Полска, Македонците, Качински и Катин

16.04.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник) | Видено: 247

Македонците секогаш зборуваат со пиетет кон Полска. Македонскиот народ има некоја симпатија и топлина кон полскиот народ. И обратно. Полска го признава нашето уставно име, отворено ја поддржува Македонија, го признава македонскиот јазик.
Со децении наназад, стотици Полјаци на полските универзитети го изучувале македонскиот јазик. Во времето на граѓанската војна во Грција, пријателска Полска ширум ги отвори вратите за Македонците од Егејска Македонија. Како резултат на тоа, денес има многу македонско-полски мешани бракови, и во Полска, и во Македонија.
Од каде доаѓа таа солидарност, таа блискост, тоа разбирање? Можеби затоа што Македонците и Полјаците имаат слична историја. Полска била делена, пребришувана, укинувана, воскреснувала, се борела за свое место под сонцето... Ви звучи познато, нели?
Малку се народите кои во последниве 70 години имале страдања како полскиот народ. Полска плати огромна цена во 1939 година. Сталин и Хитлер беа до смрт спротивставени, но заедно се договорија за судбината на Полска. Договорот Рибентроп - Молотов за поделба на Полска е склучен на 23.8.1939 година. На 1.9.1939 година, нацистичка Германија ја напаѓа Полска, а на 17.9.1939 година следува инвазијата од СССР. Полска буквално гори од нападите на панцерите, Лувтвафе и НКВД. Ја поделија на половина кај Брест Литовск. Во историјата ја селеле 500 километри источно или западно, во зависност од силата на соседите и насоката во која туркале.
За време на советска инвазија, војската на Сталин заробува 8.000 полски офицери, а останатите 13.000 се свештеници, доктори, пратеници, кметови, писатели и чиновници. Политбирото на Комунистичката партија на СССР, на предлог на другарот Сталин донесе едногласна одлука за ликвидација на 21.768 заробени Полјаци. Ликвидациите ги спроведува НКВД, под раководство на другарот Лаврентиј Берија, а најчестиот метод е куршум во глава.
Нема судење, нема права. Само масовни гробници, без имиња и презимиња. За злоделото Советите ги обвинуваат Германците, но 50 години подоцна, вистината излегува на виделина. Завршува одрекувањето. Последните советски раководства го признаваат масакрот, а Владимир Путин требаше да биде првиот руски премиер, кој заедно со полскиот премиер заедно ќе се поклони пред жртвите од Катин.
Следуваат трагедиите на Варшавското гето и концентрациските логори на смртта. Полска беше нацистичкиот епицентар за геноцид кон Евреите, Словените, Ромите, германските дисиденти и сите противници на нацизмот.
Доаѓа епопејата на Солидарност, а во првите редови се Лех Валенса, браќата Качински, Карол Војтила... Комунизмот не падна самиот од себе. Ако ги немаше ваквите потфати, ќе си останеше ситуацијата како во Куба или во Северна Кореја. Во Прага и во Будимпешта ќе се возеа полонези, а народот ќе работеше за 50 евра месечно.
Оваа година Путин исправно ги нападна „циничните лаги“, кои го прикриваа масакрот во Катин. Церемонијата требаше да биде уште едно европско помирување. Контекстот ме потсети на Хелмут Кол и Митеран. Денешната Европа докажува дека умее да ги лечи раните од минатото.
Но, повторно се случи Катин. Тоа злокобно место повторно стана несреќа на полската интелигенција. Загина Лех Качински, кого милиони Полјаци го избраа за свој претседател. Се залагаше за традиционалните вредности, за моралот, за доблестите и ја нагласуваше улогата на Црквата. Ги застапуваше правата на неродените деца. Во економијата Полска беше единствената земја во Европа, која во 2009 година имаше економски раст.
Исто така, претходно беше избран за градоначалника на Варшава. Поради недоволна документација и закажан друг собир, ја откажува парадата на хомосексуалците. Качински истакна дека ја поддржува „Парадата на нормалноста“, на која дефилираат мајки, татковци, нивните деца, бабите и дедовците. Но, Качински истовремено се бори против каква било дискриминација или насилство против кого било.
Поради солидниот мандат како градоначалник, граѓаните на Полска го одбираат за претседател. Комуницира со секој, но за него приоритет имаа полските интереси. ЕУ бирократите некогаш му оддаваа признанија, но некогаш жестоко го критикуваа. Соработуваше со ЕУ, но повремено имаше несогласувања со еврокомесарите токму затоа што тој сметаше дека понекогаш Полска има поинакви вредности и интереси. Полските вредности се, исто така, европски вредности, кои не се помалку вредни, велеше Качински. Качински додаде дека некои евробирократи не се избрани директно од народот, а дека негова задача е да ги штити интересите на Полска затоа што полскиот народ го избрал за тоа преку директно гласање и директна демократија.
Како активист на Солидарност накратко беше затворен во 1981 година од диктатурата на генерал Јарузелски. За среќа, победуваат демократските принципи и упорноста на полскиот народ. Ја промовира револуцијата за уставност, а не рајот на утопиите. Утопиите водат кон гилотини и гулази, кон нови Сибри, Аушвици, Треблинки или Катини. Полјаците го знаеја тоа затоа што долго на нивен грб се одвивале големи експерименти, територијални хегемонии и експерименти. Затоа го почитуваа и гласаа за Качински. Историјата и личното искуство ги научило на тоа.