Недокваканост
01.09.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 548
Го побарав зборот од насловот на оваа колумна во Толковниот речник на македонскиот јазик и ги најдов следните толкувања: 1. Што не е изграден, оформен како личност; недораснат, незрел. Недоквакан политичар. 2. Недоволно обмислен. Недоквакан предлог. Недоквакано решение.
Го гледав некни на телевизија шефчето на струмичките груевисти како го најавува „усреќувањето“ на градот со „оригиналниот“ проект „Струмица 2014“, чија кулминација треба да биде споменикот на римскиот император Тибериј. Каква луцидност! Кој ли му потшепнал на епигончето дека така ќе се искачи повисоко на скалилата на номенклатурата груевистичка? Велат дека ми бил колега по дипломата. Ако е така, не би требало да биде скаран со книгите. Би требало да ги знае „Дванаесетте римски цареви“ од Светониј, најпознатата историја на императорите. Преведена е на македонски и објавена од „Култура“ во 2001 година, со поддршка на Министерството за култура и Институтот отворено општество – Македонија. Еве што пишува Светониј за императорот со кој груевистите сакаат да ја „закитат“ Струмица: За да се разгледаат сите негови бездушности една по една, ќе треба многу долго време; доволно е да се набројат само поважните испади, како пример за неговата суровост. Не поминал ден, а некој човек да не биде казнет, па дури и ако денот бил свет и празничен; некои луѓе биле казнувани дури и на Нова година. Многумина биле обвинети и казнети заедно со своите деца, па дури и од своите деца. Оние кои биле казнети со смрт не смееле да бидат оплакувани од нивните најблиски. На обвинителите, а понекогаш и на сведоците, им биле доделувани големи награди. Во зборовите на поткажувачите никој не се сомневал. (...) Многу нешта покажуваат не само колку бил омразен и презрен, туку и дека живеел исполнет со страв и изложен на навреди. Забранил тајно и без сведоци да се бара совет од пророчици. (...) Народот толку и се израдувал на смртта на Тибериј, што на првата вест за неа луѓе трчале низ градот и викале: „Тибериј во Тибер!“, некои им се молеле на Мајката Земја и боговите Мани да не му дозволат на умрениот да си најде престојувалиште, освен меѓу проколнатите; други, пак, му се заканувале на мртвото тело со ченгели и Скалите на Плачот; покрај сеќавањето на неговата поранешна суровост, луѓето ги ојадувале и скорешните ѕверства. (...) Денес, кај нас, прекумерната ревност и безмерниот кариеризам на недокваканите политичари произведуваат штети кои утре тешко ќе можат да се поправат. Македонија заличува на шталите на кралот Авгиј кои биле затнати со лепешки толку што Херкул морал да сврти две реки за да ги исчисти. „До гуша сме во лајна!“, лелека народот во драмата на Фридрих Диренмат за тој митски подвиг на Херкул. Недокваканоста не затрупува секојдневно. Недоквакан е „патриотскиот“ гест на министерот Милошоски кој осамна на насловните страници со своето синче кое мавта знаменце со сонцето/ѕвездата од Вергина. Каков подарок за грчката пропагандна машина! Недоквакана е лагата на претседателот Иванов дека Дорис Пак во Сребреница му кажала дека уште во 1995 година сме имале понуда да влеземе во НАТО и ЕУ како БЈРМ. Уште понедоквакан е неговиот обид, по остриот демант на Дорис Пак, да ја забошоти лагата со клеветењето дека новинарите ги извртеле думите претседателски. Сите неколкумина! А најнедоквакано беше она неделно претставление во празната сала на МКЦ во кое тројца дипломати и еден пратеник на владејачката партија се мачеа да ги поткрепат думите претседателски од кои тој веќе се беше откажал! Но, на недокваканоста и нема крај. Читам дека се доведени во прашање 507 милиони евра од ИПА-фондовите на Европската комисија зашто нашата влада одбива да го прифати неутралниот потпис „земја корисник“. Истата влада која прифаќа да влезе во НАТО како БЈРМ! Каква ли недокваканост ќе не осамне утре, треперам. И во тој миг ми текнува дека во саботното бладање бајачката Мирка веќе ни објави дека Груевски ми ти бил национален водач на Македонците од рангот на Патрис Лумумба, Салвадор Аљенде, У Тант и Че Гевара! Ја пресолила манџата Мирка, ама барем сега стана јасна намената на повторуваната масовна акција „Засади ја својата иднина!“. Тоа Груевски ми ти ги садел идните џунгли македонски во кои ќе се повлече откако ќе му се збоктиса од кабинетот на Илинденска бб и од напорната работа 24/7 и од таму ќе војува на чело на Македонците кои меѓувремено „ќе ги извадат кубурите што ги носат за зорт заман“. Така што кога во кабинетот ќе се втурнат, бае Мирка, „специјалците, најмени од инспираторите на новоколонијалниот милитаризам“, кабинетот ќе биде празен и нашиот Аљенде ќе куртули. Во тоа дека Груевски ќе куртули не се сомневам. И ќе се борам за тоа со сите сили. Зашто Груевски не смее да ја избегне обврската да го размрси смутот што го замрси. Му вети на народот работа и бериќет, со ЕУ и НАТО или без нив. И се потруди. Сега сме без нив. И без работа. И без бериќет. И без кубури. А Груевски ќе куртули. Дома или надвор. Има и со што. А дали ќе куртули Македонија? Со што? Со она што ќе го остават недокваканите?