Ми рече еден човек
24.02.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 265
„Го гледате ли ова, господине?“, ми рече еден човек. Беше полн со гнев. Стоеше стуткан во купчето што требаше да наликува на ред, во кој педесетина луѓе чекаа за нови лични карти. Јас штотуку излегов од една од базните станици за пасоши под итна постапка. Среќен што паѓањето на системот траеше само петнаесетина минути, поминував покрај купчето луѓе кои чекаа за нови лични карти.
„Го гледате ли ова, господине? Некој треба да каже нешто за ова!“, ми рече гневниот човек без да ме гледа в очи. Тоа што ми го згреши презимето не го збуни, доволно му беше што знаеше дека сум „од некоја невладина организација“. Не знаеше која, но и тоа не му пречеше онака ултимативно, речиси наредбодавно, да ми каже дека некој треба нешто да каже за тоа што му се случува нему.
А беше многу лут. На државата, на власта, на народот, на невладините организации. Не знам дали беше лут и на самиот себе. А ако беше, дали беше лут зашто згрешил за кого гласал или зашто згрешил кога одлучил да не гласа? Ја разбирам неговата лутина, но не го разбирам тоа „некој треба“, кое кај нас најчесто значи „некој друг, само не јас!“
Три дена подоцна, кога одев да си го земам пасошот, на скалите ме запре еден друг гневен човек и ми рече: „Грчка амбасада!“ Виде дека не разбрав што сака да ми каже, па ми повтори: „Грчка амбасада“. Па ми објасни: „Се лутевме на грчката амбасада, а го дочекавме ова!“ Потоа ми рече дека многу ме почитува и дека негова роднина била моја студентка. И замина по скалите удолу. Одејќи угоре по скалите, мене ми текна дека неговиот зет има привилегиран статус кај оние што нему му го приредија „она“. Се прашувам, дали и на зетот му ја кажал својата метафора за МВР и за амбасадата на Грција?
Следниот ден, еден трет човек го истури пред мене својот гнев против оние од власта. Не можам ни да се сетам на сите нивни гревови што го беа толку разгневиле. Но, се сеќавам дека заврши оградувајќи се дека не гласал ниту за едните ниту за другите, за никого, но дека оние на власт биле неподносливи. Не ми одговори кога го прашав зошто се лути кога веќе се откажал од правото да избира.
Еден четврти човек, добронамерен господин во години, не пропушта да ме праша дали ќе ја спасиме државата од оние кои ја злоупотребуваат власта за да ја уриваат државата. Просто ми е непријатно да го прашам кои сме тие што треба да ја спасиме државата. А ме копка желбата да го прашам колкумина спасители знае тој.
Еден петти човек, сопственик на кафуле, надолго и нашироко ми расправаше за маките со инспекцијата, која не криела дека е дојдена со намера да го казни. И за тоа колку вработени морал да отпушти поради катастрофалниот промет што го има откако стапи на сила забраната за пушење. Не стигнав ни да го прашам дали го затворил кафулето кога угостителите протестира, или се обидел да спечали.
Еден шести човек ми се јави и ми препорача да сум го прочитал петочниот билтен на агитпропот на власта. „Контролата и злоупотребата на македонскиот невладин сектор и медиумите од страна на СОРОС - добива застрашувачки размери - Соросоидите фатени во незаконско единство на печатени и електронски медиуми. Плус, и во Советот за радиодифузија!“ Аман бре, Р В., зар толку сме биле јаки ние соросоидите? Читам, читам, ама не разбирам. Р.В. го прогласил „Фокус“ за неделник близок до СДСМ! Р.В. напишал и дека фондацијата „Сорос“ и Здружението на новинарите ми ти имале дури и заеднички функционери! А јас, слеп при очи, не знаев за тоа. Ми остана загатка „заедничкиот функционер“.
Загатка ќе ми останеше и паниката на Р.В. и интригата за тоа дека соросоидот Горан Гаврилов станал директор на МПМ, а соросоидот Столе Наумов станал член на Советот за радиодифузија, благодарејќи на заговорот на мои блиски соработници, исто така соросоиди. За среќа, го видов петочниот Вест и ми стана јасна вистинската причина за тревогата на Р.В.: „Советот за радиодифузија испитува политичко влијание во Сител и Канал 5 - Ѕинго и Стојменов мора да се откажат од телевизиите“.
На насловната страница на саботниот билтен на Р.В. еден човек си ја кубе косата, а насловот гласи: „Партиска контрола врз Вест, Утрински и Дневник“. А на третата страна Р.В. халуцинира дека во управните одбори на фондацијата „Сорос“ ми ти седеле новинари и уредници од Дневник и дека Горан Гаврилов ми ти бил еден од првите активисти и функционери на фондацијата „Сорос“! Делириум!
Се сетив на еден човек кој пред неколку години ме тешеше: Секоја мивка завршува како бришка!