Илинденско разнебитување
04.08.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 454
Разнебитувањето на државата Македонија однатре добива во брзина и силина. Што би рекле музичарите: Со ачелерандо и крешендо, до завршниот удар на тимпаните кои ќе го означат крајот! А потоа ќе падне збунетата завеса, пред која ќе се поклони последниот Македонец на Васко Наумовски и ќе мавта со пасошот на некоја прекуокеанска држава. Во преполнетата сала на незавршениот старо-нов театар, ќе одекнат аплаузите и скандирањата на трогнатите грчки политичари, претходно превоспитани од последниот претседател на некогашната држава Македонија. Кутрите, штотуку научија да пропелтечат „Македонија“ и „Македонци“, кога, наеднаш, Македонија ја укинаа Македонците. Најпрвин, нивниот амбасадор Митре, кој пред години лукаво си го променил името во Мартин, храбро го укина НАТО среде Скопје, го исплука и ја објави неговата пропаст. Беше толку убедлив, што дури и познатите натољупци од ДУИ останаа подзинати и занемени. Кој знае зошто Грујо се обиде несмасно да го оправдува својот амбасадор, дека не бил разбран или дека не се изразил најточно, кога ревносниот Мартин ги обзнани токму ставовите на Грујо без обланди, како што му прилега на дипломат на земјата Александрова и фалангистичка. За среќа, се најде таму правоверниот Ѓорчев, за да ја поткрепи праведната натофобија на последниот танјуговец, подоцна освестен Македонец. Потоа, гневниот Ѓорѓија, кој пред години лукаво си го променил името во Џорџ, побара прекин на преговорите со клетите Грци во распаѓање и еднодушно „Не!“ за ЕУ и НАТО, исто така во распаѓање. Па потоа Тодор, кој не заостанува во патриотизмот иако не си го променил името, фрли клетва врз Грците и им прорече распаѓање. Веднаш потоа, грчките политичари (зашто само тие имаат бензин!) пребегаа во Македонија, се населија во театарот во изградба и тука го дочекаа свеченото празнично харакири со кое комшиите си ја укинаа државата. Од неумеење или од несакање, од неукост или од небрежност, властољубие, среброљубие, себељубие; поради провинцијализам, патриотизам или врховизам; поради србофилство, гркофилство или бугарофилство? Одговорот на ова веќе излитено прашање беше заглушен од тресокот со кој гневниот Ченто се урна врз спикерот Трајко, кој во својот празничен говор заборави да каже дека всушност се работи за опстанокот на државата, онаа за која Ченто плати со животот. За да ја искоментирам празничната фарса на разнебитување на државата Македонија, во која предавството дефилираше со патриотски сурат, ќе си помогнам со суфиска алегорија за патериците забележана од Идриз Шах. Пред неколку месеци, во две мои колумни ја парафразирав неговата алегорија за островјаните кои биле среќни што заборавиле да пловат и да пливаат. Ми се чини дека суфиите на најкреативен начин ја разоткриваат разурнувачката моќ на нормалноста на ненормалното човечко однесување.
Значи, еднаш еден човек си ја повредил ногата и морал да оди со патерици. Тие многу му помагале во одењето, но и во многу други работи. Тој ги научил сите членови на семејството да ги користат патериците и тие станале дел од нивниот секојдневен живот. Сите членови на неговото семејство посакале да имаат патерици. Некои биле направени од слонова коска, други, пак, биле позлатени. Се отвориле училишта во кои луѓето учеле како да ги користат патериците, а на факултетите се истражувале повисоките аспекти на оваа вештина. Само малкумина продолжиле да одат без патерици. Тоа, пак, било сметано за скандалозно, апсурдно. Зашто, патериците можеле да се употребат за многу работи. Некои од оние што оделе без патерици се спротивставиле и биле казнети. Зашто се обидувале да покажат дека патериците можат да се користат понекогаш, кога е тоа потребно, или дека тоа што се прави со нивна помош, може да се направи и на друг начин. Малкумина ги слушале. За да ги надминат предрасудите, некои од оние кои можеле да одат без потпирање, почнале да се однесуваат сосема различно од утврдените општествени норми. Сепак останале само малкумина. Кога се покажало дека поради користењето патерици низ многу генерации, само малкумина можеле да одат без нив, мнозинството „докажало“ дека тие се неопходни. „Еве“, рекло мнозинството, „видете го овој човек. Обидете се да го натерате да оди без патерици. Гледате? Не може“. „Но ние одиме без нив“, ги потсетиле обичните пешаци. „Тоа не е вистина; тоа е само ваша фантазија“, одговориле сакатите, кои во меѓувреме и ослепеле, зашто не сакале да гледаат. А на крстопатот кај НУБ пред Илинден осамна билборд од кој, поткрепен со знамето на Република Македонија, некој ни се обраќа со жолти букви: ДА ВЕ ЧУЈАМ СЕГА ЈАКО!!! Всушност, звучи како наредба. Но, потпис нема. Како глас одозгора, како од Бога да е. Или, можеби, од Големиот брат. Кој без најава и непријавен дошол во библиската земја. Кој му го дозволил тоа?