Фактографијата на една непотребна интерпелација
30.07.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 614
На транзицискиот СДСМ му помина во навика да поднесува беспредметни интерпелации. Работењето на министерката Јанкулоска очигледно не им даде причина, па создадоа сами поводи за интерпелации во обид. Намерата е јасна - да се повторуваат истите лаги и да се остави јавноста да почне да верува во нешто од тоа затоа што се подготвени повеќе од 100 пати да повторат лага.
Доволно е да се погледнат неколку основни факти и податоци, па да се дојде до очигледниот заклучок: денес полицијата е многукратно поефикасна отколку пред 5 години. На пример, од 2002 до 2006 година во цела Македонија се запленети вкупно 18 килограми кокаин, а само во 2007 година во една пратка имаме заплена на 486 килограми чист кокаин од Венецуела. Вредноста на таа заплена е околу 100 милиони евра. Да, добро прочитавте - 100 милиони евра. Не помогнаа ниту демантите на Чочоровска, ниту нејзиниот адвокат Михајловски. Изречена е пресуда од 14 години, а во јавноста остана прашањето како во претходните години функционирале рутите на транспорт на дрогата. Понатаму, од 2007 до јуни 2010 година, односно за 3,5 години се запленети преку 2 тони и 365 килограми дрога и 5.691 стебло канабис. Откриени и документирани се 1.710 дела, за кои се пријавени 1.932 сторители. Зарем треба да се ослободат сите оние кои саделе канабис затоа што СДСМ одеднаш реши да даде амнестија за тоа?Јавноста не ги заборави случај „Босфор“, случај „Мадам Пепи“, „Пепел“ и многу други акции. Но, остана и јавната тајна за исчезнувањето на дури 38 килограми дрога кокаин од просториите на МВР, запленет во акција во пратка на банани. Дрогата исчезнува во април 1997 години за време на владите на Бранко Црвенковски и галопирањето на организираниот криминал во транзициска Македонија. Вината за аферата беше префрлена на началник на НТШ, оддел на МВР за борба против трговија со дрога. По шест години, во 2003 година, началникот беше ослободен од вината и сега државата ќе треба да му плати за срамот, понижувањето и за бркањето од работа што ги доживеа поради случајот. Аферата е нерасчистена, државата е оштетена, а од дрогата ни траг. Еден опозициски колумнист во колумна во „Утрински весник“ од 22 јули 2010 година вели „Секоја умна и барем пристојно - демократска власт има доволно резон во постапувањето со опозиционерите да се однесува повнимателно одошто кон другите граѓани, особено за да не предизвика сомнеж за политички прогон“. Како треба да се однесува државата кога во некоја нива „случајно“ ќе никнат 203 стебла на канабис? Како да се поверува дека растенијата кои биле со големина од 270 сантиметри биле незабележани?Исто така, од 2007 година, заклучно со јуни 2010 година, за три и пол години, запленети се 3.220 парчиња на оружје и над 118 кг експлозив, што е речиси тројно повеќе во однос на периодот 2002-2006 година, за време на владеењето на СДСМ кога се собрани само 1.351 парче оружје. За споредба, само во 2007 година, за една година се собраа 1.512 парчиња на оружје, односно повеќе отколку што СДСМ собра за 4 години. Колку повеќе нашите улици биле понебезбедни со толку многу оружје кое никој не го собирал? Може да се погледне и податокот дека во периодот 2002-2006 година имало 53-65 убиства, а сега има од 36 до 42 убиства. Ова и понатаму е лоша бројка, но јасна е тенденцијата на намалување. Министерството за внатрешни работи спроведи и неколку успешни акции, меѓу кои акцијата во реонот на Блаце во која се собрани околу 1.000 парчиња разно оружје, акција „Радуша“, операција „ Планинска бура“. Опозицијата оспорува речиси се, па и оваа операција, но Стејт департментот преку портпаролот Том Кејси ја поздрави акцијата на полицијата во Бродец, и според нив оваа акција е изведена професионално и законски. За разлика од тој случај, на 6 мај 2003 година кога стотици полицајци не го уапсија Саит Рушити. Дали некој од Владата на СДСМ имаше договор Рушити да не биде уапсен? Стејт департментот и Интерпол ја признаа работата и успехот, но не и опозицијата. Врвните светски експерти и авторитети за криминалистика сметаат дека МВР и Јанкулоска работат успешно, но ова не е доволно за опозициските перјаници. Сепак, најважни се бројките и фактите. Треба да се погледнат точните статистики и да се види успешноста на МВР. Споредбата ги дава најдобрите оценки за ефикасноста на МВР во последните 4 години.