Мандат
21.04.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 235
„Цела Шутка гласаше за ВМРО-ДПМНЕ, а завчера дојдоа и со нас се однесуваа како да сме граѓани од втор ред“, ги цитира саботниот „Шпиц“ тезгеџиите исплашени од налетот на специјалните единици на МВР. Пред нив, истото го изговорија сточарите, најпрвин охрабрени и благословени од власта, а потоа изгорени, не од сонцето, туку од „Сведмилк“. Ако продолжам да набројувам, ќе треба да спомнам и стечајци, лекари, пензионери, професори... за да завршам со оној неименуван поп, кој ламентираше: „Ние ги удиравме камбаните кога победија, а сега тие бараат да плаќаме данок!“.
Се намножија граѓаните кои на разни начини ја изразуваат разочараноста и огорченоста поради злоупотребата на речиси неограничениот мандат што им го дадоа на груевистите. Мандат како оној што го посакува еден лик во комедијата „Мандат“ од Николај Ердман: „Да имав мандат, ќе ја уапсев половина Русија!“.
Немам илузии дека мандатот на груевистите е сериозно разнишан. Разочараноста и огорченоста на оние на кои им се случи непријатно будење, кога сфатија дека со гласот даден за груевистите не си обезбедија влез во тесниот круг на привилегираните, не се доволни за оспорување на мандатот кој се уште има доволно силна тупаница. „Не мора да не сакате, доста е ако ни се плашите“, ни порачуваат чуварите на мандатот. Далеку е денот кога групичките разочарани, огорчени и понижени ќе се обединат и, наредени во колона, ќе побараат да се врати мандатот. Толку е далеку тој ден, што може да се случи никој да не го сака мандатот да управува со урнатините што ќе останат по танцот на нашите груевисти. А тогаш ќе дочекаме некакви задоцнети дадаисти, кои ќе извикаат: „Ќе урнеме се, а потоа и урнатините“.
И кога сум веќе кај дадаистите, не можам да не прераскажам еден виц во кој царува надреалноста на реалното. Значи, си одела Снежана преку една висорамнина и сретнала три човечиња. Ги прашала кои се, а тие одговориле: „Ние сме седумте џуџиња“. - „Како седум џуџиња, кога сте само тројца“ - ги прашала зачудено Снежана. - „Нема луѓе“ - одговориле човечињата.
Нема луѓе. Нема човеци, би рекле струмичани. Некои сметаат дека во краткиот одговор на џуџињата лежи објаснувањето за мандатот со кој и без мандат ќе може, ако затреба, да се уапси половината од населението, која упорно одбива да халуцинира и размислува за бегство пред новиот инвестициски бран, со кој ни се закануваат груевистите.
Мандатот ќе остане неоспорен се додека насилството врз другите не не здоболи како стапот врз нашите глави. Се додека власта, која неказнето се фотографира со фалсификувани часовници, конфискува фалсификувани гаќи. Се додека претепувањето на еден од критичарите на груевизмот официјално се оправдува со божемни долгови што не ги платил претепаниот!
Колку ли ќотек ќе треба да изедат груевистите за сите неплатени долгови дома и во странство, гласи прашањето што неизбежно се поставува по демонстрацијата на портпароловото умеење за извртување на вистината. А можеше да го употреби избраниот метод, да му го припише претепувањето на дежурниот виновник Б.Ц.!
И така, ред по ред, збор по збор, се фаќам како се заплеткувам во амбицијата ништо да не премолчам, се опирам на малодушноста која ме обзема кога ја гледам инфлацијата од злодела, одбивам да потклекнам пред јанѕата дека зборовите, не само моите, се ронат од бедемите на крепоста наречена мандат. Има ли смисла да се пишува кога џиповите газат се пред себе? Може ли со зборови да се избистри талогот што се кренал од дното на реката, поцрн од вулканските пепелишта исландски? Може ли да се запре лудилото еднакво на она што го зафатило алчниот Јероним од „Црвената магија“?
Колку сиви, темни и црни мисли виреат во неговата кутра запалена глава! Најпрвин ќе речат дека е генијален, а потоа ќе речат дека е идиот. Секој човек ќе биде негов непријател и едновремено негов пријател. А тој ќе остане сам среде илјадници почитувачи кои го мразат! Ќе нарача огномети, ќе нарача прослави, ќе ги осветли фасадите, ќе нареди да ѕвонат камбани и да трубат фанфари. Неговата смеа ќе биде заразна и ќе ја зафати целата земја. А луѓето ќе извикуваат: „Долу лакомците! Да живее човекољубецот Јероним, тој што сее пари!“