Конечно поевтини половни возила
29.01.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 59
Две работи се карактеристични за возниот парк во Република Македонија. Прво, во Македонија се возат релативно малку автомобили, ако се спореди бројот на возилата во земјите со слична големина како Македонија. Второ, Автомобилите кои веќе се на македонските патишта се изразито застарени.
Кои се статистиките? Македонија со 2 милиони жители има околу 300.000 возила. Со иста популација, Словенија има 1.045.000 возила. Естонија има помалку жители од Македонија. Со 1,5 милион жители, во Естонија се возат 611.000 автомобили. Латвија е малку поголема од Македонија, со 2,4 милиони жители, но таму има дури 932.000 возила. Погледнете ги уште еднаш македонските бројки и разликата е очигледна.
Значи, поради економските услови, во Македонија се возат помалку автомобили од земјите со слична големина. Би било идеално кога нашите граѓани би имале можност да купат нови возила. Но, во моментов многу семејства ги немаат тие пари. Не се во можност да купат нова кола која чини 10 или 15 илјади евра, како „форд фиеста“, „сеат ибица“, „рено меган“, „опел астра“ или „тојота аурис“. Ако продолжи ова темпо на купување на нови возила, Македонија ќе ја достигна бројката на Словенија или Естонија за 20 години.
Затоа, граѓаните се насочени кон купување на половно возило. Но, во Македонија досега имаше забрана за увоз на половни возила постари од 10 години. Поради тоа, понудата на половни возила во Македонија е релативно мала. Помалата понуда доведува до повисоки цени. На пример, во Германија „форд фокус“ произведен во 2000 година чини околу 2.000 евра, зависно од километражата. Таквото возило чини во Бугарија чини 3. 500 евра, а во Србија 4.500 евра. Во Македонија цената е околу 5.500 или 6. 000 евра.
Или, цената на „голф 4“ од 2000 година во Бугарија е околу 3.000 евра, а во Македонија е околу 7.000 евра, зависно од дополнителната опрема. Многу наши граѓани не можат да купат ниту ново возило, ниту да купат од скапите половни возила. Затоа, најновата мерка ќе им овозможи на тие луѓе да дојдат до некакво возило. Имаме огромен број семејства кои сега не можат да појдат на лекар или се ограничени во своето движење поради тоа што немаат кола. Принудени се да ги молат роднините со кола за превоз, да ги користат (не) редовните автобуси или да користат велосипед.
Доаѓањето до возило ќе ја подобри нивната мобилност, нивниот живот и ќе ја подобри нивната работа. Државата ќе дојде до повеќе средства затоа што тие луѓе ќе ги регистрираат тие возила, ќе ги осигураат, ќе ги плаќаат патарините и ќе користат бензин. Оваа мерка ќе ги направи нашите патишта поатрактивни за странски вложувања, затоа што на нив ќе има поголем сообраќај.
Истовремено, огромен број семејства ќе можат да ги заменат своите стари автомобили со понови. Околу 30 отсто од возилата во Македонија се постари од 20 години. Значи, 100. 000 коли во Македонија се многу стари, а нивниот еколошки стандард е ЕУРО О (нула) . Тоа значи дека имаат огромна емисија на штетни гасови. Последната мерка за полесен увоз на стари возила ќе овозможи да се заменат огромниот број возила кои се стари 30 години со половни возила стари 10 – 12 години, а кои го имаат еколошкиот стандард ЕУРО 2 или ЕУРО 3. Тие автомобили се еколошки поприфатливи од актуелниот возен парк.
Во практика, ќе се отфрлат автомобили како „застава 101“, „застава 128“, „фиат 1. 300“, фиќовци, вартбурзи и шкоди, кои се произведени во 1975 или 1985 година. Наместо нив, луѓето ќе купат коли кои се произведени од 1995 до 2000 година, како „голф 4“, „сеат леон“, „форд фокус“, „опел астра“, „фиат браво“, „хјундаи“, „ситроен ксара“, „пежо 206“ и слично. Ако таквите возила до вчера биле добри во ЕУ, ќе бидат доби и за Македонија. Тие возила се возеа во Германија, Словенија, Бугарија и во Италија, така што ги исполнуваат европските стандарди.
Воедно, голем број таксисти ќе можат да ги заменат своите дотраени возила со половни возила, во релативно подобра состојба. На тој начин, наместо небезбедно „даеву тико“ произведено во 1994 година, ќе добијат можност да купат „опел вектра“ или „пасат“ произведен 2000 година. Ќе се намали бројот на возила со странски таблички, кои моментално давачките ги даваат во други држави, а ги користат тукашните патишта. За жал, многу граѓани се одлучуваа на таков чекор поради тоа што со истите пари во Македонија не можеа да купат половно возило.
На крајот, мислам дека се носи добра мерка. Наместо да се штити интересот на 40 автоувозници, се носи мерка која е во интерес на стотици илјади граѓани. Наместо да се штитеше интересот на дуополот во мобилната телефонија, се воведе трет мобилен оператор. Цените на СМС пораките и телефонските разговори денес е многу помала одошто во 2005 година. Наместо да имаме пропаднати тендери за пасоши, имаме биометриски пасоши и укинување на визите. Наместо да се промовираат олигарси кои цели фабрики и имоти купија за едно евро, се овозможува да илјадници граѓани да ги откупат своите дворни места за едно евро за квадрат. Тоа се некои од причините поради кои граѓаните ги поздравуваат ваквите мерки.