Лузна на нашето време
27.01.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 179
Едно е сигурно: Чоекот ќе остане запаметен како лузна на нашето транзициско време. Започна како отворена рана, подоцна се закорави како краста, а сега завршува како лузна. Не знам дали чоекот се занимава со разузнавање, но ни малку не се сомневам дека со години се занимава со разурнување на Македонија. Неговиот метод се сведува на вербален отстрел на сите оние кои не им се по волја на неговите наредбодавци. Особено љуби да ги отстрела оние кои не молчат дека тој отстрелува така што лаже, клевети, подметнува и подбуцнува.
Затоа чоекот е податлив за улогата што ја игра во мрачните ќошиња во кои се одвиваат политичките пресметки. Неговата кариера се темели на апсолутен етички дефицит. Господарите ги менува со невидена леснотија, но секогаш е со власта. По углед на првиот му господар, кој е секогаш со власта, уште од Лазо (Лазо Колишевски, море Македончиња со испрани умови!), па с* до Грујо. Ѕвездените мигови на чоекот и првиот му господар се забележани при нивната посета на српскиот вожд Милошевиќ. Деновиве ја видовме подзаборавената фотографија од поклонението им во Белград.
Неизбежна последица за сите овдешни нарачатели на услугите на чоекот беше нивното компромитирање. Просто е неверојатно како ниту еден од нашите властодршци не извлече поука од погубните последици од користењето на услугите на чоекот. Неговиот талент за отстрел на луѓе се потпира на бескрупулозност без граници.
Единствената негова изјава во која нема причини да се сомневаме е дека е најдобро платениот извршител на политички нарачки во македонското новинарство, што е неизбежен заклучок од неговата изјава дека уредничките плати му носат 4.000 евра месечно. Значи, најмалку со 48.000 евра годишно се платени оние списоци на „предавници, грчки платеници, соросоиди, комуњари, педери“ и што уште не. Скапо платени помии од казанот на чоекот кои се истураат врз главата на оние кои го плаќаат. Запнат да ги избербати критичарите, чоекот ги бербати политичарите - нарачатели на бербатењето.
Чоекот си сака да удира. На хартија и пред камера. Ако му одговорите, се заканува со тужба на суд. Бара заштита, праведникот. Ако го тужите на истиот тој суд, почнува да вреска. Монтира фотографии, го заплашува народот, бара заштита од власта. Денес заборава кого клеветел вчера, утре ќе заборави кого клеветел денес. Најпрвин блада дека е нападнат од некаков „нацистички проект“. А „проектот“, односно фондацијата, е финансиран од Евреин, кој не завршил во Аушвиц само зашто татко му навреме сфатил дека нацистите ги испраќаат Евреите во гасни комори! Истиот тој „нацистички проект“, односно фондација, овозможи школување за над илјада македонски Роми!
Само испревртениот ум на еден поклоник на Милошевиќ може да произведе такви лаги и да мисли дека ќе потраат подолго од миговите потребни тие да се изговорат. А потоа чкраба за комунистички методи! Па запиња да стави на куп луѓе за кои се знае дека немаат ништо заедничко. А можеби чоекот престанал да мисли? Зашто го фатила паника по објавувањето документи за соработка со странски разузнавачи, па се претворил во пиштол кој троши многу муниција, но никако да ја погоди метата.
За веродостојноста на документите објавени во „Време“ се расправа и ќе се расправа. Но, чоекот побрза да побара потврда за својата невиност. Не на суд, омилената му инстанца до неодамна. Се обрати до министерката Јанкуловска, која, небаре католички бискуп, на чоекот му потпиша индулгенција, односно пусулче за простување на гревовите. Итно, наврапито и, неизбежно, несмасно. Експертите & ја оспорија надлежноста, граѓаните занемеа од невидената ефикасност на системот, а неколкумина пратеници се пожалија дека повеќе од една година немаат одговор на слични барања упатени до истото Министерство. Очигледно, министерката за нив не мисли дека се невиност без заштита. За разлика од чоекот чија невиност не може без заштита.
Па, нели премиерот му е куќен пријател на чоекот! Така ни кажа чоекот. Интимус, што би рекол Крлежа, што значи дека на чоекот му следува државна заштита, односно потврда дека е невин. А ние си мислевме дека за прашањата на вината и невиноста е надлежен судот. До неодамна и чоекот го тврдеше истото. Се залета и заборави на поговорката која вели дека тој што по меч посега, од меч и ќе загине.
П.С. А нашата лустрација веќе се претвори во уште една илустрација на кај нас ненаучената лекција дека успехот на законите најмногу зависи од капацитетот и интегритетот на институциите надлежни за нивно спроведување.