Македонија на Светско? Вреди вистински да се обидеме.

30.04.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 193

Чекавме 4 години, поминаа квалификациите, остана уште малку. Нема да има избори, цунами, рестрикции на струја или вулкани. Дојде времето на фудбалот. Нема различни часовни зони, натпревари во 2 навечер или 7 наутро. На раат можеме да си седнеме пред телевизорот и да гледаме Светско првенство.
Стивен Жерар е поинтересен од Фуере, Капело е попаметен од Том Круз, Меси дрибла подобро од опозиционериве, Бразил е посилен од позиционерите. Лигата на шампионите е само загревање, а Олимпијадата е убаво спортско интермецо додека се чека главниот спортски настан. Ќе дојдат новите шампиони, ќе се тресат мрежите, публиката ќе паѓа во делириум и депресија. Почнува најдоброто.
Италијанците одвај ќе поминат група, Германците ќе играат 120 минути, Холанѓаните неочекувано ќе кикснат, а некоја африканска екипа ќе биде привремен хит на првенството. На крајот некој ќе победи, а сите други ќе треба повторно да почнат од квалификациите за следното Светско првенство. Тука почнува приказната за Македонија.
За македонскиот фудбал се напишани илјадници страници. Потрошени се тони мастило. Дадени се сите пофалби, но и најголемите критики. Минатото не можеме да го смениме, ниту да се вратиме во некои од претходните квалификации. Затоа, најважно е да се сконцентрираме на следните квалификации. Кога го прашале некој мудрец кои се најважните 10 години, тој рекол: Наредите 10 години. Иднината секогаш е најважна.
Што можеме сите ние лично да направиме Македонија да биде добра во наредните квалификации? Треба да коментираме, но не можеме сите да бидеме селектори. Треба да критикуваме, но не смееме сите да бидеме нихилисти кои ќе негираат се и сешто. Можеме да мудруваме, но да ги оставиме играчите да играат најдобро што можат. Фудбалот е сечиј, тоа е народна игра, но да ги оставиме фудбалерите и стручњаците да го дадат својот максимум. Не можеме сите да бидеме тренери, стратези или центарфори. Значи, што можеме ние, вљубениците во фудбалот и навивачите да направиме во наредниот квалификациски циклус за Европското и Светското првенство?
Прво, мораме да изградиме култ и почит кон репрезентацијата. Националниот тим е нешто посебно и тука мора да имаме посебен пиетет. Или е така или не така. Треба да имаме самокритика кон самите себеси, иако сме убедени дека грешката никогаш ни најмалку не е кај навивачите. Во тој дел, мора да се поправиме. Нема тука многу потреба од филозофирање.
Второ, мораме да имаме повеќе публика кога игра репрезентацијата. Срамота е кога игра националниот тим да има одвај неколку илјади публика. Не е во ред помодарството и снобовштината да се оди на стадион „за да се гледа Шпанија“. Не. На стадион треба да се оди за да се навива за Македонија. Секој сака да ги гледа Робен, Лампард или Раул, но за Македонија треба да се навива и кога игра со Лихтенштајн, Андора или Исланд.
Трето, време е на натпреварите на репрезентацијата да почнеме да одиме во националните бои. Кога игра Холандија, трибините се портокалови. Кога игра Шведска, навивачите се во жолто. Кога игра Македонија, треба да се облече црвено или жолто. Оваа навика полека почна да се практикува, но потребна ни е поголема доследност. Можеби би биле доволни неколку повици во рекламите „сите во црвено“ и да почне да се практикува традицијата. Не мора секогаш да се има оригиналниот дрес. Доволно е да се биде во националните бои, а македонските тифози ќе станат препознатливи. Секој играч кога ќе ја види таа глетка дополнително ќе биде мотивиран.
Трето, не е во ред да им свиркаме на играчите. Гледачите може да се расправаат во кафеана, тренерот да вика во соблекувална, а коментаторите да пишуваат критики. Но, додека се игра натпреварот, треба да се аплаудира и да се бодрат играчите. Уште се сеќавам кога во 2000 година го гледав Арсенал. Тони Адамс го промаши голот за 20 метри и го погоди покривот од трибината. Но, дури и после тоа, сите скандираа „Еден е Тони Адамс, само еден е Тони Адамс“. Зарем требаше да загине Тоше, па да докажеме дека можеме да го наполниме стадионот дури и со Андора?
За крај, што можат да направат играчите и ФФМ? Прво, играчите мора да изградат култ и почит кон репрезентацијата. Државниот дрес не е само обичен текстил, а натпреварите за Македонија секогаш заслужуваат напор повеќе. Публиката секогаш ги сака пожртвуваните, борбените и посветените. Фразата „срцето на теренот“ мора да се докаже во реалноста.
Второ, нашите играчи мораат да покажат заедништво и сплотеност. Доволно е да се видат Јужноамериканците кога се свири нивната химна. Да се види како Чилаверт ги бодреше своите соиграчи, како Фабио Канаваро е вистински капитен или како Словенците се организирани и подготвени.
Трето, ФФМ треба да ја намали цената на картите. Конечно имаме голем стадион. Потребни се многу, многу луѓе за да се наполни стадионот. Исти се парите ако 30.000 луѓе купат карти за 50 денари или 15.000 билети за 100 денари, или ако 5.000 луѓе купат со карти за 300 денари. Но, огромна е разликата во атмосферата меѓу 5.000 гледачи и 30.000 навивачи. Цената треба да биде мала, а секој да може да купи најмногу по 2-3 карти за 50 или 100 денари. На најсилните натпревари може да има малку поголема цена, но секогаш таа треба да биде доволно ниска за да може да се обезбеди полн стадион.
Сме победувале со шампионите, а сме губеле од аутсајдери. Тоа докажува дека можеме да успееме кога сакаме, а дека потфрлуваме кога сме психолошки или физички неподготвени. Знаеме дека во Македонија се тешки условите, но... Ниту Пеле, Марадона или Меси ги немале сите услови. Израснале во фавели, но со голема љубов кон фудбалот. Зарем Мајкл Џордан ќе станеше најдобар на сите времиња ако тренерот во средно не го држел на клупа? Но, Џордан тоа не го разочарало, туку го мотивирало 10 пати повеќе да тренира.
Македонската историја секогаш е полна со големи потфати на обичните луѓе. Нашите револуционери или светители биле луѓе од народот, од едноставни семејства кои имале голем мотив, упорност и волја. Тие не се само наша традиција, туку и примери да ги следиме, со нивните постапки и вредности.
Сето ова не дава гаранција дека ќе отидеме на Европско или Светско првенство, но може да помогне. Потребна е вистинска атмосфера, огромен ангажман, многу трчање и малку среќа. Доволно е да направиме добар резултат во првите 4 натпревари. Доволни се 2–3 гола и ќе почне грозницата. Ќе заигра срцето, ќе дојдат навивачите, ќе запнат Македонците.
И? Се е можно. Можно е ако веруваме, ако сме мотивирани и ако имаме вистинска желба. Атмосферата и амбиентот околу репрезентацијата сите го градиме. Спремајте ги телевизорите, доаѓа Светското првенство. И, замислете за момент како би било таму да ја видиме Македонија. Јас се наежив. Вреди вистински да се обидеме, нели?