Островјаните (2)
10.03.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 201
Помислата за напуштање на островот од самиот почеток ги исполнувала луѓето со неподнослив ужас, каков што може да се забележи и кај затворениците, кои по долгогодишна робија треба да бидат пуштени на слобода. „Надвор“ од местото на заточеништво се наоѓа неизвесниот, непознат заканувачки свет.
Островот не бил затвор. Бил кафез со невидливи решетки, кои биле поефикасни од видливите. Зашто, островјаните располагале со книги кои ги објаснувале вредностите и достигнувањата на нацијата. А фантастичните алегории опишувале колку ужасен би бил животот кога општеството би било уредено поинаку од постојниот, успокојувачки систем. Се разбира, островјаните имале многу можности за размислување и дејствување, но во рамките на нивната ограничена територија. Разнообразието на идеите и разликите во размислувањето им се чинеле како слобода на мислењето. А мислењето било поттикнувано, под услов да не е „апсурдно“. Трудот и целта на морепловците морале да се пренасочат во согласност со промените во заедницата. Поради тоа, нивното постоење било уште позбунувачко за учениците кои се обидувале да ги следат, но од островска гледна точка.
Во целата конфузија, дури и способноста да се присетат на можноста за бегство претставувала пречка. Поттикнатата свест за можноста за бегство не била доволно изострена. Бледата идеја за пловидба била бесполезна без претставата за ориентација каде да се плови. Бизарните приказни за пливањето и за градењето кораби честопати ги истиснувале можностите за вистински напредок. Голема вина за тоа имале застапниците на псевдопливањето или на алегориските кораби, обични измамници кои им нуделе часови на оние кои биле физички слаби, за да можат да пливаат или да патуваат со неизградени кораби.
„Научниот“ пристап кој се развил набргу по „Револуцијата на пријатноста“ се ширел се додека не ги опфатил сите видови идеи. Најпосле, нештата кои не можеле да се сместат во негови рамки биле прогласени за „ненаучни“, што претставувало синоним за „лоши“. Островјаните се впуштиле во потрага по замени за исполнувањето кое било првичната (и крајната) цел на бегството на оваа заедница. Некои, со помалку или повеќе успех, успеале да го пренасочат вниманието кон емоциите. Сите видови емоции се сметале за „длабоки“ или „возвишени“ - во секој случај, повозвишени од немањето емоции. Емоцијата за која се сметало дека ги поттикнува луѓето на најекстремни физички и умствени потфати била автоматски нарекувана „длабока“.
Луѓето со неверојатна брзина ги менувале различните култови, се стремеле кон материјално богатство или општествен статус. Едните обожавале некои нешта и се чувствувале супериорно во однос на другите. Другите ја отфрлале идејата за обожавање, верувале дека немаат никакви идоли, па затоа спокојно ги презирале сите останати.
Како што одминувале годините, островот бил затрупуван со отпадоци од овие култови. За разлика од обичните отпадоци, овие, за несреќа, се умножувале. Добронамерниците и другите луѓе ги комбинирале и прекомбинирале култовите и ги ширеле во нови облици. За аматерите и интелектуалците, ова претставувало вистински рудник на научен материјал, кој создавал утешително чувство на разнообразие. Почнале да никнуваат величествени можности за уживање во ограничените „задоволства“. Дворци и споменици, музеи и универзитети, научни институции, театри и стадиони речиси го преплавиле островот. Луѓето се гордееле со овие задужбини, за кои сметале дека во голем дел се поврзани со крајната вистина, иако повеќето од нив не можеле да си спомнат која била таа.
А корабите во тајност ги кревале едрата, пливачите продолжувале да ги подучуваат другите да пливаат. Често тие морале да се заштитат од вниманието на нивните сограѓани. Некои „нормални“ островјани се обидувале да ги спасат од нив самите. Други се обидувале да ги убијат поради не помалку возвишени причини...
Приказната на суфијата Идриз Шах не завршува тука, но јас не можам да продолжам со нејзиното прераскажување. Приказната веќе не е само приказна. На плоштадот во мојот град се пролеа крв. Поттикнувањето на омразата и толерирањето на насилството го зедоа својот данок во крв. Пцостите се истурија врз главите на недолжните со тежината на бетонските коцки. Наместо да биде агора, плоштадот стана губилиште. За која древна цивилизација ќе сведочат староновите споменици и згради за кои бладаат среброљубивите, сега, откако нивниот „крстопат на цивилизациите“ се претвори во поприште за каменување? Колкумина интелектуалци ќе замижат и ќе одмолчат? И колкумина ќе се нафатат да минимизираат, да ублажат, да извртат?
Смрди на уште еден обид да бидат казнети отруените, а да бидат амнестирани трујачите. Господарот на „најубавиот од сите светови“ мува не го лази. Криминалот ги извршува валканите работи, за да може политиката да си ги мие рацете по урнекот на Понтиј Пилат. До кога? Има ли граници ненаситноста?