Моамер Ел Гадафи на македонската политика
26.03.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 58
Добро е, мојата мината колумна имаше читаност и предизвика реакции. Во ред, да ги вкрстиме тезите, да ги кажеме концептите.
Кој е скаран со демократијата? Факти? Зарем Бранко Црвенковски не ви личи на Јасер Арафат со својата безалтернативност? Се сеќавам на раните 80-ти. Додека Сараево ја тераше Олимпијадата, меѓу две рестрикции на струја поради „Фени“, во ритамот на Азра и „Денот на Ферис Бјулер“, додека Паоло Роси даваше голови, а Џеки Чен правеше чуда... Е, во сите тие години го гледавме Јасер Арафат на вестите, како еден лидер, како најдраг лидер, како еден и единствен. Како Бранко.
Поминаа 20 години. Во 2000 година во вестите од странство повторно го гледавме Јасер Арафат. Како што 20 години го гледаме БЦ. Додека секој втор ден го гледавме Арафат, помина Марадона. Поминаа „Њу кидс он ‘д блок“ и „Тејк дет“. Брус Вилис потепа 5.000 терористи и сруши 50 мостови во т-продолженија. Поминаа Хелмут Кол и Маргарет Тачер. Но, остана Арафат.
Така и со Бранко Црвенковски. Прв пат го видовме во 1990 година. Денес е 2010 година, и пак го гледаме секој ден. Поминаа Клинсман, Матеус и Фелер, плус Рајкард и Ван Бастен. Излегоа пејџерите и завршија пејџерите. Излезе „Република“ и згасна. Од Комодоре 64 и Атари дојдовме до Блекбери, Ајфон и лаптопи. Лионел Меси од бебе стана најдобар играч на планетава. Од „Бољи живот“, преку „Касандра“ и „Лост“, преку „24“ и „Беверли Хилс“, дојдовме до „Шехерезад“. Поминаа години и децении, но остана Црвенковски. Каде е тука демократијата? Која партија стана сервис на еден човек? Кој е заложник на личните амбиции за сопствена власт на БЦ? Каде е демократијата додека СДСМ со години имаше в.д. лидер, кој само ја чуваше фотелјата за „еден е изборот“? Кој е Моамер Ел Гадафи во македонската политика?
Каде е балансот на колумнисти во весниците? Погледнете ги колумнистите во весниците. Колку луѓе од ВМРО имаат пристап до пишување во јавните медиуми? Земете ги седумте дневни весници. Самите направете го есапот. Колку текстови се провладини, а колку се антивладини?! Иста работа е со неделните весници. Значи, скараноста на демократијата е карактеристика на нашите мили опозиционери. И, колку колумнисти и колку медиуми беа блиски до ВМРО-ДПМНЕ во 1995 година?!
Понатаму, Милчин прашува на чија страна се бројките, а на чија се аргументите? Може да споредуваме? Растот на БДП кога СДСМ е на власт е 1,1 отсто, а кога е ВМРО-ДПМНЕ изнесува просечно 2,7 отсто. Бројот на невработените? Од 37 отсто со Илија Иљоски и со Бузлевски, на сегашните 32 отсто. Такви се споредбите за запленет кокаин, листа на корупција на Транспаренси интернационал и извештаите на Светска банка. Да ги гледаме егзактните бројки, па да дебатираме за резултатите.
Воедно, самиот констатира дека оваа влада нема да ја урнат тие 50 луѓе и истите активисти кои се дежурни актери во секоја тема. Тоа е точна констатација. Треба да излезат на избори, да добијат барем 150.000 гласови и да бидат релевантен фактор во законодавниот дом. Но, проблемот е што кога излегуваат на избори, редовно добиваат 2 отсто гласови, како при последните избори за градоначалник на Скопје. Минатата година добија 2 отсто со Најчевска, но веќе оваа година бараат да носат барем 60 отсто од одлуките во општеството.
Опозицијата треба да зборува, јавно да не се согласува, да ги кажува своите предлози... Но, не може да ги диктира политиките во секоја област. Правата се неоспорни, но не може да ги диктира процесите. Не може да ја наметнува својата агенда спротивна на концептот на тие кои добиле поголема доверба. Не се работи ниту за правда, ниту некаква загрозеност. Се работи само за постојана себевиктимизација. Постојано претставување на себеси во улогата на жртва, затоа што само така се добиваат проекти, публицитет и легитимитет.
А корисноста? Амстердам е микролабораторија на ваквите политики и предлози. Гледајќи ги резултатите во некои од областите на општествениот живот во Амстердам, треба да бидеме доволно одговорни да не ги повториме истите грешки. Единствената аргументација на Сорос организациите е дека „така кажаа од Брисел“. Но, Брисел не е униформен глас, кој наметнува диктатура. Брисел и Европа ги почитуваат различностите. Брисел го признава националниот суверенитет во кои државите ги моделираат политиките согласно сопствените околности и убедувања.
За крај, Милчин се прашува за рушењето на власта „зарем беспомошната опозиција која не може да им плати ниту автобус на стечајците од Куманово?“ Колумната завршува со „За крај, автобусите ќе си ги платиме сами“. Зарем улогата на Сорос фондацијата се сведе на плаќање автобуси за наместени протести? Зарем цивилното општество се сведе да ги плаќа автобусите на стечајците кои не сакаат да ги платат олигарсите кои ги збогати СДСМ? Штета во што се претвори оваа фондација, која можеше да има поинакви перспективи.