Невладин сектор за рушење влади
19.03.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 484
Дали имаме обид за НВО диктатура? Кој си ја дава себеси улогата на врвен арбитар за сите работи? Кој сака да ја диктира агендата на нашето општество? На кој му припаѓа суверенитетот во едно општество? Дали НВО соросоидите го имаат легитимитетот да бидат законодавци, кадија и судија?
Парламентот ќе гласа како што кажуваат соросоидите, или следуваат епитети за авторитарност. Владата ќе прави како што ќе каже Славчо Димитров, или ќе следат пресови за осуда. Премиерот ќе го слуша Жарко Трајановски, или следува нова канонада. Сите мора беспоговорно да ги слушаме тие неколку НВО, или следуваат кодошења до Брисел.
Нивните ворк-шопови и работни групи се поважни од гласањата на цели градови?! Нивните семинари со 20 учесници се поважни од гласањето на 20 месни заедници со 20.000 жители?! Нивните 20 активисти се поважни од 500.000 гласачи?! Или, за нив тоа е обична раја, која тие треба да ја „просветлат“? Непрокопсана маса, која тие треба да ја „превоспитаат“?!
Нивните бордови се поважни од целиот народ?! Всушност, кои се нивните бордови? Кој ги видел тие луѓе? Каде се? Кој ги изгласал? Кој им го дал легитимитетот? Во Македонија за да се формира НВО, доволни се 5 луѓе. Пет луѓе се доволни за да се стави некое звучно НВО име. „Центар за тоа и тоа“, „Организација за ова и ова“, „Граѓани за она и она“. Регистрација, печат и статут. И, оп. Шоуто може да почне.
И? Уште 48 пати така. Истите 50 луѓе ќе формираат 100 различни организации. Како во Топчидер фотокопирница, ќе се наштанцаат невладини организации. Тогаш Весна Бендевска од СДСМ може помпезно да излезе и да обзнани дека 48 невладини организации стојат зад нејзините амандмани. Или обратно. Дека таа го артикулира интересот на 48 НВО. СДСМ за Сорос, Сорос за СДСМ. Еден за сите, Милчин за СДСМ.
Ова е новата шпанска инквизиција, која треба да биде врвен арбитар за се и сешто. Кадија и судија. Тие ќе кажуваат дали некој е толерантен или нетолерантен. Тие одлучуваат дали нешто е европски или неевропски. Тие носат пресуда кој е прогресивен, а кој регресивен. Тие ќе наредуваат какви закони треба да се носат, а какви не.
За нив не се важни месните заедници, општинските совети или волјата на граѓаните која ја делегирале во Собранието. Сите избрани претставници имаат многу мани, несовршени се и народот постојано ги критикува. Но, најмалку секои 4 години граѓаните можат да им го потврдат или одземат мандатот. Народот гласа и одлучува кој ќе го претставува. Тоа се јавните избори, во кои секој може да земе учество.
НВО претседателите им одговараат на нивните собранија во кои има 20 луѓе или на нивните бордови во кои има 7-8 луѓе. Тие треба да ги задоволат нивните донатори кои имаат свои интереси. И, поради сервилноста на Сорос машинеријата кон СДСМ, не треба така да го доживуваме целиот НВО сектор.
Во Македонија има илјадници невладини организации, а некои навистина работат посветено, независно и без скриена агенда. Затоа, кога носат некои одлуки Сорос-организациите, некоректно е самите себеси да си ја доделат улогата дека тие го претставуваат целиот НВО сектор. Никој нема монопол, па ниту Сорос-пешадијата, да го монополизира банерот на цивилното општество. Никој не може легитимно да каже „Цивилното општество - тоа сум јас“. Цивилното општество е многу пошироко, а тие се само еден сегмент од тоа цивилно општество. Тие не се „избраните“, ниту треба да бидат привилегирани.
Тие се само мултифункционален сервис за поддршка на Бранко Црвенковски. Понекогаш протести, понекогаш конференции, понекогаш нон пејпери. Кога СДСМ е на власт, тогаш се про владини. Кога СДСМ е во опозиција, тогаш Владата треба да се руши.
Кога му треба на цензус на БЦ во вториот круг 2004, тогаш праќаат СМС пораки на целата држава „Ливчето не може самото да стигне до кутијата“. „Излези и гласај, не и врти грб на својата земја“. Само една година после тоа, за референдумот рекоа дека „Некои прашања не заслужуваат одговор“.
Секој има право да го каже своето мислење, да ги канализира своите предлози. Колективно да се организира со своите истомисленици. Тоа се подразбира и тоа никој не го спори. Важноста на цивилното општество е несомнена.
Но, суверенитетот во една држава доаѓа и произлегува од граѓаните, а законите се носат во Собранието. Промената на името и идентитетот, хомосексуалните бракови, декриминализацијата и легализацијата на дрогата, рушењето на владата... Сето тоа се легитимни цели на СДСМ и на Сорос-пешадијата. Но, ако сакаат тоа да помине, треба да победат на избори или да соберат барем 600.000 гласови на референдум. За тоа не се доволни инстант-печатите на 48 невладини организации и стандардните 20 активисти.