Партии, плоштади и сиромаштија

09.02.2010 | Нано Ружин (политичар) | Видено: 73

1. Пејзажот на европските средновековни градови бил обележан со големите јавни градски центри, кои претставувале широки простори опколени од мошне густиот урбан штоф. Денес јавните плоштади претставуваат симболи на престижната историја на градот и државата. Плоштадите се едновремено и срцето и душата на градот, но и меморијата која потсеќа на епохите на граѓанските и религиозните церемонии, но и привилегиран простор за политичките, економските и финансиските активности на општеството. Плоштадот ја претставува и географијата на градот, но и начинот на живеење на неговите граѓани, неговиот идентитет, неговата историја. Јавниот плоштад е и место според кој градот се разликува од селото. Граѓаните и плоштадот комуницирале, со векови уште од време на античката агора или римскиот форум. Легнувале и станувале заедно, славеле и тагувале заеднички.
2. Политичките партии претставуваат организации кои артикулираат локални и национални акции. Нивната стратешка цел е да ја освојат и да ја сочуваат власта. Во модерните демократии политичките партии имаат една многу значајна улога. Принцип е да им се овозможи на граѓаните и на групите кои споделуваат слични цели да се здружат, за да ја промовираат заедничката партиска програма. Нивните политички кампањи, големите демагошки манипулации или политичките победи и еуфории ги изразувале на плоштадот.
3. Сиромаштијата се дефинира како недоволност на материјални ресурси, како што се храната, пристап кон вода за пиење, облека, живеалиштето. Сиромаштијата се утврдува и преку условите за живеење, пристапот кон едукацијата, вршењето платени активности, почитувањето од страна на останатите граѓани, Според процените на експертите, стапката на сиромаштијата може да се пресмета кога ќе се поделат приходите на семејството со бројот на нејзините членови-потрошувачи. Во Македонија за сиромашни се сметаат сите оние кои не се во состојба да располагаат над 70 отсто од просечната потрошувачка кошничка во државата. На тој начин се пресметува и стапката на сиромаштијата, која во последнава деценија изнесува просечно 30 отсто. Тоа значи дека близу 700.000 луѓе во РМ се сметаат за сиромашни.
4. Последниве денови двете водечки политички партии отворија силен фронт во врска со проектот на Владата „Скопје 2014“. Власта, свесна на својата огромна моќ, предложи еден постмодернистички проект за плоштадот во Скопје, вреден според едни 100, а според други 200 милиони евра. Овој проект наводно три години минувал низ разни комисии и партиско-владини „експертски“ групи И, на големо запрепастување на министерката за култура, дури по видеоманипулацијата на проектот опозицијата и невладините организации реагирале. Впрочем, уште во 2004 година сдсмовците на Скопје предлагале изградба на споменикот на Александар? Тоа значи дека или менталниот склоп и на едните и на другите е ист, така што вмровците во недостаток на идеи за споменици само ги имитирале сдсмовците, или согласно проверената практика, ВМРО, свесен за сопствената букефалија, повторно вината сака да ја наметне на опозицијата. Тоа низ валандовската реторика би се протолкувало на следниов начин: Мани се бе сдсмовец нататки - гледајки уф тебе го изгорех вмровскиот ручок!
А како реагираше опозицијата на скопската архитектонска бласфема на власта? СДСМ реагираше многу естетски и експертски, против кичот и забеганоста на Груевски. Патем, да не останат подолу од вмровските градители, и струмичката власт на СДСМ најави овој пат изградба на еден футуристички плоштад за 4 милиони евра, без антички споменици и кич. Веројатно суетни што министерката ги обвини дека за време на владеењето не изградиле ниту еден монумент кој би потсетувал на нивното време. Можеби има право Брат Љубе кога зборува за скапата изборна архитектонска кампања.
А болните и исклучените, а невработените и стечајците, а млекарите и сиромашните ? На нив заборавија сите, или останаа индиферентни, со повремени изјави или преку симболичните потези за Нова година, кога на децата без родители им доделуваат пакетчиња. Одвреме навреме, заради демагогија, доделуваат и социјалните станови. Она што најмногу револтира е индиферентноста исто како што во 18 век проповедал Томас Малтус. „Сиромашните се сами виновни за таквата состојба и нека си се снаоѓаат“.
Сите ние сакаме убави градби и естетски доживувања. Навистина, градбите на Рамзес, на римските Цезари, на Луј 14, Наполеон Први, на Мусолини и на Хитлер, на Сталин, Енвер Хоџа, Ким ил Сунг, Бокаса или Чаушеску, ги монументализираа нивните ликови, но социјалната цена што ја платиле нивните или експлоатираните народи била огромна.
За време на епохата на Сталин во полната економска криза на 1930-тите, се интензивирале градбите на патиштата, железничките колосеци, браните, каналите (како „Каналот Сталин“ или рускиот Суец меѓу Белото Море и Балтикот) . Биле изградени музеи, лаборатории, театри, кино-сали и конечно фамозното московско метро било целото покриено со мермер, ба-релјефи и позлатени статуи. Во рударскиот басен Кузнец биле изградени 6 нови градови со по 100.000 жители, снабдени со машини за перење алишта, фрижидери, бесплатно греење во секој стан, електрично осветление на улиците. Тоа била тогашната советска Утопија на комунизмот. Тоа ви го изгради другарот Сталин, порачувала тогашната пропаганда. Тој станал современиот државен месија. Кога на работното место или во живеалиштето ќе се случела корупција, репресија, недостиг од храна, Русите се заканувале - треба да го известиме другарот Сталин! Народот не бил свесен дека бил соучесник на тоталитаризмот.
Денес е сепак 21 век и вредноста на човекот е поголема од секоја материјална вредност. Но, дали нашиот народ е свесен што му се случува и како е изманипулиран ? Дали е свесен и солидарен со социјално најзагрозените? Зошто фараонските градби не сочекаат извесно време, за некој од домашните Месии да не биде проколнуван од сите оние кои поради нискиот животен стандард и невработеноста, живеат несреќно и во сиромаштија, социјално се исклучени, нивните деца без еднакви шанси и умираат помлади од просечната должина на животот?