. Црвени од бес и зелени од завист - за коњаниците и за конзервативците

07.05.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 236

Проектот успеа и се реализира. Затоа денес се црвени од бес и зелени од завист. Црвени од бес затоа што се гледа дека не успеа нивната хајка. Попусти беа подметнувањата, клеветите и местенките. Црвени се од бес затоа што граѓаните ги засакаа Гоце и Даме од првиот ден

Две работи се карактеристични за коментирање. Тоа е поставувањето на паметниците на Гоце Делчев и Даме Груев на плоштадот и изборите во Велика Британија. Одиме со ред.
Се потрошија тони мастило, се напишаа илјадници текстови, имаше милион телевизиски прилози... Спомениците на македонските херои на плоштадот беа топ-тема веќе две години. Секој коментираше, сите се вклучија. Но, една работа беше очигледна. Неколку медиуми, неколку поединци, неколку НВО и СДСМ направија обид на Македонците да им се збоктиса од нивните херои, минатото и од идентитетот. Систематски се водеше хајка против секој сегмент од овој голем проект.
Но, џабе. Проектот успеа и се реализира. Затоа денес се црвени од бес и зелени од завист. Црвени од бес затоа што се гледа дека не успеа нивната хајка. Попусти беа подметнувањата, петициите, собирањата, клеветите, малодушноста и местенките. Црвени се од бес затоа што македонскиот народ ги засака Гоце и Даме од првиот ден. Црвени се од бес затоа што беа поразени на локалните избори во Центар, иако меѓу двата круга плоштадот стана главна тема.
Зелени се од завист затоа што нивните дела никаде ги нема. Зелени се од завист затоа што не можат да набројат три проекти кои ги реализирале, освен хациендите на Водно. Зелени се од завист затоа што знаат дека ќе се памети кој бил градител, а кој саботер, нихилист и промотор на олигархијата. Де Даме бил дебел, де коњот имал кратки нозе, де Гоце не требало да биде на коњ, де им пречи времето на транспортот... Обични изговори зад кои се крие вистинската причина - алергичен напад од целиот проект, кој сведочи за минатото на Македонија.
Всушност, нека не се возбудуваат за Скопје 2014. Нели ВМРО-ДПМНЕ не ги остварува ветувањата и проектите? Нели се завршува на лопати? Нели ништо не е изградено? Значи, нека не се возбудуваат. Ако се толку сигурни во сопствените тврдења дека оваа влада не ги завршува проектите, нека си ја накриват капата и нека чекаат времето да ги потврди. Или, ќе ги демантира.
Но, спинерите од СДСМ знаат дека карактеристика на оваа гарнитура се реализираните проекти. Некои можеби доцнат, некаде има проблеми, но важно е дека се реализираат и завршуваат. Се гради патот Струмица - Радовиш и коцката на патот ќе замине во историјата. Се работи на Страцин - Кратово - Пробиштип, како и 'Ржаничино - Свети Николе, а завршен е Неготино - Лакавица. Завршена е скопската заобиколница, исто како и Ресен - јужната граница. Има нов асфалт на повеќе делници од патот Виница - Берово, а се прошири и Плетвар. Има уште многу, патиштата и понатаму треба да се изградат, но работите постепено се подобруваат. Сиве овие патишта претходно не биле пипнати 40 години.
И, нашиве архисаботери кажаа дека не ни требаат споменици кои асоцираат на копја, борци и малихерки. Во истиот европски дух, нека испратат петиции со барања да градовите во Европа. Во сите француски градови и префектури да се отстранат 1.000 споменици на Наполеон. Сите англиски градови да ги срушат сите споменици на луѓето кои се бореле за Британија, а столбот на генерал Нелсон на Трафалгар сквер контролирано да се сруши со динамит. Шведска веднаш да ги демонтира спомениците на сите Олафи, Густави, Карл Густави и сличните војсководци затоа што така наредува Мирослав Грчев. Русија да го смени името на Санкт Петербург, а Вашингтон веднаш да си најде ново име за градот затоа што името доаѓа од државник, кој всушност бил револуционер, командант и војсководец. Се` треба да се сруши - Гарибалди, Франц Јозеф, Бајазит, Сулејман, Хуан, Караѓорѓе, Скендербег, Бизмарк... Значи, ја чекаме петицијата на Плоштад Слобода до цела Европа и барањето да се срушат околу 100.000 статуи. Како статуите на Буда во Авганистан. Но, кој е тука нихилист што сака да руши во улогата на културолошки Талибанец?На крајот, очекувам писма со осуда и прекор од Сорос - пешадијата кон избирачите во Велика Британија. Како се осмелуваат да гласаат за Конзервативната партија? Каде се прогресивноста и ултралиберализмот? Зарем Британците се определија за конзервите? Што ќе им се традицијата и љубовта кон татковината? Зарем Британија одбра да се враќа назад со клетите конзервативци кои беа на власт вкупно 73 години од последните 100?Што е поентата? Дека десниот центар е европски тренд. Гласачите во Европа се определуваат за меинстрим партиите на десниот центар. Тоа се партии со конзервативна, народна или демохристијанска определба. Од ЦДУ во Германија, до АК партијата во Турција. Од Конзервативците во Британија, преку Форца Италија до Туск во Полска и Модератите во Шведска. Платформите и програмите се различни, но има многу сличности. За Европејците љубовта кон татковината и традиционалните вредности не се демоде. Се уште не се знае кој и како ќе ја формира владата во Британија затоа што е можно да има блокиран парламент, со коалициски преговори. Но, јасно е дека конзервативците ќе имаат најмногу гласови на изборите.
Македонските избирачи го следат европскиот тренд затоа што токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата која во Македонија ги промовира овие вредности. Традиционализмот за семејните вредности, а модернизмот за науката и технологијата. Тие работи не се судираат, туку се комплементарни. Македонските вредности се европски вредности, исто како и вредностите на другите земји.