Грујо, ќе те пратат во Кајсери!
07.06.2010 | Игор Ивановски (пратеник) | Видено: 1123
Во изминативе четири години на Владата на Никола Груевски животот на македонските граѓани се промени. Драстично и радикално. Во негатива. Како и да мерите, нема област каде што работите не отидоа надолу. Најмногу во економијата, каде што државата и граѓаните се банкрот, во безбедноста, каде што секојдневно се пука, има мртви, а речиси и да не остана неограбена банка или штедилница, на меѓународен план, каде што Никола никој од странците не го прима, уште помалку му доаѓа на гости, на планот на демократијата, каде што не вратија во среден век итн. Ваквата елементарна непогода наречена ВМРО-ДПМНЕ ги зафати сите, не поштеди никого. Ова вмровско цунами не ги дели луѓето по вера и етничка припадност, по пол и возраст, едноставно ги прегазува сите. Разликите се само во интензитетот на деструкцијата.
Во таа смисла, сметам дека од сите погодени, во најтешка ситуација се македонските граѓани од помалите етнички заедници. Денеска, Ромите,Турците, Бошњаците, Србите и Власите живеат многу полошо од порано. Владата на Никола е основната причина за таквата ситуација. Токму од тие причини во Собранието, СДСМ предложи измена на избирачкиот Закон со кој баравме да се воведат посебни фиксни квоти за пратениците на помалите етнички заедници. Конкретно, покрај постојните 6 изборни единици, да се воведе и една посебна изборна единица на целата територија на државата, од која ќе се избираат 10 пратеници, и тоа четворица етнички Турци, двајца етнички Роми, двајца етнички Срби и по еден влашки и бошњачки пратеник. Мотивите за таквиот наш предлог се повеќестрани. Но, пред се тие се објективни, искрени и добронамерни. Прво, сакаме да овозможиме помалите етнички заедници да добијат сопствени пратеници со кредибилитет, кои сериозно и без калкулации ќе ги застапуваат специфичните интереси на своите етникуми. Со можноста, тие да гласаат единствено за своите етнички партии, ќе се добие ситуација на тој начин избраните пратеници да зависат од своите гласачи, односно во зависност од своето работење да бидат и соодветно наградувани и санкционирани. Второ, со ваквиот систем ќе се спречи помалите етнички заедници и нивните пратеници да бидат алатка за поткусурување или употребно политичко орудие за големите македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Кога етничките пратеници ќе бидат избрани со изворен легитимитет од своите гласачи, а не поставени на листите на поголемите партии, тие нема да зависат од политичари како Никола, кој само ќе ги купува со евтини услуги, како на пример, вработување на некој си претседател на ромска партија, Бајрам Берат на пример, кој клати врата во МВР и толку, ништо повеќе, без воопшто да се потруди за Ромите. Трето, тоа ќе овозможи нивните пратеници, самостојно и реално да создадат и да инсистираат да се спроведе агенда со животните проблеми на своите избирачи, наместо како досега да ги трошат парите за своите лични потреби и желби. Конечно, треба да престане праксата успехот на една етничка партија да биде дали нивниот претседател вози службен мерцедес додека луѓето се дават во фекалии и болести. Четврто, ваквиот начин на избирање нема воопшто да го загрози Бадентеровиот принцип на одлучување. Конечно, тој принцип не важи само за Албанците, туку за секое ниво каде што има потреба за заштита на малцинството од мнозинство, како што е случај со Македонците во Тетово и Гостивар, со Ромите во Кочани, со Турците во Карбинци, со Бошњаците во Чаир или со Власите во Битола. Впрочем, се досега, од кога ова правило важи, никогаш истото не било загрозено поради парламентарната математика или најмалку од пратениците на етничките заедници, колку од определбата на власта на ВМРО-ДПМНЕ истото да не го спроведува заради смислено креирање на меѓуетничка криза во државата. Постојат уште многу позитивни причини зошто треба да се прифати овој предлог на СДСМ. Но, сите тие не вредат пет пари за портокаловите измамници во Владата и Собранието. ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не го прифати овој Закон. Зошто? Затоа што во континуитет ги лаже и манипулира припадниците на етничките заедници. Затоа што сака да ги држи во еден вид на репресивно заложништво, и преку стапот на МВР и преку морковот, односно нашите пари во Буџетот, да ги користи гласовите на овие граѓани за сопствена употреба. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола не знае ништо друго, освен дрско да лаже. Токму затоа, и го одбија нашиот предлог. Да биде иронијата, а може и глупоста, поголема тезите поради кои го одбија предлогот на СДСМ се всушност вистинското лице на портокаловите. Велеа, со Законот ќе се загрозеле интересите на ДУИ? Замислете, вмровските патриоти кои секојдневно крадат милиони евра за лажниот патриотизам олицетворен преку спомениците, коњите и рекламните кампањи, седнаа во скутот на ДУИ. Велеа, со Законот сме сакале да внесеме раздор во владината коалиција со ДУИ. Замислете, ние ќе им ја растуриме коалицијата која самите тие не ја есапат и ја раскринкуваат од внатре, и тоа од самиот почеток. Да бидеме реални, немаат ниту еден нормален аргумент зошто се против фиксните квоти за етничките заедници, освен што по којзнае кој пат вмровското лажење дека се грижат за нив излезе на површина. А со тоа и вистината, дека Никола ја изгуби и никогаш повеќе нема да ја има довербата на македонските Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци. Тие ќе го казнат на следните избори, како што тоа во многу поголем број ќе го направат и вистинските македонски патриоти. За крај, сакам да ве информирам за вицот или вистинската случка која се раскажува низ Скопје. Отишол Коце Трајановски, градоначалникот на ВМРО- ДПМНЕ, на изложбата на делата на вонсерискиот македонски сликар Мазев од неговата Бела фаза. Веројатно инспириран, Коце побарал да се сретне со Мазев (кој е одамна починат)? И што човек на ова треба да коментира? Одлучете сами.