Не ги бива

06.03.2010 | Игор Ивановски (пратеник) | Видено: 223

Изборите постојат и се случуваат народот да избира. И да го изберат подобриот, давајќи му ја својата доверба да ги подобри работите во однос на она што претходно било. За мене, народот никогаш не греши. Граѓаните секогаш ја носат вистинската одлука, без разлика дали таа некому му се допаѓала или не. Давајќи ја својата доверба, народот бара и очекува избраните да ги водат напред и да им го подобрат животот.
Така е на сите избори досега, така бидна и на парламентарните избори во 2006 и во 2008 година, кога ВМРО-ДПМНЕ победи и беше избран, а СДСМ загуби и беше казнет. Веќе ја трошиме 2010 година, или четвртата година од владеењето на Никола Груевски. Цел еден мандат. И верувам, сите вие, во паузите од бркањето на вашиот автомобил што го дигнал пајакот, плаќањето на казните и зголемените давачки и гледањето како вашиот комшија или познаник, како проверен портокалов партиски војник, со ваши украдени пари денес купува куќи, станови и нови автомобили, размислувате како поминаа четири години од вашиот живот, каде сте биле тогаш, а каде сте денес. Се прашувате, се подобри ли нешто, мрднавме ли напред или...?
Од она што сум го разговарал со голем број луѓе, сите ми го даваат истиот одговор. Ситуацијата е катастрофа. Не само што не оди напред, ама животот ни е потежок, се враќаме назад во времето. За жал, тоа е вистината. Избраните на чело со Груевски ИЗЛАЖАА. Тие ИЗМАМИЈА. И ништо арно не направија за народот и за државата. Освен за себе, освен што ги товарија своите магариња со парите на народот.
Ќе се обидам накусо да ги потенцирам состојбите во областите за кои најмногу од се им ја дадовте Вашата доверба.
Пример број1. Најголемите очекувања и најголемата пропаст се случува токму во економијата. Невработеноста не се намали, напротив, се зголемува. Индустријата од месец во месец се намалува, фирмите се затвораат и се отпуштаа работници, а она што се зголемува се арачот и казните. Инвестиции, било домашни, било странски, нема за лек, но затоа се потрошија и се украдоа милиони евра за кампањи, скапи хотели и летови во бизнис-класа, за ручеците и вечерите во странство на неспособните промотори кои не разликуваат фактура од хартија за бурек. Во Албанија се градат автопати, во Србија нови фабрики, во Бугарија нуклеарка и нафтоводи, ама во Македонија во четирите години на Груевски се градат само коњи во милионска бронза и многу дупки кои зјаат празни.
Пример број 2. Во овие потрошени четири години од нашите животи, криминалот и корупцијата се зголеми како што поради истиот тој криминал се зголеми Охридско Езеро. И буквално се излева на сите страни. Ревизорските извештаи никогаш не биле вакви, полни со милиони евра проневери, со милиони евра кои се испрани по партиските фирми и џебови. Каде и да се свртите, каде и да погледнете, ќе ги видите и чуете муабетите за војниците на Груевски, кои наместиле тендери, кои прошверцувале на царина, кои до вчера возеа велосипеди, а денес возат џипови, градат згради, купуваат јахти и акции во фирмите. Ем вмровчиња, ем мангупчиња. ИЗЛАЖАА дека ќе се бореле со криминалот и со корупцијата. Тие се борат ЗА поголем криминал и корупција, за четири години да украдат колку што не може за 300 години да заработи со својот труд секој од нас.
Пример број 3. Токму поради тој криминал, токму за без контрола 24 часа да лажат, а 7 дена да крадат, не сакаат Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Им одговара Македонија да остане сива зона, дупка на Балканот, за без срам ни перде, и без усул, да ги крадат народните пари. Не сакаат ред и поредок, за кој толку зборуваа на изборите, и за што ги гласавте. Тие сакаат анархија и криза, за на раат да го прават тоа за што се дојдени и што најдобро знаат да го прават - криминал на балкански начин, далеку од Брисел и од Вашингтон. Заради тој нивен мотив, Македонија, иако пред четири години беше прва, денес е зад Хрватска, Албанија, Србија и Црна Гора. Денес, булументата на Груевски ја стави Македонија во група со Босна и Косово. А светот отиде напред, а ние како ракот - една напред, и со Груевски две назад.
Пример број 4. Од уста не ги вадат земјоделието и земјоделците, а не мотика, туку гребло за во бавча немаат фатено в рака. Велат, давале по 100 милиони евра субвенции. Бре, ашколсун. А што кажуваат земјоделците? Пара немаат добиено. А што вели официјалната и тоа владина статистика? Во последните три години, земјоделското производство е намалено и помалку се произведува, башка и цените на сите култури се намалени, без исклучок. Значи, и четири години во ветер, и без пари, и без она што на Македонија и го дала природата - сонце, земја и храна.
Пример број 5. Ви ветија подобро здравство. А што остварија? Колапс. Беда. И здравите станаа болни. Само оваа недела две родилки починаа, и тоа замислете, по четири години власт на Груевски, и во 21 век, од нечистотија. Од сепса. Како пред 100, 200 години, како кога се живеело во земуници. Пари за хигиена велат немало, ама има за млади вмровски директорчиња по клиниките и болниците, кои во здравство и грижа за пациентите се разбираат колку што разбираат нуклеарна физика. Ништо. Нула. Но, затоа се разбираат во броење на народните пари. И во десен и во лев џеб.
И ќе застанам, поради просторот, на примерот број 6. Не само што ни ги изарчија овие четири години од животот, но ги упропастија и тие на следните генерации, со мизерните проекти и експерименти во образованието. Што почнаа, упропастија, што фатија - исушија. Со вработување на партиски аматери, а бркање на квалитетните наставници и професори, со свесно и намерно уништување на скопскиот универзитет, со партиските бизниси со учебниците, со мегакриминалот со неупотребливите компјутери, со спортските сали кои се дувла на наркозависници.
Драги пријатели, вие самите знаете за уште многу примери каде што дрско, безобразно ве излажаа. Затоа и народот се погласно и поубедливо вели - ги видовме четири години, ништо не направија, НЕ ГИ БИВА.
А на Груевски и на неговата екипа, око не им трепнува што ја запустија државата и ја вратија назад. Секој ден, излегуваат на прес-конференции и само прашуваат - дали ова, дали она, зошто ова, зошто она? Страшно. Да не е трагично, ќе биде смешно. Па, каде се видело власт да прашува? Во секоја нормална држава власта одговара и кажува што прави.
Е, па, во Македонија во овие четири години на Груевски се е наопаку. За среќа, уште кратко време. За среќа, народот никогаш не греши и ја носи секогаш исправната одлука. Верувам, така и ќе биде. На следните избори овие сега што НЕ ГИ БИВА ќе се казнат и ќе се заменат со тие ШТО ГИ БИВА.
За крај, се сеќавате дека во 2007 година Груевски рече дека на Водно ќе никне нов град, наречен Сончев град, како резултат на израелска инвестиција од 100 милиони евра. И? Како и со сите негови лажни ветувања, во 2010 година таков град нема. Денес на Водно има само владино брутално сечење на шумата. Сосе Груевски и Борис Трајанов на чело.