Гангрена
25.08.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 500
Морничавите слики на страдањето на жената од Лисиче, чие тело го јадат црви, треба да бидат токмак што ќе удри по бездушноста, рамнодушноста, безобразието, себичноста и отапеноста, кои станаа вообичаени во Македонија со која владеат груевци. Во кој век и во каква држава живееме ние? По неколкуте прилози, во кои видовме наши сограѓани како се распаѓаат од гангрена, која е последица на нелекуван дијабетес, само на ноевите не им јасно дека живееме во земја во која гангрената не е само метафора. Телевизиските екрани не ја емитуваат смрдеата, која е еден од придружните симптоми на распаѓањето, но дури ни огромните пари што нашата власт ги троши на своите разубавувачки телевизиски кампањи не можат да ја напарфимираат нашата стварност, која смрди на измама и грабеж. Пред две недели, државната ревизија соопшти дека во 2009 година, само една третина од буџетот била потрошена наменски, транспарентно и отчетно! Пред неколку дена дознавме дека во истата таа (кризна) година, од буџетот биле потрошени 15,5 милиони евра само за откуп на телевизиско време за емитување на видеоспотовите, со кои власта сака да не развесели до лудило или да не уплаши до смрт. Не знам дали некој поверувал во задоцнетиот соцреализам на „развеселувачките“ спотови, во кои настапува и сопругата на братучедот, кој ја заповеда тајната полиција, но знам дека малкумина веруваат во оние „застрашувачките“, во кои неуверливо и неуспешно глумат познати спортисти, костимирани и нашминкани како да се статисти во банален панаѓурски театар. Непотребна и скапо платена лага, господа од агитпропот на груевизмот! Сликите на гангренозната агонија на жената од Лисиче не уплашија повеќе од вашиот скап калеидоскоп на невкусот. Колку гангрени можеа да бидат спречени и излечени со парите со кои се платени скапите лаги со кои треба да отапат сетилата на македонските граѓани, токму оние сетила кои ја прават разликата меѓу поданици и граѓани! Токму оние сетила кои се будат кога луѓето се беспомошни жртви препуштени на ненаситноста на моќниците, а нивните лелеци заглушени од новокомпонираниот божем патриотски и божем патријархален кич на богатите дојденци.
Кога пред две недели пишував за ангелот од Охрид изеден од влагата, не помислував дека ќе треба да пишувам за жената од Скопје изедена од црвите. И ангелот и жената се жртви на најавената преродба, која ни вети се - и повеќе од тоа. А сега бара од нас не само да си ги затвориме очите и ушите, да си ги искршиме рацете и нозете, туку и да си ги затнеме носовите. Зашто реата на гангрената, медицинската од која страдаат граѓаните и метафоричната од која страда режимот, се шири незапирливо. И нема парфем (ливанто, што би рекле прилепчани) што ќе го прикрие нејзиниот извор. Тој е вгнезден во горните ешалони на власта. Метафората за „црната чума која се задала там долу в Македонија“, денес е потисната од метафората за гангрената која одозгора ја ништи Македонија пострашно од црната чума. „Ќе останат без народ“, ми вели струмичанката која со својата братучеда се враќа од Голготата низ која морале да поминат обидувајќи се братучедата, која живее во Швајцарија, да извади биометриски пасош. На што мисли таа кога вели дека (тие од власта?) ќе останат без народ? Народот ќе ја напушти Македонија? Нема да гласа за нив? Ќе подлегне на гангрената, онаа медицинската? Не ја прашав. Нејзиниот глас кажуваше толку што зборовите беа непотребни. „Ќе останат без народ“, продолжуваше таа со глас во кој се мешаа гневот, вознемиреноста и стравот. „Кој ќе ја брани државата ако почне нова војна“, беше нејзината последна реченица. Потоа замина со братучедата, која повторуваше дека таков хаос нема нигде и дека, да нема роднини, никогаш не би се вратила во Македонија. Ги слушам лекарите како велат дека во таков стадиум гангрената може да се лечи само со ампутација на зафатениот дел од организмот. Се разбира, мислат на гангрената како тешко медицинско нарушување на здравјето на човекот. Не слушам што велат социолозите (и другите учени на кои професиите им завршуваат со -ите), за тоа како да се лечи другата гангрена, тешкото нарушување на моралот во едно општество во кое фотелјите на сегашните министри се поцврсти од бетонот, гранитот, бронзата и мермерот вградени во спомениците на хероите од нашето минато. Некои од тие херои знаеле како се лечи другата гангрена. Сега молчат. Се прашуваат, како сме заборавиле? Ни се чудат, што се правиме дека не знаеме? Збунети се од нашето чекање некој друг да ја реализира болната терапија со која ќе се поништи гангрената и како метафора и како болест? Или ни се лутат поради тоа што ништо не може да не налути толку што ќе го побараме лекот пред да завршиме на патерици?