Ме има и кога ме нема
03.02.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 77
Втората вечер во Њујорк бев на гости кај актерот Жарко Лаушевиќ, чија голгота на илегалец во САД и бегалец од Србија/Црна Гора набргу ќе ја доживее својата правична разврска. Најпознатиот југословенски актер во осумдесеттите и во деведесеттите години на минатиот век ја играше насловната улога во мојата претстава „Свети Сава“, чија изведба во Југословенско драмско позориште во Белград, во јуни 1991 година беше насилно прекината од стотина радикали на Шешељ и српски православни попови, како „навредлива за српската нација и црква“. Една година потоа, во самоодбрана, Жарко застрела двајца од групата напаѓачи кои во Подгорица му се нафрлиле нему и на брат му.
Претходно, Жарко легално се снабди со пиштол бидејќи беше под постојани закани, тој, жена му и децата. А беше и официјално анатемисан од Синодот на СПЦ. По одлежаната казна, замина во САД (легално) и остана таму (илегално). Себеси и своите деца од двата браќа ги издржуваше работејќи како молер. И токму кога ми расправаше за трите месеци поминати во американски притвор, на мојот блекбери стигна порака со скениран текст објавен во „Нова Македонија“, под наслов „СДСМ и Сорос Милчин го трчаат последниот круг“.
Ме има и кога ме нема. Да не е жалосна, ќе беше многу смешна чорбата што ја замешала авторката, со проѕирна намера да ја демонизира фондацијата и нејзиниот основач и донатор. Зашто, тие со парите што ги донирале во Македонија (над 100 милиони долари) всушност 20 години ми ти работеле на демонтажа на македонската држава (?!). Така тврди Емилија Гелева. Од што произлегува дека оние кои во истите години извлекувале стотици милиони од Македонија веројатно работеле на закрепнување на македонската држава! Така што ја ограбувале! А зошто донаторот и фондацијата работеле на демонтажа на македонската држава? Зашто тоа било дел од заговорот реализиран преку фалсификуваната економска криза, пандемијата на грипот и глобалното затоплување?!
Каква ли е таа фрустрација што буричка во умот на некогашната надворешнополитичка советничка и кому ли му се нуди со своето геостратегиско бладање? Банално прашање кое го заборавив истиот миг.
Со Жарко се разделивме со зборовите дека си должиме уште барем една претстава. Следниот ден, токму кога се подготвував да одам да го гледам обновениот мјузикл „Приказна од Западната страна“ во еден театар на Бродвеј, ми стигна порака од еден мој дамнешен студент. „Дали гледаш Канал 5?“. - „Не, во Њујорк сум, одговарам“. - „Мартин Панчевски гостуваше кај Неделковски, не те извади од уста. Поздрав и убаво да си поминеш“.
Ме има и кога ме нема. Убаво си поминав на претставата. Одличната музика, совршената кореографија и двете волшебни Порториканки во главните женски улоги не ми дозволија да се заинтересирам за количеството на отровот што ја излеала пизмата на мојот некогашен најдобар другар, кому му бев кум на свадбата, а ќерка ми беше кума на свадбата на неговиот син во Виена. Не бев ни малку љубопитен за очајничкиот обид на бившиот другар да излезе од анонимноста, така што ќе се придружи на плукачите чии провинциски гнасотилаци не досегаат подалеку од нивниот одамна изгубен образ. Просто не можам да не одолеам да не им порачам да запнат посилно, зашто Њујорк е далеку. Ама да пазат да не претераат, зашто им се заканува опасноста да се удават во сопствената плунка.
А серијалот на Шехерезад од „Вечер“ немам време да го следам редовно деновиве. Во Музејот на модерна уметност има изложба на Тим Бартон, во Метрополитен, има изложба на маниристот Бронзино, во Линколн-центарот има одличен џез, на Бродвеј игра мјузиклот „Фела“, посветен на најголемиот африкански музичар Фела Кути... Новокомпонираниот кич во облик на барокни (?!) гаражи одовде личи на невкусен виц. Но, на невкусен виц личи и текстот во весникот на Шехерезад, во кој се тврди дека „истиот СОРОС и медиумите кои ја злоупотребуваат тајната полиција и објавуваат фотокопии гонејќи луѓе, сега бараат кодошите да бидат заштитени“.
Колку што паметам, неодамна медиумите објавија некаков документ за еден човек, а не за луѓе, како што посакува чоекот. На што се должи ова себеумножување? Да не го фаќа уплав од самотијата што му следува?
Колку што знам, СОРОС ниту ја употребувал ниту ја злоупотребувал тајната полиција со која, колку што знам, раководи братучедот Сашо Мијалков. Што сака да каже чоекот? Дека и братучедот е соросоид? Колку што знам, фондацијата и јас лично имавме критички став за лустрацијата уште пред да биде донесен законот. Јавно, јасно, гласно и навремено. Значи одамна, а не сега. Сега само гледаме колку бевме во право. Без оглед на сегашните и идните одлуки на Уставниот суд.
Здодевно е да се повторуваат фактите, но кај нас толку се лаже што е неопходно да се повторуваат фактите. Заради здравиот разум. Еден од фактите што треба да се повторуваат е тоа дека пратениците на СДСМ гласаа за донесување на законот за лустрација, а Црвенковски го потпиша. И зошто сега Шехерезад и другите мегафони потпикуваат дека СДСМ, Црвенковски и Сорос ја оневозможуваат лустрацијата? Со усул, мегафони! Ако продолжите со врескањето, ќе ве исклучат тие што ве вклучија!
А сега ќе завршам и ќе одам на џез во клубот на Винтон Марсалис. И, за да ме има и кога ме нема, ќе цитирам еден извештај за финансиската криза и медиумите: „Важно е да се одбележи дека во многу случаи државата е доминантен огласувач во медиумите (проблемот е особено акутен во Бугарија и Македонија). Обезбедувајќи некритичко, ‘платеничко’ покривање, медиумите не само што си го подриваат кредибилетот, туку се изложуваат себеси и своите читатели/гледачи на политичка манипулација. Фактички, владите ги употребуваат парите на даночните обврзници да купат позитивно медиумско покривање и, оттука, јавна поддршка“.
Добра ноќ, џезери!