Клето око

07.04.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 272

Се обидувам да воведам ред во мојата новинска архива. Се надевам дека ќе ми појде од рака да направам селекција и да ги намалам купиштата хартија. Но, моето клето око се опира и запнува на нешта што ми се чинат важни.
А кои се тие важни нешта? Оние што го премостуваат заборавот, произведен од нашите раскапани институции, при секоја промена на власта. И оние што моќниците сакаат да бидат заборавени, за да трае транзицијата се додека има што да се краде. И оние што треба да ги прикријат трагите на прематарите, профитерите и конвертитите, за да можат тие да ги играат улогите на спасители, менувајќи ги костимите во маскенбалот на власта и моќта. И оние што сведочат за безмерните лаги со кои секојдневно не затрупуваат. И, најпосле, оние што не потсетуваат дека актуелниов хорор-филм веќе сме го гледале.
Пратеникот Александар, кому никако да му го запаметам презимето, јавно ме опомена дека било непристојно да ги спомнувам имињата на неговите сопартијци кои соработувале со Соросовата фондација. Колку ли ќе го онерасположам сега, кога ќе објавам дека еден негов сопартиец се закитил со „соросоидно“ перје?
Моето клето око не го одмина огласот 365 ПРОЕКТИ И НАСТАНИ ЗА ПРВИТЕ 365 ДЕНА, објавен во „Дневник“ од 3 април 2010 година, а потпишан од градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Таму, под реден број 236, пишува: Дебата „Акција за Европа“. Не можев да поверувам! „Акција за Европа“ беше серија од 25 настани, обликувани и финансирани од „клетите соросоиди, предавници и платеници, државни и партиски непријатели“, како што милуваат да не етикетираат јуришниците и мегафоните на владејачката партија, чиј функционер е Талески!
Моето клето око не го одмина ни наднасловот „Правните експерти сметаат дека масовните партиски вработувања ќе предизвикаат голема дупка во државниот буџет“. А насловот на написот во „Утрински весник“ од 25 септември 2002 година гласеше: ГРУЕВСКИ ЌЕ СЕ СООЧИ СО КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ПОРАДИ ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА. Кои се правните експерти на кои се повикува новинарката Чангова?
Професор Борче Давитковски, денес декан на Правниот факултет, изјавува: „Одговорноста на Груевски како ‘чувар на парите’ е дотолку поголема затоа што дупките во државната каса се направени свесно“. Но, вистинското откритие беше изјавата на професор Ѓорге Иванов, денес претседател на државата, кандидиран од истиот Груевски: „Ова со вработувањето партиски кадри во државната администрација може да се протолкува како политички волунтаризам и политичко насилство. Практично не функционира правната држава, не се почитуваат законите, процедурите“.
Што мисли денешниот претседател Иванов за изјавата на вчерашниот експерт за политички систем Иванов? И што мисли вчерашниот експерт за политички систем Иванов за молчењето на денешниот претседател Иванов? Како си ја објаснува алхемијата со која вчерашната осуда на непочитувањето на законите и процедурите се претворила во денешните одобрувања и пофалби за владата, за која само партиските книшки се валидни кога вработува на ангро?
Најпосле, моето клето око запна на насловната страна на „Фокус“: ЛАТАС САМО ЈА ДИГА ЦЕНАТА НА ЅИНГО ВО ПАЗАРОТ СО ЦРВЕНКОВСКИ. На 19 април 2002 година Никола Младенов пишува за „вознемирувачката“ вест раширена низ чаршијата, дека Бранко му порачал на Ѕингота дека не сака да го види, а не пак да преговара за изборна коалиција: „За оние што не слушнале, да кажеме дека станува збор за упатената ‘другарска порака’ до Латас да пази што прави, оти, кога ќе се вратиме на власт и три Срби ќе му бидат малку за да се скрие. Значи, да подзакочи малку, оти на Бранковци им станало неподносливо новото, вмровско руво на ТВ Сител“. А во мај-јуни друга песна ќе се пеела, пишува Младенов. „Тогаш Ѕинго ќе ‘удри по масата’ за Латас ‘конечно да сфати кој е газда’, за, без многу врева, да исчезне во непознат правец. Да, да, ниту влакно од главата нема да му фали. Без оглед дали навистина влегол или не влегол во ‘должничко-доверителски’, односи со ВМРО-ДПМНЕ. Сите ќе бидат задоволни со неговото одење на ‘заслужена почивка’. На тој начин, Ѕинговизија ќе сочува дел од образот што останал неизвалкан. Новото ‘врховништво’ ќе може вината да ја префрли на Латас и да означи враќање на старите позиции. До денот кога Павловиќ, бездруго, ќе се врати на јавната сцена. Порано или подоцна, зависи и од количеството на гориво во џипот, но бидете уверени дека ќе се врати“.
Маскенбалот на моќта и власта продолжува, но клетото око не се откажува од откривањето на веќе виденото. Бара излез од маѓепсаниот круг?