НВО-фобија

24.03.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 319

Дали сме имале обид за НВО-диктатура, се запраша на сет глас Влатко Ѓорчев, првиот памперс-експерт на ВМРО-ДПМНЕ-ВО (Власт и Опозиција). И не само што се запраша, туку и ни одговори дека сме имале обид за диктатура од некои „50 луѓе организирани во 100 организации“! Опасна ситуација, нема што! Очекувам наскоро владејачката партија да ја прекрстат во ВМРО-ДПМНЕ-ВОНВО (Власт, Опозиција и Невладина Организација). Дај боже да запрат тука, зашто апетитот им е безграничен. Ами ако ја додадат и МПЦ, ако почнат да додаваат и синдикати и компании, каде ќе им биде крајот? Експериментот со ДПМНЕ не им успеа, зашто со демократијата се скарани, а македонското национално единство не им е по ќеф.
Но, дали Ѓорчев викна и провикна поради незадоволството на Шефот од учинокот на вториот памперс-експерт, оној Александар кому не можам да му го запаметам презимето, но го паметам по неодамнешните гафови во Охрид и по тоа дека, пред да излаже, се колне во искреноста? Или, пак, се работи за битка за позиција поблиску до милоста на Шефот? Просто не ми се верува дека нашата семоќна владејачка партија навистина се плаши дека ќе ја урнат тие „50 луѓе“, колку што ги пребројал Ѓорчев. Или, можеби, ни тој не верува во сенародната поддршка за политиките на Шефот, поткрепена со сите бројки што ги истурил во својот напис? Или, скраја да е, не верува во учинокот на шетањето крави и телиња по милата ни и убава татковина?
Не бре, Влатко, ниту Фондацијата ниту нејзините партнери и грантисти од граѓанскиот сектор, немаат намера да ја уриваат ниту Владата ти, ниту Партијата ти. Ние веруваме дека народот си ја заслужи владата, а веруваме и дека владата ќе си го заслужи народот. Ние само гласно и со аргументи ве потсетуваме и ќе ве потсетуваме што се им должите на гласачите од кои добивте речиси неограничена власт - полноправно членство во НАТО, преговори со ЕУ, странски инвестиции, намалување на невработеноста, економски просперитет... Долговите со кои твојата власт ги усреќи и оние што гласаа и оние што не гласаа за неа се огромни. Е па, не може сега, туку-така, да си замине, без да го усреќи до крај народот кој си ја заслужи ваквата власт. Владејачката партија веќе ја проголта државата, а фамилијата веќе ја голта партијата. И кој сега ќе не спасува од бељата? Потрошениот политичар Б.Ц., олицетворението на нашето црно минато, од кого, не знам зошто, се крие перспективниот Н.Г., олицетворението на нашата светла иднина? Беспомошната опозиција која не може ни автобус да им плати на стечајците од Куманово? Ајде бре!
Не само што ние, оние педесетина од стоте организации колку што си ги избројал, Влатко, нема да ти ја уриваме владата, туку и ќе ја крепиме, за да си повладее, се до последниот миг, до мигот кога ќе треба да се срамнат сметките. За тоа кој лажел и дома и во Брисел, кој кодошел и дома и во Брисел, кој потплатувал, тепал, заплашувал и се заканувал. Дома, се разбира. Ти и твоите, Влатко, со бројките, а ние со аргументите. Без оглед на тоа што вие демократијата ја разбирате како демократура, без оглед на тоа што во вашето „владеење на мнозинството“ малцинството има право само да молчи, без оглед на тоа што вие никогаш нема да разберете дека квалитетот на демократијата се мери според тоа колку е заштитено малцинството и оние кои мислат поинаку од оние другите кои владеат во името на мнозинството кое се претворило во заложник на сопствените заблуди!
Летото шеесет и осмата, кога армиите на Варшавскиот пакт ја окупираа Чехословачка, само осум граѓани на СССР излегоа на демонстрации против агресијата на Црвениот плоштад во Москва. Осуммина од двесте милиони! Се разбира, ги натепаа и ги осудија на робија. Но, историјата го кажа својот суд. Осумтемина беа во право, без оглед на тоа што беа малцинство. И Варшавскиот пакт и СССР се распаднаа дваесетина години подоцна. Толку за малцинствата и за мнозинствата, Влатко. Историјата ниту почнува ниту завршува со „преродбата“.
Си се нафатил на невозможна задача, Влатко! Демократската шминка на твоето лице се топи со секоја реченица што ќе ја изговориш или ќе ја напишеш, пред нас или пред европарламентарците, сеедно. Никој не може да ја накодоши Македонија повеќе од твоите испади на нетолеранција. Никој не може да ја избрука повеќе од лагите што ти и твоите се обидувате да му ги „шитнете“ на Брисел. Ние само се обидуваме вашата шминка да не се разлее и по нашите лица. За да не ни се залепат грлата и за да можеме и понатаму да ве потсетуваме на долговите што треба да ги отплатите, како и на ветувањата кои треба да ги исполните дури сте на власт.
Ја баравте, ја добивте, сега испорачајте. Ние сме зад вас, да ве поттурнеме кон ветеното. Автобусите ќе си ги платиме сами!