Лопати и ангели
11.08.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 558
Има нешто позерско, невкусно, па дури и карикатурално во зачестените лопатарски потфати на нашиот премиер. Божемната скромност при божем големите чекори со кои се усреќува народот кој страда за тениски игралишта. Лошо одглуменото снебивање додека бројните камери го снимаат усреќителот на нацијата на фонот на неколкуте физиономии, кои, по правило, не кажуваат ништо. А кога ќе зинат да кажат нешто, како што зина оној несреќник од Агенцијата за партиски подмладок, ми иде да потонам од срам. Карикатурален е во својата приземност божем свечениот чин, кога неизбежните попови ги благословуваат лопатата и кофата бетон, небаре се работи за некаква црква или манастир, небаре премиерот наш е ктитор чие богатство ќе се прероди во нешто духовно. Не му прилега на баналното да се кити со аурата на сакралното.
Заслепен од лопатарската кампања, оглувен од воинствените барања за прекин на преговорите и отруен од низата други гафови на груевци, за малку ќе го превидев текстот на Јасна Франговска, објавен во саботната „Нова Македонија“. Насловот „Влагата изеде уште еден ангел“ кажува многу за нашите бедни состојби. Познатото теолошко прашање „колку ангели можат да застанат на врвот од една игла“, во нашата варијанта ќе гласи: „Колку ангели може да изеде спрегата на нашата размавната алчност, негрижа и провинцијалност?“.
На македонските фрески се насликани некои од најубавите ангели што ги познава сликарството. Предренесансните фрески по црквите низ Македонија се еден од бисерите на нашето културно наследство. За наша среќа, не и единствениот, но несомнено се неговиот најранлив дел, кој бара постојана стручна грижа. Она што се случува со фреските во охридската црква „Св. Богородица Перивлепта“ не е помалку срамно и скандалозно од пожарот во кој изгоре манастирот „Св. Јован Бигорски“. За два месеца солта изела цел еден ангел среде православниот Ерусалим, во државата во која власта троши над стотина милиони евра за псевдокласицизам и за псевдобарок!
Наместо да се соберат во црквата што народот ја знае како „Свети Климент“ и да се помолат на Бога да го просветли умот на премиерот и на министерката, за да ги пренаменат за спас на ангелите милионите евра кои ќе се фрлат (и здиплат) за восочен и друг бофл, владиците и поповите трчаат за да ја благословат лопатата што ќе го закопа универзалното во македонската уметност. О време, о обичаи! Со парите што ќе ги потроши неуморната лопата можеа да се реставрираат и конзервираат сите цркви во Македонија; на врвни универзитети да изучат десетици конзерватори и реставратори за фрески и икони, за камен и за мермер, за керамика и за дрво; да се објават на странски јазици водичи за љубопитните странци.
Франговска цитира еден Американец, врвен експерт за заштита на културното наследство, кој летово ја посетил и црквата од која исчезнал ангел: „Како ќе им го објасните ова на туристите? Кога ќе ја видат состојбата на фрескописот во црквата, тие добиваат впечаток дека целата држава ви се распаѓа“. Дијагноза од чија точност ми стежна. Дал′ ангелот е изеден ил′ ангелот избегал за да не го гледа резилот наш кој трае од 1980-тите?
Меѓувремено, го изградија новиот Плаошник, чија автентичност срамежливо ја оспори академик Грозданов пред некој ден на ТВ Алфа, па изградија две нови средновековни тврдини во Охрид и во Скопје, па онаа монструозна крпеница за која лажат дека била куќата на Мајка Тереза, па почнаа да си градат музеј во Скопје, па монументална сценографија за Уставниот суд и што ти уште не, но ангелот го заборавија! Од пизма ли, од завист ли? Зашто ангелот на Михаил и Евтихиј беше вистинска, величествена уметност, недофатлива и неодгатлива за оние чија креативност е обратнопропорционална на нивното самољубие. Рацете полни со пари, устата полна со патриотизам.
А црквата во која солта го изеде ангелот нека ни ја заштитат Американците со 650.000 долари! Како не им е срам на патриотите православни да ги примат доларите од тие клети Американци, за кои ни тврдат дека не мразат! На кој од седумте смртни гревови му припаѓа ова?
Да, државата ни се распаѓа под ударите на лопатата на семоќниот Никола. Лопатата негова нема милост ни за ангелите ни за луѓето. Мувлосани ни се црквите, но мувлосани ни се и школите, болниците, возовите и автобусите, па и затворите. Мувлосани ни се и умовите. Добри за по дома, за в меана, за пред бакалница. Храбри во анонимноста, гласни на поминување, зад грб, на бегање. Да, државата ни се распаѓа. Не знам дали режимот ни е тоталитарен, но знам дека штетата е тотална. Не ги штеди ни оние кои молчеа, верувајќи дека токму нив ќе ги одмине новокомпонираното варварство.
Ангелот нема да ни прости. И ако бил ангел на благоста, доколку се врати, ќе ни се врати како ангел на казната.