Лелек по лек
12.05.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 277
Аптеката беше излепена со листови хартија на кои со црн фломастер беше напишано дека нема лекови на рецепт. Неколку постари граѓанки и граѓани се шуткаа и не им се веруваше на очите и ушите. Мажот со три рецепти зјапнато ја гледаше нервозната аптекарка, која му ги враќаше рецептите еден по еден и повторуваше: „Нема... нема... нема...“. Мажот со два рецепта јадосано коментираше: „Ете затоа ни дадоа бесплатно возење во петоците, за да можеме да одиме од аптека во аптека во потрага по лекови!“. Каква коинциденција, беше петок, седми мај! Во другата аптека, жената со еден рецепт ќе припаднеше кога слушна колку треба да плати за лекот што веќе го немаше на рецепт, ни за лек! Ја спомнува својата пензија и вели дека не може да си купи лекови за високиот притисок што ја мачи. Луѓето се плашат дека нема да има инсулин и не можат да се изначудат какво зло ги нападнало. И очајнички и безглаво продолжуваат да бараат лек обиколувајќи ги аптеките. Одбиваат да поверуваат во очигледното: Здравствениот фонд не се полни. Експертите дебатираат за тоа кој фонд прв ќе банкротира, оној за здравствено или оној за пензиско осигурување? А оние што не можат да му одолеат на црниот хумор велат дека недостигот од лекови бездруго ќе го намали товарот што го натиснал пензискиот фонд, така што ќе го намали бројот на пензионери!
Слушам дека во една телевизиска дебата деновиве уметникот Марјан Камиловски го прашал Жарко Трајановски зошто „нашата Сорос фондација“ (така рекол уметникот, „нашата“!) не им купи лекови на луѓето. Не знам што му одговорил Жарко, но јас би му одговорил дека тие луѓе не уплатувале придонеси за здравствено осигурување во фондацискиот, туку во државниот фонд за здравствено осигурување. Доколку не би останал со подзината уста од безобразието на уметникот кој мисли дека државата треба да ги финансира хировите на груевистите и нивните уметници, а омразените фондации и странски влади треба да го спасуваат загрозеното здравје на граѓаните, кое за првиот груевист е технички проблем!
Пред десетина дена, откако прошетавме меѓу тарабите од кои треба да никне „Скопје 2014“, еден добро информиран и влијателен Американец ме праша како можеме да се надеваме Конгресот на САД да ни одобри финансиска помош кога нашата „преродбеничка“ власт се расфрла со пари како да владее со земја која плива врз нафта. Беше тоа пред да бидат кренати на постаментите коњаниците Гоце и Даме. Високо над нашите глави, тие немо ќе сведочат дека нашето време тече наназад, од дваесет и првиот кон деветнаесеттиот век! А за да биде збрката поголема и попровинцијална, во нашиот задоцнет романтичарски деветнаесетти век се прошверцувало и нездраво количество соцреализам. Каде ќе ни биде крајот?
На прашањето ми одговори Милошоски, министерот кој уште се преправа дека се занимава со надворешни работи, иако малкумина веруваат во тоа. Наместо интеграција, тој ни веќава продолжена изолација. Најавува почеток на преговорите до крајот на 2011 година оти Полјаците и Унгарците не сакале повеќе од Шпанците! Убава честитка за Денот на Европа ни испорача министерот на трибината на која, сепак, најблескавиот бисер е изјавата дека евроскептицизмот бил непознат збор во нашата земја. Уплав да го фати човека. Министерот, не само што не чита странски весници, тој не чита ни домашни! За почеток, му препорачувам да ја прочита статијата на најдомашниот новинар на првиот груевист под наслов „Еротска унија“, објавена во понеделничкиот „Вечер“. Се разбира, јасно ми е дека, дури и да прочита, министерот ќе се направи дека не прочитал. Зашто такво е итроманството на груевистите: На зборови - кон Европа, на дело - што подалеку од неа! До кога така?
До едно гласно и неевропско „Ај, сиктер!“ што ќе им го кажат граѓаните на груевистите, а ако тоа не се случи, истото ќе ни го кажат Европејците на сите нас, граѓаните. Во тој миг, груевистите од првиот круг, нафатирани и со веќе спакувани куфери, ќе заминат во други татковини. А во кутрата Македонија, ограбена и заборавена, ќе останат граѓаните кои и понатаму ќе ги опсадуваат аптеките и ќе бараат лек за својот лелек. Дали и кога ќе сфатат дека за маката нивна со лелек не се наоѓа лек. Ни апче, ни лајче, без оглед на рокот на траење. Уште малку и сите рокови ќе истечат. Ќе ни преостане само хируршкиот нож.
Како, бре, не научивме ништо? Како, бре, дозволивме за помалку од десет години двапати да паднеме во истата дупка? Како, бре, поверуваме во истите лаги? Како, бре, двапати си ја заебавме државата?