Државниот с. Боца од Белимбегово

16.03.2010 | Нано Ружин (политичар) | Видено: 109

Животот на Боца може да се подели во три дела. Детството, раната младост и функционерството.
Се родила на 4 мај 1980, во 15 и 5 минути, токму во моментот кога починал Маршалот Тито. Првиот звук што го чула биле сирените кои му оддавале почит на починатиот суверен. Мајка и Параскева и татко и Трпе биле суеверни луѓе, но го обожавале комунистичкиот Маршал. Татко и Трпе дури служел војска во Титовата гарда на Дедиње. Од неговиот престој во Белград, каде што заработил подофицерски чин на водник, научил српско-хрватски. Од тогаш, сите позначајни работи и досетки пред пријателите ги кажувал на српски. На завршетокот на секоја реченица го употребувал изразот - разумеш. Бидејќи зборувал многу брзо, неговото „разумеш“ се претопило во румеш. Така го добил и прекарот Трпе-румеш. „Жено, ќе биде нешто од нашево дете, румеш. Гледај како силно плаче и се црвенее кога не и ја даваш играчката навреме“.
Трпе поседувал свињарник со 101 прасе. „Тоа је наш сречни број, ќерко, румеш“, и велел татко и Трпе на малата Боца. „То ти је библијска математика“. Мајка и била вработена во фармата за кокошки во Белимбегово и секој ден носела по 4 свежи јајца во својот дом. Малата Боца редовно од својата боца со вештачко млеко пиела по две живи разматени јајца. Боца растела бела и црвена и во висина и во ширина. Најчесто си играла со својот комшија Раде ушлето, инаку син на Кире полицаецот од Идризово. Од расипаниот Раде научила да им ги кине рацете и нозете на куклите. „Каков татко, таков син. Татко му ги тепа затворениците во Идризово, а син му куклите на ќерка ми, румеш, бем ти судбина“, загрижено размислувал Трпе.
Еден ден, кога малата Боца наполнила 14 години, и се случиле две интересни работи, кои ќе ја следат во животот. Првиот настан било присуството на првиот изборен митинг, каде што ја испеала песната „Бисер балкански“. Со Раде ушлето заслужиле по една маица и хемиско пенкало, но таа го осетила и првиот љубовен бакнеж. Мајка и добила син шал со жолта звезда од нејзиниот директор, инаку шеф на изборниот штаб на СДСМ за населбата. За нив се шушкало дека биле во врска. „Македонија ќе победи! Сојузот ќе победи! За Стариот лисец!“ - еуфорично наздравувале.
Вториот настан бил врзан за татко и Трпе, кој штотуку се вратил од Саемот за земјоделие во Нови Сад. Таа сина вечер им раскажувал на соселаните и на сопартијците за новите дострели во свињарството. Ставаш од една страна свиња од 150 кила, а по 25 минути обработка од другата страна излегуваат свежи колбаси. „То ти је америчка технологија. Но, она што чув од еден Србин е чудо... Русите измислиле машина која работи спротивно од американската. Ставаш колбаси од една страна, а од другата страна излегува жива свиња, румеш. Штом тоа то можат Русите, ќе направат и нашиве, кога ќе ги победат вмровчињава“.
До 1998 г. сонот на Трпе и Боца за чудото со колбасите и живата свиња не се остварил. Боца почнала да се разочарува. Во 1998 г. новиот директор на живинарската фарма ја отпуштил мајка и Параскева од работа. Таа тешка 1998 г., кога Боца станала жена, раскинала и со Раде ушлето и со Мики од видеотеката и со Пеле од Визбегово. „Крушката под крушка си паѓа“, ја озборувале злобните комшии. Решила да и се посвети на народната песна. Дури конкурирала на „Фолк-фест Валандово 1998“, со песната „Извор македонски“. И покрај добриот физички изглед, немала доволно врски да успее во фолкот.
