Македонска геометрија

26.05.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 282

Денешната колумна мислев да ја посветам на проклетството на симетријата, феномен кој не и дозволува на Македонија да пркне од живиот песок на груевистичкиот режим. Проклетството на симетријата се состои во потребата или принудата во јавните искажувања да се става знак на еднаквост меѓу власта и опозицијата. Поконкретно, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Уште поконкретно, меѓу Бранко и Никола. „Сите се исти“, тука почнува нашата капитулација. Со неа го оправдуваме тоа што подмолчуваме и премолчуваме, тоа што ги пикаме главите в песок, тоа што сеириме кога ни се случува зулумот, тоа што дозволуваме „преродбата“ да го разградува и она што ни преостана? Зар навистина сме толку рамнодушни, малодушни, уплашени, поткупени или, можеби, слабоумни? Не е белки дека сите што молчат, молчат зашто се плашат дека ќе останат без работа? Знам мнозина кои го прифатиле проклетството на симетријата како благодат, алиби со кое си го бранат комформизмот и опортунизмот. „Никола мора да си оди, Бранко не смее да се врати“, ми објаснуваше еден добро ситуиран граѓанин загрижен поради ќор-сокакот во кој груевистите ја втерале Македонија. „Да, но за да падне власта, опозицијата треба да победи“, му реков јас. „Гледате ли вие и вашите пријатели доволно силна опозиција без СДСМ“, го прашав. Одговор не добив ни на прашањето дали Македонија заглави поради семоќната власт или поради немоќната опозиција. До вчера не обесхрабруваа така што не убедуваа дека проблемот на опозицијата е во нејзината немоќ. Од вчера, преку ноќ, ја променија музиката. Почнаа да не заплашуваат со моќта на опозицијата предводена од Бранко. Одново проклетството на симетријата: Опозицијата јакне, власта слабее. Недоволно, засега. Недоволно за да се каже гласно и јасно дека ниту груевизмот е патриотизам, ниту груевистите се патриоти. Недоволно за да се каже дека да се сака Груевски не значи да се сака татковината Македонија. А треба да се каже. И да се повторува. Зашто, груевистите четири години бесрамно ја присвојуваат љубовта кон татковината, модрици ги покрија од што се чукаат во градите на кои облоги од банкноти редат. И зашто си го доделија правото предавници да прогласуваат, да етикетираат и анатемисуваат, небаре се светата инквизиција од која се купува простување на гревовите. Затоа треба да се каже и да се повторува дека груевизмот не е македонизам. Се сетив на хармониките „Далапе“ кога прочитав што начкртал во понеделникот оној ДаЛаПе од „Вечер“, првиот хармоникаш на груевистичкиот агитпроп. Уште едно турбо-фолк „начертание“ со соодветно, „македонско“, заглавие: „Преваранти“. И каква попара овој пат надробил ДаЛаПе? Почнува како пророчица: „Македонија е на добар пат да стане држава“. А ние мислевме дека кутрата Македонија е држава барем четири години, од доаѓањето на груевистите на власт!? Продолжува како поп: „Верувам дека до крајот на оваа година Груевски, во преговорите со Грците, ќе се избори за достојно решение кое не задира во националниот идентитет и јазикот“. Аман бре, ДаЛаПе?! Зар ова не е она за што се залагаа предавниците, вклучително и Бранко? Ами името на државата? Да не го заборавивте на острата историска кривина? Или пак ни продавате басма? До вчера беше јуни, од денес е „крајот на годината“? Купувате време? Одговорот доаѓа веднаш во облик на пресуда: „Ако не успее, ќе си има избори, ќе си излезе секој со својата понуда по тоа прашање, па народот нека гласа. Дал сака Бранко и СДСМ да му бидат кумови, или сака Груевски да му биде премиер“. Од каде пак сега Бранко кум? Па нели во втората реченица на своето „начертание“ ДаЛаПе му го беше доделил кумството на Никола, кој заради одбрана на идентитетот и јазикот ќе ја одмолчи државата? Груевистичка геометрија. Никола ќе го прифати кумството за да остане премиер. И ќе го одбие кумството за да остане премиер. Кратко и јасно. И симетрично.
„Поштено“, завршува на литературен македонски јазик ДаЛаПе. Потоа следува список на душманите и „преварантите“ кои само првиот хармоникаш на агитпропот може да ги стави на купче: ДУИ, Тачи, Селмани, Борјан, Геро, ЗНМ, Велија, А1, Време, Шпиц, Дневник, Утрински, Сорос, Фрчкоски... Списокот на душманите и „преварантите“ е отворен за допишување. Зашто, многубројни се тие, речиси колку што се многубројни и читателите на билтенот на ДаЛаПе. Симетрија! Мора да се многубројни, за да може да се поткрепи решеноста на Никола да биде премиер, без оглед дали ќе биде или нема да биде кум. Во духот на македонската геометрија. Пирамидата на груевизмот налегнала врз пустинскиот песок толку што ништо живо не ја поместува. Оние што ја изградија, стенкаат потиснати од нејзината тежина. Некои мрморат за тоа дека оние претходните, бранковистите, не ја задушија волјата на мнозинството на изборите. И се прашуваат дали овие сегашниве, груевистиве, ќе ја прифатат волјата на мнозинството на наредните избори.
Прва пукнатина во симетријата која не парализира? Не знам, но знам дека груевизмот не е македонизам.