Духот на слободата
20.01.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 201
Во интервјуто објавено на 31 декември минатата година во „Утрински весник“, еден од доајените на македонската архитектура, професор Георги Константинов, ги објаснува причините за молкот на архитектонската фела: „Едноставно, земете го примерот со студентите што излегоа на плоштад и беа тепани. Секој архитект се плаши да го изрази своето мислење. Не знам дали ќе има некакви последици сега за мене или за моето семејство. Но, не можам да останам рамнодушен на ова што се случува. Јас сум длабоко засегнат од тоа“.
Не паметам дека професор Константинов некогаш бил политички ангажиран, ниту партиски, ниту вонпартиски. Но, мора да му пукнал филмот штом на прашањето дали мисли дека има спас за главниот град одговара: „Мислам дека има. Народот треба да тргне и да го запре ова. Само народот, нема кој друг. Полицијата е во рацете на власта, значи на оној што го прави ова“. Не, ова не се зборови на некој соросоид, комуњар или грчки платеник. Ова се зборови на градител кој не може да го одмолчи напливот на преродбеничка некултура и провинцијализам што ни се случува во 21 век.
Со сите средства што им се на располагање, божемните преродбеници речиси три и пол години се обидуваат да го замолчат духот на слободата. Да го затворат духот на слободата во шише, кое, откако ќе го запечатат со восокот на ветувањата, лагите, поткупувањата, заплашувањата, заканите, глобите, клеветите и ќотекот, ќе го фрлат во матен Вардар. Да го однесе матната еднаш засекогаш. Без право на враќање. За да можат преродбениците да повладеат с* додека има со што да се владее во земјичкава Македонија! Но, што ако духот на македонската слобода е како духот од Аладиновата ламба, кој само го чека оној што ќе го ослободи?
Саботната вечер ја поминав во една оаза на слободата во Скопје, во која стотина млади се забавуваа, игнорирајќи го Законот за забрана на пушењето. Не сум љубител на диско музика, но морам да признаам дека ми импонираше гласноста која како да беше израз на духот на слободата. И уште нешто ми импонира: турбо-фолкот нема пристап во оазата за која нема да кажам ниту каде е ниту како се вика, за да не им ја олеснам работата на глобарите и душкалата на режимот кој не паѓа.
Неделата ми ја обели Пајо Паторот, со неговиот перфектно синхронизиран клип „Сите пушачи на колена“ на „Јутјуб“, во кој диктаторчето очајува поради штетите што ги трпи неговиот рејтинг кој паѓа по стапувањето во сила на забраната за пушење. Клипот има разорно финале, кога диктаторчето ја најавува крајната мерка: „И, Мирка ќе биде спикер на вести“. Бррр!
А во понеделникот блесна Дармар. Овојпат Пецко го фати Грујо дека спие, додека божем го поправа возилото МК, кое заглавило на патот кон ЕУ. И да не заборавам, на сево ова му претходеше „најконтроверзната“ групна маска на вевчанскиот карневалот, црниот мерцедес олдтајмер, типичен за Гестапо, со регистарска табличка ГРУЈО. Духот на слободата с* уште живее во Македонија!
Си ја зедов бељата на врат кога му ветив на Геро дека еднаш неделно (без хонорар, за да нема забуни!) ќе пишувам колумни за новиот „Шпиц“, кој, верувам, ќе ја поткрепи обновата на духот на слободата. Не зашто нема за што да се пишува, туку зашто е ѓаволски тешко да се одбере за што да (не) се пишува. За беззаконието кое овозможува вработување роднини и сопартијци? Со тато и бато во НАТО, како што пишува „Глобус“? За министерката Јанкуловска, која, како лицето да & е од камен, ги одбива сите искушенија и предизвици да ги отвори очите и да види што & се случува пред пасошкото во Скопје?
За тоа како визната либерализација со која толку се фалеа министерката и нејзиниот премиер се претвори во кошмар за сите оние кои побараа пасоши за Европа? Во редовна или во итна постапка, сеедно. Скапо или поскапо, без разлика. Системот паѓа речиси секој ден. Министерката не паѓа. Луѓето плаќаат, но од пасошкото ги враќаат. Зашто системот паѓа. Но, маската на лицето на министерката не паѓа. Дали не ни е информирана министерката за внатрешни или не ја засегаат маките народни? Сеедно, режимот не паѓа. А системот паѓа. Метеж, турканици и избезумени луѓе. Едни не можат да поднесат барања за пасоши, други не можат да си ги земат.
Или за Законот за тотална забрана на пушењето со кој режимот што не паѓа ни порача да си седиме дома? Режимот што не паѓа ја укина кафеаната како место за дружење и муабет и така успешно оневозможи антирежимските муабети и заговори да се камуфлираат зад облаците тутунски чад. Со десната удира глоба за пушењето, со левата им дели субвенции на тутунарите. Им ги зема гласовите, а им ги одзема потрошувачите. Лицемерието секогаш било другото лице на пуританизмот.
За другото лице на патриотизмот во една од следните колумни.