Каде е девалвацијата? Каде е банкротот на Стопанска, Комерцијална и Тутунска?

12.03.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 252

„Ако овој тренд продолжи, ќе биде тешко да се одбрани курсот на денарот. При ваков развој на настаните, можна е девалвација...” (Бранко Црвенковски, 25.12.2008 година)
„Девалвацијата е можна по претседателските и парламентарни избори. Пресметките велат дека сегашните 61,5 денари ќе се искачи на 75 денари.” (Дојче веле, 27.12.2008)
„Многу бргу, сигурно во првата половина на оваа година (2009), нашите девизни резерви ќе паднат под минималниот лимит и тогаш ќе мавне девалвацијата, а таа најмногу ќе мавне на животниот стандард” (Јован Манасијевски, 24.12.2008)
„Најдециден во прогнозата дека денарот ќе девалвира е Јован Манасијевски од ЛДП” (Глобус магазин, 03.02.2009)
„Топењето на девизните резерви неизбежно води кон девалвација, сметаат експертите”. (Утрински, 20.02.2009)
Да, драги наши опозиционери, каде е девалвацијата? Каде е падот на денарот? Каде е растот на еврото на 75 или 85 денари? Каде е економскиот Армагедон? Каде е исходот на шпекулативните најави кои ги слушаме 3 години?
Каде се редовите во банките за панично повлекување на девизните заштеди? Каде е пропаста на штедилниците? Каде е банкротот на банките? Доволни беа потсетувањата на насловите со „сигурни” најави за тонење на националната валута?
Денарот ниту девалвираше, ниту имаше спирала на инфлацијата. Но, веќе 3 години секои 4 месеци ги слушаме најавите за девалвација. Начинот е секогаш ист, премногу проѕирен. Прво одат наслови во весниците дека девалвацијата сигурно следува. Следува „експертска” потврда нарачана од Бихаќка. Следен е брифингот од „анонимни извори” дека бродот тоне. Потоа се телевизиите, кои го прераскажуваат истото. Потоа се изјавите на СДСМ и пресовите на ЛДП. Целата постапка неколку пати ја преџвакуваат опозициските медиуми.
И? Се создава психоза. Народот има недоверба кон сопствената валута. Штедните влогови се чуваат само во странски валути. Пензионерите се нервозни, бизнисот е во исчекување, стопанството е на штрек. И? Ништо од тоа. Поминуваат 4 месеци, денарот останува со истиот курс. Потоа се чекаат нови 3 месеци со повторување на истата постапка. Значи, секоја година имаме два циклуса на бомбардирање со најави за девалвација. Ништо не се случува, но остануваат огромните штети со кои државата го бранеше курсот на денарот. Цели 100 милиони евра се потрошија како последица од јавните шпекулации со националната валута.
Колкаво ќе беше осиромашувањето на населението доколку навистина едно евро отидеше на 85 денари?! Замислете за момент што ќе се случеше со нашата економија? Колку ќе беше реалниот пад на платите и пензиите? Колкави ќе беа личните загуби на секој граѓанин и секое семејство?
Требаат примери? Да почнеме од соседството. Во Србија, пред кризата, едно евро беше околу 64 српски динари. Соодносот беше сличен како во Македонија. Но, во последната година српскиот динар постојано ја губеше вредноста. Денес, едно евро е околу 99 српски динари. Ако во Македонија имавме лизгање на валутата како во Србија, каква ќе беше денес ситуацијата со едно евро за 93 македонски денари?
Втората работа се однесува на економската криза. И, пропаѓањето на банките. СДСМ и ЛДП велат дека Македонија ги има најкатастрофалните економски резултати. Но, да видиме како во реалноста изгледа економскиот Армагедон.
На пример, во Исланд пропаднаа трите најголеми банки. Викендов се одржа референдум за враќањето на долговите. Значи, во скандинавската идила пропаднаа Ландс банка, Гилтнир и Спрон банка. Замислете за момент што ќе се случеше ако во Македонија банкротираа Стопанска, Комерцијална и Тутунска банка? Што ќе значеше, не дај Боже, за секој поединец банкротот на Стопанска, Комерцијална и Тутунска банка? Ќе беа засегнати речиси сите вработени, пензионери, штедачи, претпријатија и институции.
Но, во целата таа атмосфера, во Република Македонија поминавме со релативно мала штета. Њалл стреет јоурнал и фондацијата Херитаџ го регистрираа напредокот на Македонија за 22 позиции во делот на индексот на економската слобода. Падот на БДП во 2009 година беше 0,6 отсто. Да, минатата година беше тешка за Македонија, но колку ќе беше потешка ако имавме пад од 3, 4, 5 или 6 отсто?!
Ако ги погледнеме стапките на економски раст во последниве 18 години, ќе видиме прецизни бројки за просечниот годишен економски раст. Ќе видиме дека растот на БДП изнесува 1,1 отсто кога СДСМ е на власт, а 2,7 отсто кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
Ќе видиме дека на крајот од 2006 година после владата на СДСМ секој граѓанин на РМ по основ на долг на Владата должел 925 евра. Денес тој е намален на 798 евра по жител.
Во однос на надворешниот долг на РМ, по енормните задолжување од 2003 до 2005 година, секој жител на РМ должеше 623 евра. Денес тој долг е намален на 553 евра по жител. Пензиите се зголемени за 30 отсто, а најмалите пензии се зголемени за 38 отсто. Девизните резерви се зголемени и тие се на историски највисокото ниво. Денес имаме 120 милиони евра повеќе девизни резерви од почетокот на кризата, така што тие изнесуваат милијарда и 620 милиони евра.
Во 2006 година после „еден вработен од секое семејство”, Македонија имаше 37,2 отсто невработеност. Денес невработеноста и понатаму е огромна, но таа е намалена на 32,2 отсто. Црвенковски денес ги посетува стечајците, а пред 4 години како претседател на државата лично не го потпиша законот за решавање на нивниот статус.
Македонија и понатаму има огромни проблеми, но во овие околности се вади максимумот. Македонската економија ќе беше во многу полоша ситуација ако денес ја водеа транзициските мешетари кои ги оставија убедливо најлошите економски показатели. Да дискутираме со бројки, факти и статистика. Прецизноста не ја сакаат тие кои ја сакаат транзициската демагогија.