Мирко и Славко
13.03.2010 | Игор Ивановски (пратеник) | Видено: 237
Изминатава недела, впрочем веќе како и секоја, беше прилична бурна во политичка смисла. Во Собранието се потврди вистината за неспособноста и криминалот на двајцата верни војници на Никола Г. Конкретно, сите вие ги слушнавте фактите за очигледниот криминал кој го прави и повеќе од се го заштитува Мирјана Димовска, жената со најмногу функции во државата и за економско-криминалното цунами кое четири години го спроведува Ставревски.
За протестот што го организираше ДПМНЕ пред мојата партија нема посебно да коментирам, бидејќи тој ја покажа немоќта на владејачката партија (која донесе смешни 46 партиски војници, на кои со вашите пари им ги плаќаат нивните деца, додека вашите седат дома невработени) и во исто време бедата и мизеријата на портокаловите кои малтретираа една од ретките преживеани крави во државата (по аферата на Груевски во „Сведмилк“). Па дури и кутрата крава ја истоварија пред зградата каде што живее токму Никола. Веројатно и самите тие знаат кој ги упропасти сточарите.
Но, за мене најголем срам и политичка перверзија се случи во режија на Михајло Маневски (Мирко), верниот другар на Никола (Славко). До 2005 година, Михајло Маневски во јавноста беше познат по две работи. Првата, дека е последниот комунистички министер, кој го соблече дресот и отиде во ВМРО. И втората, беше познат по вистинската приказна, во која човекот кој Михајло од обичен писар во судовите во социјализмот го направи судија, подоцна од истиот тој Михајло беше наместен и однесен во затвор.
Во 2006 година, Михајло се прослави со тоа што четири стана на Груевски, кои „чесниот“ Никола не ги пријави и не даде отчет со кои пари ги купил, едноставно ги легализира. Токму таа огромна услуга Никола не му ја заборави и го постави за министер за правда. Се извинувам - за неправда! И оттогаш, па наваму, цели четири години Михајло е џелатот и чистачот на се што е чесно и професионално во македонското судство. Михајло си ја сфати својата улога ревносно и цели четири години им се јавува на од него избраните судии и на нив преку мобилен телефон им ги диктатура судските пресуди - како што ДПМНЕ ќе каже, секако.
Четири години Михајло им се заканува на судиите да постапат како што тој ќе им нареди, во политичките монтирани процеси кои требаше да ги линчуваат луѓето од СДСМ, но и во судските процеси во кои тој одработува за бизнис-лобито на Никола. Потврда за улогата на Михајло дадоа сите релевантни институции, но ќе издвојам две. Првата, анонимната анкета на која преку 70 отсто од судиите рекоа дека трпат партиски притисоци од власта (читај, Михајло и другарите). Втората, меѓународниот фактор (читај, Америка, Европската унија и ОБСЕ), кои јавно рекоа дека Михајло е главниот џелат на власта во судството.
И види мајката, по четири години ‘ршум и масакрирање на судството, Никола сметал дека Михајло треба да си оди од Судскиот совет, кој ги избира и ги разрешува судиите. Која е вистината? Прво, идејата за елиминирање на Михајло од Судскиот совет не е на Никола, туку на меѓународната заедница. Никола само ја лапнал идејата и сега лажно ја прикажува како своја. Второ, дури и тоа да се случи, Михајло повторно со своите партиски другари и со својот мобилен телефон ќе им се заканува и ќе им наредува на судиите како да судат. И трето, истиот ден кога на лидерска средба се разговараше за набркување на Михајло од Судскиот совет, истиот тој Михајло, во истиот тој Судски совет, предложи и со сила успеа да почне постапка за разрешување на позната македонска судијка, поранешната претседателка на Апелациониот суд, Виолета Дума.
Следејќи ги од медиумите аргументите на судијката Дума, човек лаички може да заклучи дека судела според Законот и дека е чиста како солза. Но, Михајло не сметал така. Михајло бил многу лут, зашто не можел преку мобилен телефон, како со другите негови судии, да и нареди на Дума да суди спротивно од Законот, како што сакале портокаловите дечки од ДПМНЕ. Е тоа е причината зошто Михајло сега и се одмаздува на конкретната судијка. Притоа, измислува аргументи од типот несовесно работење и конфликт на интереси.
Е па, ајде да ги видиме истите овие работи кај Михајло лично. Токму Михајло незаконски во исто време примаше и плата како министер и пензија како пензионер. Токму за Михајло државниот ревизор утврди дека незаконски потрошил 200.000 евра, од кои 44.000 евра за рекламни спотови, а и дека нема валидна документација за набавка на опрема од цели 1,2 милион евра. Токму Михајло веќе 20 години узурпира државно земјиште во општина Бутел, бидејќи дворот на својата куќа си го проширил за 432 квадратни метри за кои не платил.
А за конфликтот на интереси? Е за тоа Михајло е шампион. Додека тој е министер, неговата сопруга Филимена беше судија на Апелациониот суд и се уште е сива еминенција во судството. Значи, тогаш Филимена „предлага“, а Михајло избира судии. И не само тоа. Додека Михајло е се уште министер, повторно неговата сопруга Филимена ја стави и тоа како пензионер, за правен советник на Ѓорѓе Иванов. Значи, Михајло предлага помилувања на затвореници, Филимена одобрува, а Ѓорѓе потпишува. Вакви примери има уште еден куп. Токму Михајло предлагаше и избираше за судии и судијки, снаи, ќерки, браќа, сопрузи и кумови на првите луѓе на Никола и на екипата околу него.
И сега, по вакви примери за конфликт на интереси, какви што нема во африканските држави, а во кои тој е централна фигура, треба да му веруваме на Михајло кога тој лажно обвинува некој трет за тоа? Бог да чува и да брани, вели народот. Михајло не само што нема никаков морален и политички кредибилитет да обвинува некој друг, туку треба веднаш да се разреши од секоја јавна функција во државава и да почне да одговара пред истите тие судови и судии на кои сега им се заканува. Ако сака Груевски, тоа може да го направи веднаш. Но, јас не им верувам. Си имаат тие заедничко минато, многу си знаат еден за друг. Затоа се штитат како Мирко и Славко во партизанските филмови. Дувале и дуваат во иста криминална тиква. Впрочем таквата криминална и кеш калимера, македонскиве Мирко и Славко не сакаат да ја растураат. Секој ден Мирко на Славко, и обратно, си велат - брате, чувај ми леѓа! Нејсе, некои кривични дела не застаруваат. И со нив ќе се занимава следната влада.
За крај, се сеќавате ли дека Груевски пред три години ви вети дека ќе изгради 60 нови хидроцентрали? Е па, ги нема. Не само што нема нови 60 хидроцентрали, но и хидроцентралата „Света Петка“, која ја почна СДСМ, откако пак СДСМ ја изгради „Козјак“, Груевски ја стопираше.