, на различни начини, со помалку или повеќе жртви, си ја извојувале назад претходно одземената слобода.
Нема ексклузивитет во македонските состојби. Македонските проблеми во 21 век не се решаваат со народни песни од „пусто турско“, со војводи на коњи или со восочни фигури на великаните од „проклетото минато“. Македонија не е островот од серијата „Изгубени“. Светот ниту почнува ниту завршува со Македонија. Затоа во колумните ги повикувам на помош авторите кои се занимавале со прашањата на слободата и ропството, граѓанството и подаништвото, бунтот и покорноста. И завршувам со аргументот дека тоа е мојот мал придонес во борбата против провинцијализацијата која од Македонија ќе направи земја на неписмени граѓани. Неписмени граѓани!? Се разбира, апсурд! Не може да се биде и граѓанин и неписмен. Освен во денешна Македонија, во која владее нелогичната логика.
„Колку може да поднесе Македонецот“, ме прашува еден. „Има ли праг трпението на Македонецот“, ме прашува друг. „Или стравот“, додава трет. Непријатно ми е да одговорам. Најпрвин, зашто се срамам. Поради прашањето, не поради одговорот. Одговорот не го знам. Тие што мислат дека го знаат, кренале раце и му се посветиле на копањето градини околу викендичките. Бегаат. Или градат кариери во „најубавиот од сите можни светови“, како оној Панглос од Волтеровиот „Кандид“. Некои од нив им се лутат на странците зашто не ни го решиле проблемот. А странците ни се чудат зошто ние не си го решиме проблемот. Еден по еден сфаќаат дека ние не можеме да живееме без проблемот и креваат раце. Бегаат и тие. Засега само вербално.
И внуката на Делчев се обиде да избега од прашањето на Васко Ефтов за споменикот на Гоце. И не успеа, кажа дека Гоце Делчев никогаш не јавал коњ. Не знам дали „предавниците“ ќе избегаат пред најавата дека говорот на омраза на „најпатриотот“ ќе премине во повисока дијалектичка фаза, која ќе се состои од ликвидации. Нема никакви индиции дека јавниот обвинител не избегал од сопствената одговорност во овој случај. А за оној најновиот, емитувањето на тајно снимените разговори на Велија и Геро во емисијата на „најпатриотот“, допрва ќе видиме и слушнеме какво и чие бегство ќе предизвика.
Ни лук јал ни лук мирисал е најбаналниот вид бегство на нашите чиновници кои би да заработат без да работат. Ширум затворени очи, така може да се вика стратегијата на државните и партиските функционери на груевизмот. Песот лае, џиповите си возат, вака би гласела нашата парафраза на антологискиот афоризам на Брана Црнчевиќ.
Македонија се претвори во земја во која живеат луѓе на бегање. Со ширум затворени очи го чекаат чудото кое никако да дојде. Ни од Русија, ни од Германија, ни од Кина. Сега го чекаме да бапне од Мароко. Како што ја чекавме Германката Меркел, сега ќе го чекаме Британецот Камерон. Така ни порачуваат груевистите.
И како сега да не ве потсетам дека ни чекачите на Семјуел Бекет не го дочекаа Годо?
П.С. Првиот груевист уште бега од одговорот на прашањето што му е прифатливо.