ЈАВАЧИ НА ЛАГИТЕ

05.05.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 311

Чудна беше оваа второмајска недела. Рано изутрината, инкогнито, на плоштадот дојаваа долгонајавуваните Гоце и Даме. Нарачани и пречекани од премиерот Груевски, а платени од државниот буџет. Кога ги видов коњаниците во осум и пол изутрината, Гоце веќе беше кренат на постаментот. Огромен, застрашувачки голем, и за местото каде што го натопорија и за меморијата што ја имаме за неговиот живот и за неговата смрт. И далечен, за разлика од оној Гоце во градскиот парк, во кого можам да го препознаам герилскиот водач, кој знаел дека се уште нема армија зад себе и затоа бил против избрзаното востание. А оној Гоце на плоштадот јава како да е Наполеон со стоилјадна армија зад себе, со пешадија, кавалерија и артилерија. Лага која нема да ја зголеми славата на Гоце, лага која треба да го потхрани самољубието на нарачателот, кој наумил со државни пари да се натпреварува со Медичи, пребогатиот владетел на пребогатата Фиренца.
Плоштадот е мал, државата е сиромашна, но самољубието на нашиот владетел е огромно. Наумил на плоштадот да ја изгради својата кула вавилонска, која и без интервенцијата божја ќе ги искара на смрт луѓето. Наумил да го затрупа плоштадот со седумнаесет споменици и да го запечати со порта, која ќе го овековечи неговиот триумф над сопствениот народ.
А попладнето, пратеникот негов Илија Димовски, без око да му трепне, излажа дека единствените двајца на кои не им се допаѓале хероите наши јавнати на коњи и прошверцувани на плоштадот биле Б.Ц. и заменикот негов Г.Г. Излажа, зашто не верувам дека не ги беше гледал вестите на кои десетина граѓани не го криеја своето незадоволство. Имаше и неколкумина кои беа восхитени од тоа што нашата илинденска историја најпосле ја качиле на коњ. Ги слушав и се прашував дали сум пропуштил нешто штом не можам да се сетам на фотографии на македонски војводи јавнати на коњи. А сум видел илјадници фотографии на комити. Зошто не колкаат со лаги? Зошто не понижуваат со лажни еуфории, како онаа дека во Цареви кули е пронајдена уникатна ламба со ликот на Александар, која заврши со „приземјувањето“ дека иста таква ламба е најдена во пелопонеска Немеја и дека на ламбата не е прикажан Александар, туку божицата Атена?
Целата измината седмица во медиумите се водеа жолчни расправи за одбраната на загрозениот македонски идентитет. А во неделата попладнето на една телевизија ја слушнав веста дека е затворен најстариот лекторат по македонски јазик, оној во Неапол. Според ректорот на скопскиот универзитет, лекторатот е затворен поради финансиски причини. Односно, поради тоа што лекторите по македонски јазик добиваат плати од по 200-250 евра! Власта која троши милиони евра и не убедува дека така ни го брани идентитетот, дозволува македонскиот јазик да исчезне од светските универзитети поради суми кои нашите божемни економски промотори ги трошат на виски!
Не сум сигурен дека симулацијата на грчко-македонските преговори ги зголеми шансите за компромис од кој Македонија ќе има повеќе корист од штета. Но, таа овозможи македонската јавност да ги слушне од прва рака официјалните грчки позиции, иако тројцата Грци потрошија многу зборови да не убедат дека не говорат во името на владата, туку во името на фондацијата ЕЛИАМЕП. Тие всушност симулираа дека зборуваат само во свое име, а не во името на својата влада. Веќе неколку децении, професор Кофос е идеологот на грчката политика за „македонското прашање“, и кога се работи за Република Македонија и кога се работи за македонското малцинство во Република Грција, а професор Веремис е неговата десна рака. Ставовите на Кофос и Веремис не ми се непознати. Првиот сум го читал, со другиот сум полемизирал. Не ми се непознати ни грчките, со шепот изговорени ставови дека за се се виновни Американците, односно нивното признавање на уставното име на Република Македонија. А не ми се непознати ни лошо камуфлираните антиамерикански изблици кај нас. На оние кои знаат дека правдата и политиката не се сестри, симулацијата им покажа и колку се ослабени нашите позиции поради таканаречената антиквизација. Најпосле, симулацијата покажа и колку е нерамноправна битката во која на едната страна стои држава, а на другата - поединци или партии. А такви се и симулираните преговори во Њујорк: на едната страна Грција, на другата - груевистите.
Со изјавата дека тој лично ќе гласал против на референдумот што ќе го распишел за меѓународното име, Груевски не ја избриша симулацијата на преговорите, тој ја избриша евроатлантската иднина на Македонија. И, колку што гледам, доби бројни честитки за „дилитирањето“ на преговорите. Сега Груевски и неговите почитувачи ни должат одговор дали гледаат некаква друга иднина за Македонија и која е таа. НАТО, ЕУ, САД и ОБСЕ веднаш му порачаа дека е доста шикалкавење. Набргу ќе стане јасно дали тој го сака тоа што го сака мнозинството македонски граѓани.