Писмо од 48-та

31.03.2010 | Владимир Милчин (режисер) | Видено: 208

Писмото го добив во петокот. Бел плик испишан со машина за пишување, латиничен шрифт. И содржината на писмото е пишувана со машина за пишување, латиничен шрифт. Наместо потпис, реченица: „Со почит и поздрав од група граѓани заплашени и понижени од ‘другарот’ и неговите партиски војници“. Господи боже, од кои ли времиња доаѓа оваа порака исполнета со страв? Кој ли тоа ми испратил СОС порака, напишана на машина? Денес и овде, во Македонија, земјата на компјутерите и интернетот? Кому му се измешале времињата? Мене, на заплашените граѓани или на „другарот“ и на неговите партиски војници, кои го оживуваат мракот од '48-та?
Го прочитав писмото двапати едноподруго. За да се уверам дека е денешно, двапати ја погледнав марката. Марката тврдоглаво сведочеше дека писмото е испратено преку поштата на Република Македонија. Одлучив со читателите да го споделам она што ми го напишале заплашените и понижени граѓани. Писмото го пренесувам во целина, ги скратив само повторувањата.
„Во Штип се одигрува една сталинистичка драма на населението, целокупно невидена од ерата на најцрниот сталинизам. Народ преплашен. Медиуми под строга контрола на ‘другарот’ градоначалник со апсолутна власт и страв. Во Штип со наредба на ‘другарот’ Алексов со повеќе од 500 партиски војници (волонтери - аматери) се мери целокупниот станбен фонд на општината. Партиските војници (аматери - волонтери), избрани со партиски клуч од разни професии и профили, присилно и неповикани влегуваат со закани во домовите. Веднаш ги кажуваат високите глоби од 200 до 500 евра за лица и 1500 до 2000 за организации. Преживеаните граѓани од национализацијата 1946 - 48 год. велат немало големи разлики од тогашните партизански војници кои вршеле национализација и денешниве партиски војници на Алексов и ВМРО. Единствена разлика - тие употребувале сила, денешниве - закани за големи глоби. Стресот и малтретирањето биле исти. ДИРЕКТНО ГИ КРШАТ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ. АВТОНОМИЈАТА НА СОПСТВЕНОСТ И ЛИЧНОСТ. Незаконито манипулираат со личните и имотни податоци, податоци заштитени со закон. Владата има и спот на ТВ. Пример на злоупотреба - ТВ Стар на 28.9. објави кој колку стана имал. Податоци добиени најверојатно од попишувачите.
ЗАКОНСКО МЕРЕЊЕ може да врши само Катастарот за премер, кој работи по меѓународни конвенции и норми. НЕЗАКОНСКИ ќе се потрошат народни пари. Наредбата е донесена без Советот, лично од ‘другарот’ Алексов. Консултираните правни експерти велат наредбата е скандалозна, апсурдна и правно неодржива.
Медиумите се доведени во смешна и жалосна состојба. Типично сталинистичка завеса во 2009. Радио Штип кажува стари вести, новите од пресот не ги кажува. ТВ Ирис воопшто не даде информации од пресот од пред 10 дена. ТВ Стар од пресот на 25.9. изјави се одржал пресот за мерењето и прекина понатака. Невиден страв и притисок. На пресот на 29.9. на СДСМ кажаа дека е вршен невиден притисок со сталинистички закани од страна на градоначалникот ‘другарот’ Алексов. Познат како конфликтна личност на Педагошкиот факултет. Физички го беше нападнал деканот. Кој го судеше.
Целата оваа глупа и незаконита наредба е за опорезување на бедните граѓани кои изградиле некој квадрат повеќе или шупа. ‘Другарот’ има купено нова кола БМВ од 55.000 евра, дограден спрат на четврти кат на стара зграда без јака статика. Покрај големиот отпор на станарите. ‘Другарот’ секидневно популистички ги злоупотребува медиумите за фалби. Некои да му се додворат го прогласија и многу убав и паметен. Доведоа и гатачка на ТВ. Невиден цинизам и примитивизам. Но, другарот нема време да прочита закони или не сака да ги почитува. Тој се смета за најпаметен, најсилен, сега и најубав.
Народот реагира, но нема кој да го заштити. Целокупната власт е во неговите раце. Како демократи, се надеваме ќе покажете интерес за стресот и малтретирањето кое се врши над граѓаните. Реакциите се кај 90% од граѓаните од сите партиски бои и непартијци“.
Задоцнето писмо на кое му биле потребни шест месеци да излезе од кожурецот на стравот на непотпишаните заплашени и понижени граѓани и, небаре порака во шише, да доплови до мене. И да ме поклопи со сеништата од минатото, за кое, признавам, и јас наивно мислев дека никогаш нема да се врати.
Се прашувам, уште колку вакви писма се заглавени во кожурецот на стравот на измамените и понижените граѓани? Се прашувам, кога солидарноста меѓу македонските граѓани ќе престанеме да ја мериме со дистанци од светлосни години? Се прашувам, кога ќе се најде на суд оној што наредил да му се поднесе прекршочна пријава на млекарот Душко Илиевски за дијагнозата дека се работи за кражба во сто чекори? Навистина, кога?