Интер и Милан

15.03.2010 | Гоце Ристовски (новинар) | Видено: 228

Да не биде дека не се знаело, а се знаело, уште на почетокот на ова „врло“ важно писание сакам да дадам едно предупредување, всушност законска обврска. А, сакам да кажам, јасно и гласно, како опозицијата во празната сала на парламентот: ова приказанство е од трета категорија и за негово читање е потребен надзор од родител или старател за лица помали од 16 години. Да не биде после дека си правам „бајрам на умот“ и на тој начин ширам неморал меѓу нашата младина.
Прво и прво, ова нема врска со Пандев ниту со неговата национална географија - си вели Трпе, враќајќи се дома од партиска (партиска е изведенка од англиското „парти“, а не од партија) активност од кај Пепи, двапати подмажена и трипати разочарана авторитетна личност меѓу членовите на највисокото партиско тело. Со својата висока интелектуалност и бројни дарбини (гледање на карти, на дланка, кафе, преку темни очила и отворен прозорец кон иднината) како врвен аналитичар на ЕЗОП (една заблудена опозициска партија) Пепи на наднаучна основа и на нервна база предвидува кој ќе победи на следните избори што ќе се одржат малку подоцна оваа година. Поточно на лето или најточно на куково лето во тековната година.
Се влечка Трпе пеш накај дома, подголтнува од пагручето препечена сливова, за да ги прикрие блажените мириси од плотната Пепи и нејзините екстравагантни парфеми. Оди и си „прави филм“ како ќе се правда пред Трпејца, кај бил, со кого бил, што правел до ниедно време. Да се правам на три и пол како таа телевизијата од Поранешната Земја на Абориџините, подоцна Британска Колонија со Сила, што не знаела за која репрезентација игра Пандев, ама знаела за кој тим игра? Па одново си мрмори нешто под носот и гледа дали свети во дневната соба или можеби на домаќинката негова и се смачило да го чека, па си легнала и сонува кој ли ќе победи на следните изборите, иако секому е јасно како бел ден дека екипа што победува не се менува. Ќе ме сети Трпејца оти ја маткам, како што се досетија стечајците и земјоделците дека Бране ги матка како еколошки јајца за кајгана. Ќе свртам уште некое кругче околу, може ќе се згасне ламбава, може Трпана ќе си легне. Така, некако, најарен му се чини излезот од овој имагинарен проблем што му го наметна соседот Грче, претставувајќи му ја аналитичарката Пепи во блискиот мотел.
Да и речам на Трпа бев на обука за најекономски исплатлива употреба на противпожарниот апарат што го купив за во „кола“, согласно новиот закон, се убедува самиот себеси, и врти кон влезната врата оти веќе му застудува. Ја гасне цигарата од бетонската ограда и ја џитка како проектил со средниот прст во комшискиот двор, право кон тркалезната дрвена трпеза, покриена со слама.
- Кај си бре златен мажу, го пречекува Трпејца со отворена врата без жива сода во тегла, подготвена да летне кон неговите очи, искрено речено на негово мало пријатно изненадување, и без да се развика, та децибелите од нејзиното грло да бафнат во врата од спротива и да се стресе како од ненадејна промаја и да ги предупреди соседите дека почнува нова епизода од сапунската опера „Се е гола вода“. Кажи кај си бил или јас да ти кажам и покажам - се подзасилува пречекувачката.
- Пандев... Пандев - едвај изустува Трпе чиниш зборовите со клешта ковачка треба да му ги вадиш.
- Кој Пандев, професорот или фудбалерот - го остри Трпејца како притка за грав.
- Не Пандев, туку Интер ме...
- Што Интер бре, кажувај инаку не ја затворам вратата, нека слуша народот ноќна програма - се заканува Трпејца.
- Бев во обложувачница и Интер ме еба, со извинение - срамежливо изустува Трпе, како млада невеста, на првата вечер по „блага ракија“.
- Де, де, голема работа. Мене Милан ме еба, без извинение - возвраќа радосно Трпејца.
- Кај ти е ливчето да го видам, се орасположува Трпе како тинејџер на техно-забава и потскокнува подохрабрен поблиску накај неа.
- Не ми остави ливче - му го спушти Трпана како Пандев топката пред шеснаестерецот.
- Немаш ливче велиш - не му се разденува на Трпета.
- Немам. Ти велам не ми остави. Не е инкасатор. Има 2-3 инкасатори што идат и, додуша што е поштено да кажам, ми оставаат ливчиња, што после ти ги плаќаш на шалтер - му ги светка Трпана роговите на Трпета што за час му никнаја, со магична крпа за тенџериња. Ти треба ливче? Да не ти требаат и изјави од двајца сведоци своерачно потпишани? А? Ако толку те интересира ќе ти пуштам на мобилниот, се снимавме троа за на Јутјуб, ама преправени во фаците, та не знам дали ќе познаеш која сум јас, а кој е Милан.
И го фати Трпета во тесно, како власта опозицијата, не знае да се снајде во оваа, за него, новонастаната драмска ситуација, иако редовните гледачи низ клучалките од соседните катови одамна знаат дека тој е губитник поради Калчо-лигата.
И уште му трие сол на клемпавите уши.
- Другпат да не се штрцкаш со евтини мириси, „Покошено сено“, демек... Труеш на ракија. Мислиш дека не знам кај си бил. Сте дремеле одново во партискиот штаб, сте локале сливова ракија и сте решавале крстозбори и скандинавки посветени на премиерот, додека животот надвор чекори со забрзан ритам. Ниту вие го избравте, ниту вие ќе го смените. Ти, пак ич. Ти не знаеш да смениш гумичка на чешма, ќе си ја сменел демократски избраната власт. Чешмата ни е евтина, од пазарче, без фискална, на три дена протекува во ѕидот. Фала речи му на водоводџијата што редовно иде и ја менува, инаку до сега знаеш колку пати ќе се сторевме гола вода? Е, не знаеш... А, и тој не ми остава ливче, ама да не се грижиш, должна не сум останала - го патосира Трпејца, па згора на тоа малку и е, па со зборовите тешки како изборна програма, го „гази“ по стомакот, па му се повраќа на Трпета. Ама не знае од што му е, од мудра политика или глупава практика.
- Луѓе, бегајте пожар, вика наеднаш некој од приземниот кат. Се запали дрвената маса и натстрешницата од слама во дворон од соседот...
Трпе прибрано стрчува пеш по скалите, како незнаен јунак. Го грабнува новиот противпожарен апарат, купен завчера, согласно новиот закон, и храбро јурна да се справи со огнената стихија.
Утредента го имаше на телевизија, и во весник, следниот ден. „Трпе Трпејчин со изгоретини од трет степен пренесен во болница, оти се запалил во обидот да го згасне пожарот во дворот на соседот со неисправен противпожарен апарат, најверојатно набавен на црно. Истрагата е во тек. Трпеица и натаму е во чифт“.