Предлозите на СДСМ, МАССО и Сорос се неприфатливи
05.02.2010 | Влатко Ѓорчев (пратеник)
Дали треба хомосексуалните двојки да посвојуваат деца? Дали треба законски да предвидиме хомосексуални бракови? Дали треба се да промениме? Дали треба да ја згазиме секоја традиција? Дали треба да го редефинираме бракот?
Тоа се вистинските прашања кои се кријат зад предлозите на СДСМ и Сорос – организациите. Започна канонадата врз предлог–законот за спречување на дискриминацијата. Иако нашиот закон ги има европските норми. Се нагласуваат традиционалните и уставните категории, како националност, вероисповед, пол и раса, но исто така се наведуваат и хендикепираните лица.
Но, реакциите на СДСМ и на неговиот партиски НВО-сектор ја покажуваат вистинската заднина за намерата за внесување на сексуалната ориентација во македонскиот закон. Намерата е јасна - овој закон да послужи како основа за измена на Законот за семејство и за посвојувањето.
Прво, нивната намера е да се донесе Закон за недискриминација со експлицитно спомнување на сексуалната ориентација. Но, тоа е само вовед во следните чекори.
Второ, треба да следуваат хомосексуалните бракови. Врз основа на усвојувањето на Законот за недискриминација и експлицитното спомнување на сексуалната ориентација, треба да следува промената на Законот за семејство во делот на бракот. Моментално, бракот во Македонија е дефиниран како заедница на еден маж и една жена. Но, намерата на СДСМ, МАССО и Сорос - пешадијата е во името на „еднаквоста“ и „недискриминацијата“ да се редефинира ваквиот традиционален брак. Нивната нова дефиниција е дека бракот да може да биде помеѓу двајца мажи или две жени.
Трето, доаѓа посвојувањето деца од хомосексуалните двојки. Врз основа на променетиот Закон за семејство, кој ќе предвиди хомосексуални бракови, да се промени делот со посвојување на деца од страна на хомосексуалните двојки. Во името на „недискриминацијата“, ќе се озакони децата без родители да растат со двајца „татковци“ во хомосексуална врска. Или, две „мајки“, покрај кои ќе бидат децата кои имаат 2, 3 или 7-годишна возраст.
Четврто, ќе следуваат закони со кои никој нема да може да каже дека за некого не е прифатлив хомосексуалниот животен стил на живеење. Новата Сорос и МАССО – инквизиција ќе донесе пресуда за „говор на омраза“ и ќе следуваат судски постапки. Намерата е да се спречи слободата на говор и мислење. Новата догма законски ќе ги гони луѓето кои ќе го заговараат традиционалниот брак на еден маж и една жена. Звучи невозможно? Во Шведска веќе се води постапка против свештеник кој јавно искажал став дека хомосексуалноста е грев, според учењето на Библијата и Коранот. Тој свештеник стана мета на новата диктатура на НВО машинеријата и помина месеци во комплицирани судски постапки.
Петто, следуваат тужбите за дозволување на можноста хомосексуалците да служат како свештеници во црквите и џамиите. Сорос – апологетите ќе настапат со тезата дека свештеничките места во црквите и џамиите мора да бидат достапни за хомосексуалците и ќе бараат понатамошна промена на легислативата.
Овие работи ви звучат невозможни? Погледнете ги сите 8 земји на светот во кои законски се предвидени хомосексуалните бракови и хомосексуалните посвојувања на деца. Секаде, буквално секаде, се започнува со мали законски интервенции. Навидум нема голема разлика, но сето тоа завршува со тектонски последици за општеството. Но, има членки на ЕУ како Полска и Латвија, кои имаат европско законодавство како македонскиот предлог. И тие се земји – членки на ЕУ, кои имаат свои вредности. ЕУ не е и не треба да биде идентитет во кои нема да се почитуваат националните особености. Секое општество може да се определи како ќе го дефинира бракот. Македонија се определува за традиционалниот брак, како Полска, Латвија, Литванија, Бугарија и други земји.
Целата операција на редефинирање на традиционалниот брак трае 5 – 10 години. Се оди чекор по чекор, а секоја законска измена служи како основа за нови барања на организациите на хомосексуалците и нивните поддржувачи. Во секоја од петте фази се слушаат истите аргументи. Обвинувања за дискриминација се слушаат се’ додека не се задоволат СИТЕ нивни барања.
Но, нашиот народ смета дека бракот треба да остане институција помеѓу еден маж и една жена. Децата без родители треба да ги посвојуваат семејства во кои има мајка и татко, маж и жена. Или, треба да ги посвојува жена или маж кој како самохран родител ќе воспитува детето во духот на позитивните вредности.
Ако еднаш го редефинираме традиционалниот брак, каде ќе заврши проширената дефиниција? Како тогаш ќе одговориме на барањата за полигамија? Женските организации поминаа децении во борба за женските права и еманципација, а во правец на борба против полигамијата. Но, како ќе се одговори на барањето за „слободна волја на 5 полнолетни особи кои сакаат да стапат во брак“? Врз основа на што ќе можеме кажеме дека бракот е само за две особи? Нивниот аргумент ќе биде дека тоа е нивно „право“, дека се полнолетни, дека се љубат и дека државата треба да ја озакони нивната љубов и заедница.
Или, како ќе одговориме на барањето за брак помеѓу татко и полнолетна ќерка? Или, полнолетен син и неговата мајка? Значи, ако еднаш ја редефинираме традиционалната брачна заедница на еден маж и една жена, тогаш нема крај на „креативните“ толкувања. Традиционалниот брак е вековна традиција, на сите меридијани.
И, не е фер е да им се дава карактеристика на нетолерантност на нашето општество и граѓани. Убедливото мнозинство на нашите граѓани се толерантни и хумани. Но, нашите граѓани не сакаат под плаштот на „недискриминација“ да се смени основата на нашето општество и да имаме промовирање на специјални права на група на граѓани кои имаат поинаков животен стил. Никој не треба да биде дискриминиран. Но, не треба да правиме општествена норма од различните приватни склоности на било која група на поединци. Македонија останува како толерантна земја која ги претпочита традиционалните вредности.