Островјаните (1)

03.03.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 29

Многу одамна, во една далечна земја, постоело идеално општество, чии граѓани не знаеле за денешните наши стравови. Но, нивниот водач открил дека во нивната земја нема да може да се живее во наредните 20.000 години. Нашол за нив прибежиште на еден остров. Природните богатства биле такви што, заедно со вложен труд и соодветно водство, овозможувале луѓето да можат да се префрлаат на други острови, додека не дојде мигот да се вратат онаму од каде што дошле.
Одговорноста за транзицијата им била доверена на оние кои можеле да ја понесат. Посебната наука ја чувале посебни експерти. Оваа тајна, односно начинот на опстојување во преодниот период, не била ништо друго, туку знаењето за морепловските вештини и нивната практична примена. Бегството подразбирало инструктори, суровини, луѓе, труд и разбирање. Луѓето кои биле одговорни за организирање на бегството им кажале јасно на сите дека е неопходна определена подготовка пред да можат да научат да пливаат или да градат кораби. Извесно време процесот течел задоволително.
Но, тогаш се појавил еден човек без потребните квалитети. Тој забележал дека напорот за подготвување бегство претставува тешко бреме за луѓето и сфатил дека може да се добие со моќ и да им се одмазди на оние кои го потцениле. Се нафатил да го преземе бремето, тврдејќи дека, всушност, бреме нема: „Нема потреба човек да го приспособува својот ум на што било. Човечкиот ум и без тоа е нешто стабилно, трајно и доследно. Ви велеа дека мора да бидете мајстори за да изградите кораб. А јас ви велам, не само што не мора да бидете мајстори - вам и не ви треба кораб! Островјанинот треба само да согледа неколку прости правила неопходни за опстанок и да се интегрира во општеството. Развивајќи го здравиот разум што секој го има, секој може да постигне се на овој остров, кој е нашиот дом, нашиот заеднички имот и наследство!“.
Обидувајќи се да се справат со бунтот, експертите одговарале: „Градењето кораби е уметност и вештина. Тоа бара целосна ангажираност за која не може да се разговара парцијално како што барате вие. Оваа активност содржи еден недофатлив елемент наречен барака, од кој е изведен зборот ’барка’ - кораб. Овој збор означува ’суптилност’“. - „Уметност, вештина, целосност, барака, бесмислица!“ - извикувале револуционерите и ги обесиле сите бродоградители што им паднале в раце. Новото учење било топло прифатено насекаде, како доктрина за ослободувањето. Барем за кратко, луѓето почувствувале дека се ослободени од одговорност.
Повеќето други начини на мислење набргу биле заборавени под влијание на едноставноста и удобноста на револуционерната доктрина. Набргу таа била прифатена како елементарен факт, кој никогаш не бил доведен под прашање од страна на кој и да е разумен човек. Идеите кои биле во спротивност со новоприфатената теорија, едноставно биле наречени ирационални. Општеството постигнало привремена урамнотеженост во новите услови на островот и, гледано од сопствен агол, оставало впечаток на вистинска исполнетост. Тоа се базирало на разумот и емоциите, правејќи ги и обете навидум прифатливи. Канибализмот, на пример, бил дозволен во разумни рамки. Тие сметале дека човечкото тело може да се јаде. А она што може да се јаде, било третирано како храна. Бидејќи вештината на градење кораби немала никаква примена во општеството, напорот вложен во неа едноставно бил сметан за апсурден. Потреба од кораби немало - немало каде да се оди.
Две објасненија наведени во обемната Општа островска енциклопедија може да ни покажат како функционирал процесот. Црпејќи ја својата мудрост од единствената ментална храна што им била на располагање, островските просветители извеле ваква вистина:
КОРАБ: Ерес. Псевдовештина. Имагинарно превозно средство, за кое некои измамници и лажговци тврдат дека може да „плови по вода“, а сега е научно докажано дека тоа е апсурд. На островот не постои таков материјал кој не пропушта вода и со кој може да се изгради таков „кораб“, настрана од фактот што и нема каде да се патува надвор од островот. Пропагирањето да се „градат кораби“ е најстрого казниво со Кривичниот законик, параграф Х, За заштитата на лековерните. Бродоградителската манија е екстремна форма на ментален ескапизам, симптом на неприспособеност.
ПЛИВАЊЕ: Ментално растројство. Злосторство. Се претпоставува дека тоа е начин на движење на телото во вода, без можност за давење, со цел да се „стигне до некое место надвор од островот“. При совладувањето на оваа непријатна вештина, „ученикот“ мора да се подложи на гротескен ритуал. На првиот час, тој мора да се спружи на земја и да ги движи рацете и нозете следејќи ги упатствата на „инструкторот“. Целата идеја се базира на желбата на самопрогласените „инструктори“ да доминираат со лековерните во варварско време. Подоцна, тој култ прераснува во епидемична манија.
Извори: Браун, В. , Големото „пливачко“ безумие, Институт за општествена луцидност.
П.С. Идната среда ќе ја дораскажам параболата на суфијата Идриз Шах.