Како и зошто го добил прекарот Лирим Јакупи-Нацист?

14.05.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 443

Лирим Јакупи во Македонија има пресуди и јасни кривични дела. И на Косово е осуден на 40 години затвор, а има избегано од косовските затвори. И каков светоглед треба да се има и каква агенда треба да се има, па да не се осудат јавно и јасно неделата на Нацист и таквите типови?

Деновиве, најактуелни се вестите за престрелката и легитимната акција на полицијата во околината на селата Радуша, Свиларе и Кондово. Претходно беа откриени големи количества оружје на северната граница. Јавноста со право покажа загриженост и се поставија легитимни прашања.
Но, едно прашање е јасно и треба јасно да се одговори: Дали некој е подготвен да го оправда насилството во политички цели? Дали некој е подготвен директно или индиректно да ги оправдува обидите за дестабилизација на Македонија? Дали некој се обидува да создаде контекст и атмосфера каде што употребата на оружје ќе биде „оправдана“, „разбирлива“, „логична“?
Некои политичари секојдневно ги убедуваат своите гласачи дека се дискриминирани. Некои медиуми причината за инцидентите ја гледаат во владата, а не во екстремизмот и бандитизмот на инволвираните. Некои НВО смислено ја подгреваат атмосферата и користат проблематична реторика.
Таквата траекторија треба да резултира со криза во која ќе се загрози легитимитетот на легалните власти кои водат толерантна и инклузивна политика. Но, зошто некој упорно се обидува да ја форсира кризата? Веројатно, затоа што во кризните времиња најлесно се манипулира. Во кризните времиња ноторните криминалци и бандити стануваат национални херои.
Што мислите, како и зошто го добил прекарот Лирим Јакупи-Нацист? Какви карактеристики треба да има некој за да биде наречен Нацист? Лирим Јакупи-Нацист е роден во 1979 година и сега има 31 година. Да претпоставиме дека прекарот го добил кога бил на возраст од околу 15 или 20 или 25 години. Што треба човек да направи, па неговите пријатели од „драгост“ и милина да го сместат во галеријата на Геринг, Ајхман и Менгеле?
Лирим Јакупи на Косово е осуден на 40 години затвор, а има избегано од косовските затвори. И во Македонија има пресуди и јасни кривични дела. И, каков светоглед треба да се има и каква агенда, па да не се осудат неговите недела и постапки?
Се создава контекст во кој јавно се предизвикува државата, се најавува терор, одмазди и постапки без закон, процеси без било каква основа. Зарем ќе се премолчуваат неделата на луѓе осудени на доживотен затвор?! Зарем ќе се покажува разбирање за малтретирањето на мавровските работници?!
Таквите екстремисти и нивните апологети демократизацијата ја прифатија само декларативно, поради пошироките околности и од немајкаде. Нивните апологети отворено повикуваат на дестабилизација, атакуваат на процедурите и демократскиот систем, а осудите се ретки и недоволни. Добиваме само повремени изрази на загриженост, со општи и аморфни изјави кои речиси не значат ништо.
Ирационалноста се објаснува со слатки зборови, но со трајни последици. Потоа таа ирационалност и екстремизам „научно“ и аналитички се поткрепува. Употребата на насилство потајно се посакува, а се најавува како „варијанта која нема да може да се избегне“. Меѓу редови се оправдува враќање на некоја предцивилизациска состојба во која секој ја зема правдата во свои раце, понесен од големата национална или верска кауза. Законите, парламентаризмот, процедурите и демократијата треба да се суспендираат поради „оправданиот гнев“ кон власта која „немала слух“. Или ќе биде како ние сакаме, или ние ќе направиме хаос во кој целата држава ќе загуби.
Секоја глупост, екстремизам или беззаконие се оправдува поради пошироките околности, а полицијата и институциите се редовно на обвинителна клупа. Акциите кои се преземаат се во триаголникот омраза - одмазда - кривично дело. Се оправдуваат лошите дела, поради, демек, лошите дела поради кои се станува и дејствува. Веќе имаме обид за замена на тезите и создавање на плодна почва во која обидите за дестабилизација ќе бидат претставени како „разбирливи“, „предвидени“ и логично „објаснети“. Се создава коктел на лоши изјави и погрешни тези, со погрешни пораки кои дополнително ја обременуваат состојбата. Во коренот лежи наводната „борба за права“, но токму методите и неоправданоста ја дисквалификуваат целата операција.
Но, дестабилизацијата на никој нема да му донесе ништо добро. Престрелките нема да ги платат кредитите, нема да направат станови, ниту ќе усреќат некого. На никој нема да му донесат вработување или подобро здравство. Затоа, треба да надвладее разумот, а екстремистите јавно и јасно да се осудат.
И, една од поапсурдните тези е дека се пука или ќе се пука во име на европејството. На таквите тези во гроб би се превртувале Роберт Шуман или Конрад Аденауер. Зарем некој Македонија со пукање ќе ја европеизира? Демек, некој толку сака час поскоро да влеземе во ЕУ, па мора со барут и со бомби да се настапи?! Таквите екстремисти треба да бидат изолирани и отфрлени во нивните средини, затоа што иднината е во толеранцијата и соживотот. Со погрешни и анахрони тези не треба да се заговараат и скандираат големодржавните концепти од минатото, макар и кога некои „НВО“ се формални организатори на протестот. Македонија покажа дека има концепт на мултиетнички соживот кој граѓаните го живеат и практикуваат.