Пасворд и усер нејм

08.03.2010 | Гоце Ристовски (новинар) | Видено: 321

Мала селска куќа, таму некаде зад нозете на Бога. Полураспадната туристичка атракција, тукуречи вреден археолошки артефакт. Во собата за дневен престој Трпејца и Трпе. Трпе лежи на дрвениот кревет, а Трпејца ги плете косите пред огледалото во аголот.
- И да се гледаш и да не се гледаш и да се дотеруваш... иста си! Изнемоштена, испиена и исцрпена како грчката економија, та ни германските банкари не можат да те оправат. Ти свиснале подочници како грчките острови што ги токмат за продавање - вели одважно Трпе и ги преместува прекрстените нозе, со рацете под глава.
- За тебе се ујдисувам, бре Трпко мој. Сега си капен, од бања вратен. Крвта ти е зовриена од тоа жешката вода. Коските поднаместени, мускулите размрдани. Да видиш бравава долу да не ми е 'рѓосана. Лапни еден ап од тие витамините, да ти се вроџи вртикуќникот, па после ќе ти направам еден зелјаник со праз.
- Да не ти речам со што се римува праз.
- Секоја брава има две дупки. Една за клучот, другата за рачката - се кикоти Трпејца.
- Да ти кажам нешто тупава жено. Иста си како лимузина. До никаде сама не знаеш да појдиш. Треба да ти се качам, па да те возам. Да те пумпам, да ти клавам гориво - се смее со сила Трпе и потстанува полека.
Наеднаш се слуша силно тропање на вратата. Толку силно што Трпејца се извади од памет и и падна чешелот од раце, а Трпе се исплаши да не и падна камен од срцето, иако докторот рече дека камен има во бубрегот.
- Не плаши се Трпано, сигурно е „старо купувам“ во ова време - ја охрабри Трпе и подвикна - Немаме ништо старо за продавање! Фаќај си пат удолу.
- А, да не е поштарот бре Трпе - тивко прокоментира Трпеица, па подвикна извивајќи го тенко гласот како врбова прчка на ветер - да не си поштарот Јоско?
- А да не си Дурмо калајџијата, што ни калаисува казаните за ракија? А?- се уфрли Трпе како контролор во градски автобус.
И, ништо. Дваесет и девет пати и тупна срцето на Трпејца, чиниш ќе и излета настрана како фишекот на министерот за полиција, кога ја опра новинарката. На триесеттиот удар на возбуденото срце на Трпана наместо одговор, се слушна песна:
- Домаќине, добри гости ти дојдоа... Урла некој, како водителиве на телевизија.
- Гости немаме кането, свика луто Трпе, ѕиркајќи од прозорчето затворено со дрвениот капак. Неканет гостин пред врата стои. Не туку се дери како забеган, како некој недугав, кажи кој си? Да не си поштарот што лани умре од природна смрт, паѓајќи во ендек со точакот, троа напиен - буфна Трпе и остана жив. Па, откако се свести што стресе, продолжи. Или некој што ги менува умрените поштари.
- Јас сум државник, лидерот на опозицијата, дојдов да ве посетам, да ве прашам дали сте фармери? Како ви оди? Што ви треба?
- Машките се фармери оти се машки, а жените се фармерки. Така се вели. Јас сум фармер, а Трпана е фармерка. Ако си лидерот на опозицијата кажи пасворд.
- „Орелот го вика соколот“!
- Тоа не е пасворд, тоа ти е комунистичка лозинка. Научена ти е од партизанските филмови. Кажи пасворд. Најмалку осум карактери треба да имаш.
- Избори.
- Не поминуваш, не знаеш да броиш. Нема осум, има седум.
- Избори со извичник на крајот - се извади политичарот пропаднат во калта во дворот Трпески.
- Сега кажи прво прашање? Па, ќе видиме за отворање.
- Од кај вие фармер и фармерка, им се улизува политичарот за да го пуштат внатре, се разбирате во пасворд, и ги забришува италијанските чевли со тоалет хартија со левата рака, истовремено гледајќи колку е саатот на скапиот швајцарски часовник што сам се курдисува. А?
- Благодарение на Владата - грмнаа херојски како тешка артилерија Трпе и Трпејца.
- Имаме интернет-киоск во плевната Митрева. И компјутери во шталата Митрева, оти е празна. Кравите ги продадоа за да го вратат кредитот - продолжи Трпе солистички.
- Дур ги донесоа компјутерите, школото го однесе ветрот. Не го ни баравме, не бевме сигурни дали појде со ветрот или го истопи дождот. Затоа ги наредивме во шталата Трпева - ја затера на песна Трпејца со тенкиот глас како примадона. И на местото од кравите, се погоди бројката, толку крави беа толку компјутери ни донесоа.
- Ние сме фармери, ама стока немаме. Ја продадовме. Да си одите да не губите време со нас, одете по градовите маткајте ги невработените да го сменат името. Ние сме фармери ама на Фејсбук. Си правиме фарма на компјутер. Па, нели сме во 21 век. Млеко не ни треба, не ни го плаќаат, а ние не го пиеме, не сме бебиња. Си пиеме ракија. А, сега усер нејм кажи си, па да ти отворам - се осили Трпе од зад Трпана.
- Не се вели усернејм, туку јузернејм. Зарем не ме знаете кој сум. Погледнете ме убаво, ќе ме препознаете. Сетете се само кој ја направи независна Македонија. Сетете се за кого гласавте за просперитетна и стабилна Македонија?
- Леле, Љубчо, свика Трпејца, ама си се сменил! Не можеме да те препознаеме и гласот како преправен ти е, препукнат. Да не се распуши цигариња, сега кога ги забранаја. А ние си рековме да не е шлеперот што гази жаби, што ги направи фабриките со по еден вработен за беспари.
На тие зборови удри од небото силен дожд. Лидерот на опозицијата значајно се сврте кон сватовите набрани со него и свечено изјави:
- Работава е гола вода, како што вели еден откачен колумнист. Да одиме кај тутунарите и стечајците.
И дур да речеш „антиквизација“ - ги снема.