Кога извинувањата стануваат бесцелни

26.02.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 224

„Најискрено, значи, чим сум бил премиер и претседател, се чувствувам виновен и одговорен...“ (21.02.2010)
„Нема праведна транзиција. Ниту национализацијата била праведна, ниту приватизацијата може да биде праведна.“ (Б. Црвенковски, 13.02.2010)

Црвенковски се враќа во селата. Комуницира со работниците и стечајците. Гледаме наместени прашања, фингирани ситуации, договорени одговори. Спонтаност оркестрирана од протоколот на шефот на опозицијата. „Обични граѓани“ кои се бараат преку партиските списоци на членови кои добро зборуваат пред камера. Театрална апсурдност. По 20 години ротација на сите можни функции, одеднаш ги „откри“ селата.
Театрална апсурдност во која дежурниот лажго добива порив речениците да ги почнува со „најискрено“. Нај, ептен, турбо – искрено ни кажува дека сега „увидел“ дека треба поинаку. Фројдовски ја гледаме „најискреноста“ од човекот кој 100 пати не ја говорел вистината.
Ако некој те излаже еднаш, тој е виновен (ТАТ 1997, Свети СДСМ, пругата кон Бугарија 1994). Ако те излаже два пати, самиот си виновен (15 септември 2002 и еден вработен од секое семејство). Ако те излаже трет пат, тоа е патолошки мазохизам. Но, за среќа, доволно се сеќаваме на неговите лаги. И, патетичните извинувања, појаснувања, изговори, себевиктимизација, контексти, околности...
Ваквите извинувања по стоти пат се политикантство од најдолен вид. Се работи за обично додворување и бркање гласови, во функција на враќањето на власт на тие кои ја опљачкаа Македонија. Нема тука искреност и покајување. Туку, обична ПР-стратегија, кој треба да го амнестира од најголемиот грабеж во македонската историја.
И, транзицискиот Црвенковски веднаш ја релативизираше вината на „сите влади“. Таквата поделба на вината е дел од вкупното губење на чувството за лична одговорност во „Прво Бранково доба“ (1992 – 1998) и „Второ Бранково доба“ (2002 – 2006). Ние сите треба да сочувствуваме со него, затоа што токму тој го понел бремето на плеќите за неизбежната транзиција. Другите треба да бидат соодговорни за неговите потфати, иако тој спроведе 90 отсто од приватизацијата. Сите ги плаќавме безбројните санации, отпишувања на долгови, репрограмирања... Загубарите беа на целата држава, а профитот беше индивидуализиран. Мизеријата беше на работниците, а милионите им припаднаа на одбраните.
И гледаме обид за фокусирање на вкупните источноевропски состојби, ставајќи ги работите во поширок контекст. Но, ние треба да си ги видиме директните извршители. Поради нивните лични интереси, ние добивме приватизација како во Москва 1994 година. Како во Пожаревац 1995 година и приватизациите на Милошевиќ и Кертес. Како „Мултигруп“ во Бугарија во деведесеттите и нивниот холдинг. Тоа се сличните состојби со приватизацијата на Бранко Црвенковски. Но, не беа сите приватизации такви. Ги имаме солидните примери на Унгарија, Чешка или Словенија. Затоа тие држави се таму каде што се.
Личната одговорност е реален проблем за оној кој сака да ја колективизира одговорноста за неговите лични одлуки. Во деведесеттите се знаеше кој беше газда во Македонија, особено по атентатот на Глигоров и неговата маргинализација. Се знаеше дека Бранко Црвенковски ги носи клучните одлуки. Се знаеше со кого мора да се договара секоја приватизација и како се прави дилот.
Бесцелните извинувања се само еден случаен симптом на отсуство на лична одговорност. На тој начин целото општество е во опасност, затоа што губењето на колективната меморија не носи во ризик истите актери да ни ги приредат истите разочарувања. Бесрамно се потценува народот кога мислат дека се заборавија транзициските епизоди.
„Пелагонија“, Железара, Стаклара, Циглана, Свилара, ФАС „11 Октомври“, „Македонија табак“, „Центро“, „Славија“, „Алумина“, ЧИК Куманово, „Југохром“, рудниците, „Тутунски комбинат“, „Македонка“ и останатите фабрики некој смислено ги уништи. Некој смислено го приграби имотот, а ги остави работниците без егзистенција.
Таквиот грабеж беше покриен со молк на единствениот и државен медиум во тоа време. И двата весника кои беа апологети на транзициската „левица“. Наместо да се персонализира вината во Капо ди тути капи, ние некако треба да се помириме со пљачката на државниот имот затоа што „такво било времето“.
Наместо име и презиме, ние добиваме општи фрази од Црвенковски. Наместо повлекување на истрошен политичар, ние добиваме уште еден јуриш на транзицискиот махер. Наместо оставка на Бихаќка, гледаме обид за враќање на „Илинденска“. Нема да помине.