Мали тајни за потенцијалните мајки и татковци
02.04.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 240
Плаче ли бебето? Како е? Како се снаоѓаш? Дали си наспан? Тешко ли е? Како оди менувањето пелени? Тоа се најчестите прашања што ги добивам овие 40 дена во врска со ќерка ми. Нормално, прво одат честитањата и најдобрите желби. Тие што се постари обично ми велат „братче или сестриче догодина“. Со тие што имаат слични години и веќе станале родители, разменуваме искуства.
Но, најчести се средбите со тие што немаат деца, кои се млади, кои планираат допрва да стапат во брак. Секојдневно давајќи ги истите одговори, еве, колумна која може да биде циркулар со одговори :). Како што на интернет страниците има рубрика „најчесто поставувани прашања“.
Значи, мојот одговор би бил: нема поубава работа од раѓањето на детето. Ако се двоумите, не мислете се. Ништо не е страшно, ниту премногу проблематично. Ова ви го кажувам од прва рака, како татко на Марта која има одвај 50 дена или седум недели старост. Одиме по ред.
Како е? Најубаво. Нема ништо слично на татковството. Стопати сум слушал како другите ми го кажуваат истото. Нормално, климав со главата. И самиот велев дека сигурно тоа е најпосебното чувство и се обидував да го доловам. Но... Но, верувајте, нема шанси да знаете како е додека не почувствувате. Стопати поубаво одошто можете да замислите.
Приврзаноста? Најголема. Одеднаш таа трошка ти значи најмногу. Има 4-5 килограми, но веќе е најважна на свет. Го зјапаш бебето додека спие, ја клацкаш додека заспие, ја гледаш додека се храни. И, никогаш не ти е здодевно. Ја гледаш половина час, и повторно ти е малку. Сепак, најголем мерак е кога ќе те погледне со очињата.
Жртвувањето? На најубавиот можен начин сфаќаш дека ти повеќе не си најважен во својот живот. Има за кого да се жртвуваш, има кој да те мотивира, има за кого да работиш. Сите тие работи постојат и пред бракот и детето, но со сопруга и дете добиваат поинаква, уште поубава димензија.
Плачењето? Тоа е нормално. Што може да прави мало бебе освен да плаче? Сите бебиња плачат, и тоа е тоа. Најважно е бебето да не е гладно. Кога е најадено, суво и во ќебе, бебето е во ред. Плус, има неколку финти. Секое бебе сака шетање на рамо или во раце. Обично тогаш престанува да плаче и разгледува наоколу. Значи, нема голема филозофија. Не паничете, само нахранете го бебето, сменете ги пелените и земете го в раце и уживајте.
А менувањето пелени? Ништо страшно. Некогаш ќе плаче, некогаш не. Но, целата работа трае 3-4 минути. За една недела ќе станете експерти за менување пелени. Да, тука има работа, но не е голема работата. На крајот на краиштата, нашите родители смениле илјадници пелени. Сега на нас е редот.
Бањањето? Иста работа. И тоа се учи. Првите 2-3 бањања се потешки, но после се влегува во рутина. Башка, за првите 2-3 бањања тука се бабите и дедовците, постарите тетки или вујковци, чичковците или најдобрите другарки кои веќе имаат деца. Значи, сигурно ќе ја имате помошта и логистиката на семејството. Солидарноста во нашите семејства е вредност што треба да ја сочуваме.
Спиењето? Добро, некогаш ноќта знае да биде подолга, а спиењето пократко. Но, сите сме имале денови кога сме ненаспани. Дури и кога сме оделе на одмор со друштво, половина од деновите сме биле ненаспани. Така и со ноќното плачење на бебињата. Некои вечери се понапорни, но не е тешко. Ние сме единствените од кои зависи тоа детенце.
Нема ништо побеспомошно од мало бебе. Заборавете ги Анимал планет или Нешнел географик. Слончињата од прва можат да се движат, а рибите од прва можат да пливаат. Но, нашите бебиња се целосно зависни од нас. Токму затоа Господ ни ја доверил таа задача. Всушност, тоа е најблагодарната наша задача во животот.
И, родителството ме научи уште, уште повеќе да ги ценам самохраните мајки. Можам само да замислам каков е напорот жената сама да ги прави сите овие работи. Самохраните мајки се едни од хероите на нашата реалност.
За крај, за мирисот на бебето. Бебињата имаат некој убав карактеристичен мирис. Некој мирис кој тешко се опишува, но во секунда го препознаваш. Мирис кој е посебен, убав и бебешки. Ептен е посебно, на прекрасен начин.
Значи, сите потенцијални мајки и татковци, не се мислете многу. Околностите никогаш нема да бидат идеални. Никогаш нема се да биде 100 отсто погодено. Но, ако сте се нашле, ако се сакате, ако се почитувате, ако имате љубов и желба за дете... Тогаш, станете мајка и татко.
Нема поубаво чувство. Со секој изминат ден, се повеќе си го сакаш детето. Дури и кога мислиш дека најмногу го сакаш малото, за една недела гледаш дека си уште повеќе приврзан. На крајот на краиштата, ако нашите баби и дедовци биле цвикатори како нашите генерации, половина од нас немаше да бидат родени.
Нема ниту една мајка или татко на светот што се кае затоа што подарил живот. Животот ќе ви добие нова смисла, нови бои. Нов универзум на љубов, чувства, мисли, одговорност и алтруизам. Честит Велигден, Христос воскресна.