Од 1990 до 2010, преку 1994, 2002 и 2006 година
05.03.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 221
Каква Македонија ни оставија сегашните опозиционери во 2006 година? Сетете се на насловите во 2005 година: „400.000 невработени“. Пред 4 дена излезе податокот дека во Македонија има 298.814 невработени. Бројката и понатаму е огромна, но се намалува.
Македонија во 1992 година тргна од дефинирана позиција, но со недефинирана стратегија и идеологија. Добро е осмислена приватизацијата, како процес во кој се ќе биде нерамноправно поделено. Тогаш се случи буквално убиството на Македонија, како аспирант кон модерноста и достоинството.
Во 1994 година го наметнаа системот на нерегуларни избори и конечно го покажаа непостоењето на плурален капацитет. Во таа измама, која не врати безмалку половина деценија наназад, учествуваа партиите на Црвенковски, Андов и Петковски. Подоцна се реформираа во демократи, социјалдемократи, нови социјалдемократи, либералдемократи и либерали.
Периодот 1994/98 година беше убедливо најкатастрофалниот пад на Македонија, економски, културолошки, цивилизациски, морално, хуманистички. Во овој период се случија најголемите проневери на финансии, пирамидални штедилници, старо девизно штедење, убивање на економијата, уништување на моралните вредности на поединецот, неразјаснети убиства на полицајци, атентат на претседател, силување на културолошките вредности, шлепери и жаби, 90 отсто од работниците токму во тој период станаа стечајци, - 8 отсто за пензионерите, владеење на правото беше заменето со немање право, во тој период во македонските судови имало најмал број на пресуди за стопански криминал во 60-годишната историја на современа Македонија, а државата беше буквално разорена.
Во тој период од џебовите на македонските граѓани беа буквално, на најбезобразен начин одземени повеќе од 2 милијарди евра старо девизно штедење и повеќе од двесте милиони во пирамидално штедење. Во ова злодело, кое не врати безмалку две деценија наназад, учествуваа партиите на Црвенковски, Андов и на Петковски. Подоцна се реформираа во демократи, социјалдемократи.
Во овој период беше одредена европската Агенда 2000, со која беше дефинирана стратегијата и динамиката на воспоставувањето и имплементирањето на реформите во земјите од ЈИЕ во процесот на пристапување кон ЕУ. Македонија ја немаше дури ни на маргините, нејзината судбина беше нејасна, сиромашна, преплетена со многу нерешени прашања, како малцинските, така и отворените прашања со соседите, а поминаа 8 години на владеење на реформираните комунисти, демократи, социјалдемократи. Во ова злодело учествуваа партиите на Црвенковски, Петковски и Андов.
Поради мали и недоволно видливи резултати и при една соседна и една домашна војна, како и поради десетина афери во неполните две години самостојно владеење, падна владата на десницата и на изборите во 2002 повторно се вратија демократите, социјалдемократи. Овојпат поучени од минатото и несанкционирањето на криминалната приватизација, почнаа нова јагма по остатокот државен, односно општествен имот.
Во 2006 година социјалдемократите беа казнети, но иако никој не веруваше дека нешто ќе се смени, а стереотипот за политичар беше нечесност и ароганција, сепак, се случи нешто многу поинакво. За првпат во Македонија 2008 година се доби мандат врз основа на планирано и сработено, а не врз основа на „ветено на 15 септември и неисполнето“.
Нема да можеме да влеземе во Европа, доколку се повторуваат годините на агонија и бесперспективност. Европа нема да не одбере нас, бидејќи Европа е унија на богати и реформирани држави, а не на држави во кои „15 септември“ е репер на успешност.
Пајташите на Црвенковски се водат само од една идеја, пробувајќи да ја остварат со скрстени раце и ниту ден видлив минат труд. Дефиницијата за нив е следната:
„Активист на Црвенковски е човек кој додека е во опозиција работи за да дојде на власт, а откако ќе дојде на власт работи само за да остане на власт“ - и ништо повеќе.