Но, затоа нашла нова љубов. Братот на кадровикот на ВМРО, Апостол, кого го запознала едно недела попладне кај Фуфо, се затрескал во блондинката од Белимбегово. Ја вклучил во изборниот штаб на ВМРО за Белимбегово, а подоцна, на вредната конкубина и ги доверил и организационите работи за Визбегово и Стајковци.
Кога се случила големата изборна победа на ВМРО во 1998 г. Боца почнала да напредува во партиската хиерархија. На Факултетот за општонародна одбрана се истакнала со шармот и со острината. Ја замразиле сите девојки, но затоа цврсто се држела до братот на кадровикот на ВМРО, Апостол. „Мацо, ти мора да бидеш вистински фронтмен. Да бидеш остра и знај, комуњариве се нашите главни непријатели“.
Заради партиските обврски и нестабилните љубовни врски, факултетот го завршила во 2006 г. Работела во изборните штабови од Стајковци, Визбегово и Белимбегово. По големата победа на ВМРО во 2006 г. братот на Апостол директно интервенирал за Боца. Таа се вработила како државен с. во министерството во кое имало многу интелектуалци со сомнителни партиски определби. Кадровикот веднаш забележал: „Комуњариве се насекаде околу нас. Со нив нема емоции, нема трте-мрте. Или користи ги или уништувај ги“. Боца се присетила на детството со Раде ушлето, кој во меѓувреме го наследил татка си во Идризово. Се сетила на кинењето на главите, нозете и рацете на своите кукли. Почнала да ги заплашува и казнува непријателите на режимот.
Дијана, сопругата на сдсмовецот Перо, трипати ја опоменала јавно, двапати ја казнила со 20 отсто, бидејќи била на лечење од дијабетес. Потоа ја деградирала за седум нивоа. Перса атеистката, поранешен советник, ја преместила да работи во архива, поради несовесност при чекањето на лифтот. Драгче, поранешен раководител на секторот, го префрлила во одделот за одржување икебана, бидејќи наместо двапати, четирипати пиел кафе во бифето и читал „Фокус“. Агенцијата за државните службеници ги потврдила казните, од проста причина што сите што ги разгледувале досиејата биле од партијата на Боца.
Но, затоа Пенчо (23 г.), Дурмиш (22 г.), Стојко (23 г.), Пејка (22 г.) и Цоца (22 г.), по препорака на партијата, станале ударна стручна игла не министерството. Боца, заедно со Цоца и Пејка, била хит на сезоната пролет/лето 2009 г., со голите мешиња и вкусно одбраните барбика бои. „Е тоа ти е брате да кулираш. Ем детска, гремлин диктатура, ем убавици, ем отровни. Мазохистичко е уживањето кога те казнува Крлеуша“, шепотеле постарите мажи во министерството.
Инаку, и денес се уште се шепоти во министерството, бидејќи антените на Боца се многу моќни. Таа слуша се и гледа се. Затоа, ниту збори, ниту се поздравувај со некои од бележаните во министерството. Повнимателните не се ни смеат, а понекогаш во лифтот ниту дишат. Во министерството една половина од вработените не се поздравува со другата половина. Кој знае кој со кого тајно контактира, стравуваат довчерашните колеги. А и Боца не е наивна, може да ви смести некој од широкиот спектар психофизички третмани, што безобразниве Европејци почнаа да ги нарекуваат мобинг. „Нека видат комуњариве што значи власт и дисциплина“.
Самоуверената Боца, која во меѓувреме ги оладила односите со оженетиот брат на Апостол кадровикот, почнала да се присетува и на приказната на татко и Трпе, за чудата на технологијата околу колбасите и свињата од деведесеттите. Таа поверувала дека руската технологија во македонски услови е можна. Ако за време на нејзината младост оние од СДСМ ветуваа дека од колбаси ќе можат да произведат свиња и со тоа ја излажаа македонската јавност, со ВМРО не е така. Со ВМРО се е можно, дури и од колбаси да се произведе жива свиња. На толку многу произведена фауна од бронза и восок, белки некоја ќе оживее.